ММС

Објавено на: 04/15/21 6:54 PM

Маж ми во една соба се бори за живот, ќерка ми во друга за воздух – Голгота на семејството Маневски со среќен крај, преживеаја и ја гушнаа внуката Кјара

Во животот сум извојувал многу битки, за сите овие години играјќи на сцената, ама оваа ми е една од најтешките и јас сега го живеам вториот живот, вели Љупчо Маневски, еден од нашите најпознати играорци, првенец на Ансамблот „Танец“  и уметнички раководител на  Ансамблот „ Студио Фолклор“, кого го нарекуваат и македонскиот Баришњиков.   Љупчо искрено се надева дека  оваа војна со непознат непријател ќе ја добие и дека голготата што ја помина заедно со сопругата и семејството, ќе остане само како лош сон. Маката да биде поголема, додека се борел за живот, нему му се родила внука, па дополнително на сите маки, на сите емоции на страв, солзи, исчекување му се измешале и емоции на радост и солзи радосници.

-Да се радувам и плачам од среќа што ми се роди внука или да се плашам и плачам од мака и страв дали ќе преживеам за да ја видам, искрен е Љупчо за ММС, објаснувајќи ја траумата која тешко дека ќе ја заборави некогаш. А нема да ја заборават ниту сопругата Гордана, ќерката Стефи, синот Даниел и снаата Симона, кои ги употребиле сите оружја за спас.

-Се почна во истиот ден, кога син ми Даниел се јави и кажа дека сме добиле внука, се родила Кјара, а по половина час ни се јавија и ми кажаа дека тестот за корона е позитивен.  Замислете какви се тие чуства испомешани на најголема радост, сум добил внука и најголема и тага и страв дека сум позитивен и како сето тоа ќе го поминам. Се ми се испреврте.  Моментот кога дознаваш дека од своето дете ќе добиеш дете, како цел универзум да е со тебе и те прегрнува. Не знаеш дали да плачеш од радост или да врискаш од тага. И од таа вечер на најголема среќа, започнува борбата, започнува голготата, која не сакаш да ти се појави ниту на сон. За ден- два и позитивни беа ќерка ми Стефанија и сопругата Гордана, а потоа позитивен и дедо ми, таткото на сопругата, вели Љупчо.

Него короната наголемо го притиснала, па од сите позитивни во семејството, единствена со полесна клиничка слика била Гордана, која и покрај тешкотиите ги превземала работите во свои раце и се грижела за семејството.

 

-Со температура, изгубив вкус и мирис, но некој мораше да биде на нозе и да ги брка работите.  Љупчо беше со тешка клиничка слика, постојано висока температура, лоша крвни слики, па згора на тоа го нападна и Цитокинска бура. Кого попрво да гледам, себе или другите. Безброј примени инфузии, кислородна поддршка, антибиотици, борба за живот, кашлање, борба за воздух… Јас со мојата “полесна клиничка слика”  во еден момент не знам каде да фатам попрво. Ќерката во една соба се бори за воздух, а Љупчо во другата се бори за живот. Страшно нешто, но мора да, си присебен во тие моменти и да знаеш како да постапиш и да помогнеш. Јас по професија сум економист, но со оваа голгота станав и “потенцијален доктор за корона”.  Маката на се ќе те натера. Немаше да успеам без поддршка од наши блиски пријатели, доктори, пулмолог и радиолог, кои телефонски ми помагаа постојано во лекувањето. Ги следев нивните инструкции, за да истераме некаде до подобрување на болеста.  Таман малку се подопуштивме  татко ми го хоспитализираа, бидејќи е во сериозна состојба, вели Гордана и додава:

-Но лошото едно по друго доаѓа. Само што се опуштивме малку на Љупчо повторно му се влоши состојбата. Токму  кога помисливме дека ја победил опакава болест, на 20тиот ден откако мислевме дека заврши проблемот со корона, се случи пост ковид компликација. Му се појавија страшни болки, па веднаш го пренесовме во болница, каде му беше дијагностицирана  Емболија на лев бубрег. А потоа доби инфаркт. Целиот свет ни се сруши во истиот момент. Итна хоспитализација на Кардиологија и почна повторно борбата за живот. Фраксипарин, Д-дмери, хемостаза, тромбоцити, ЦРП и многу други термини, за кои никогаш немавме слушнато во животот а сега целото семејството ги знае веќе напамет. Ова лудило низ кое поминавме не може да се опише со зборови. Единствено нешто што сите не одржа во живот, кое ни беше светло на крајот од овој темен тунел, особено на Љупчо за да истрае во борбата за живот е да дочека да ја види внуката Кјара. Мислам дека таа мисла му даваа сила и верба во живот да истрае, да, се избори и да ги издржи сите болки. Секако целото семејство, но најмногу мислам внуката Кјара, која ја немаше видено, објаснува Гордана.

 

После сите маки Љупчо имал голема среќа што тромбот се закачил во артерија на бубрег.

-А имаше  мирни Д-дмери и тромбоцити, покриен беше со многу солидна терапија и секако лекарска контрола. Сеуште се чудиме како е можно  вака да заглави кога физички е многу спремен и има здрав организам. Земаше  многу суплименти и конзумираше само здрава исхрана. Но,  ете нема правила и ништо не се знае со овој проклет вирус, вели Грдана.

Љупчо успеа да преживее и конечно дочека да се сретне со внуката, која, како што вели му ја давала најголемата сила.

-Не можам да се заблагодарам колку и да сакам на многу пријатели, роднини, колеги, за поддршката која секојдневно ни ја даваа и беа со нас цело ова време. Најголема благодарност до доктор Маријан Балоски, пулмолог и д-р Вики Толевска, радиолог од „8 Септември“ и целиот тим на Клиниката за Кардиохирургија на чело со проф. Сашко Јовев. Покрај нивната поддршка, пак, ќе кажам,  желбата да ја видам внуката Кјара, беше посилна од се, таа ми даваше мотив и сила да ги издржам сите премрежја со овој невидлив непријател. А ме мачеше и тоа дали ќе можам повторно да заиграм, на оние штици што живот значат за секој еден професионален играорец. Од голготата низ која поминав заклучив дека вдишувањето и издишувањето не значат да живееш или да умреш, туку животот да го поминеш со оние кои ги сакаш и кои живот ти значат, додава на крајот тој.

Весна Миленковска

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.