ММС

Објавено на: 04/15/21 11:52 AM

Судиите да се спасат, а писарите не мора?! Функцијата, а не ризикот пресудна за вакцинирање во прасудството

На приоритетната листа за вакцинирање во судството на која беа само судиите и претседателите на судовите, се додале и членовите на Судскиот совет и комплетната администрација во него, без претходно да се одредат некои критериуми.

Здружението на судската администрација обвини дека на Листата за вакцинирање во правосудството е направена без ниту еден критериум, односно наместо да се земат во предвид возраста, хроничните болсти, што секако ќе било прифатливо за нив, вакцините се доделувале врз основа на еден критериум: функцијата.

Здружението бара од Судскиот совет информација врз основа на кои критериуми ја изработил листата за вакцинирање на вработени во судовите.

– Ако според Националната техничка група за имунизација против Ковид-19, при Министерството за здрвство, вработените во судовите се дел од критичната државна инфраструктура, нејасно е како тоа на листата за вакцинирање постои само една категорија на вработени во судовите. Зошто Судскиот совет не побара информација за бројот на заболени судски службеници од Ковид во изминатите месеци кои ги карактеризираат непочитување на мерките и препораките на Влада на РСМ и Комисија за заразни болести во најголем број од судовите. Можеше ли тие бројки да бидат помали доколку посериозно се менаџираше работењето во вакви пандемиски услови? – прашуваат од Здружението на судската администрација.

Нивниот претседател, Сашо Темелкоски, кој е вработен во Основниот суд во Прилеп, вели за ММС дека во критичната судска инфраструктура не може да бидат само судиите.

– Судиите кои сега се вакцинирани, не судат сами во судница. Со нив имаат и записничари, дактилографи. Тие нели се изложени на ризик исто како и судијата кој суди во предметот. Вработените во писарница секојдневно работат стотици странки кои не држат растојание. Тие не се ризична категорија? А, вакцина не добија ниту судските полицајци кои се најдиректно изложени на ризикот од зараза со Ковид – истакна револтирано Сашо Темелкоски и додаде дека довербата во судството полека ја губат  и вработените во судската служба.

Тој вели дека административците ќе прифателе доколку списокот се правел според одредени критериуми, на пример ако им се давало предност на постарите или хронично болните, но се вакцинирале и судии помлади од 40 години.

– Критериумот функција не смее да влијае врз јавното здравје. Ова го навлече револтот кај сите вработени.  Чувствува ли во судството некој одговорност што за разлика од органите на државната управа и единиците на локална самоуправа, во судовите и понатаму судските службеници работат во писарниците и канцеларии со повеќе свои колеги без можност да одржуваат ниту минимум меѓусебно растојание со што во континуитет го загрозуваат и своето и здравјето на своите семејства.. Каде е тука правдата и правичноста која треба да биде темелна вредност на секој судски систем почнувајќи од „сопствениот двор? – прашува Темелкоски.

Министерот Венко Филипче денес замоли оние кои не биле вакцинирани во првата фаза да имаат трпение и да ги почекаат новите вакцини и призна дека од сите институции кои беа означени како критична инфраструктура, само еден дел на вработени се вакцинирале.

– Прво тие кои што имаат најголем  ризик, а информациите ги земавме од раководителите на институциите, буквално и од Министерствата, поради тоа што со толкава бројка на вакцини располагаме. Како ќе се зголемува бројката на вакцини, така ќе се зголемува и бројката на вакцинирани граѓани. Апелирам на трпение и разбирање, еве доаѓаат вакцините и ќе има за сите – рече Филипче.

 

Орце Костов


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.