ММС

Објавено на: 04/15/21 10:46 AM

Од септември онлајн запишување на првачињата

Центарот за управување со промени (ЦУП) денеска на онлајн-конференција ги презентираше електронските услуги изработени во соработка со министерствата за образование и наука и за информатичко општество и администрација, во рамки на проектот „Дигитализација во јавниот сектор во РСМ за непречено функционирање“. Проектот е финансиран од Владата на Обединетото Кралство и поддржан од Британската амбасада во Скопје.

Зборувајќи за придобивките од дигиталната трансформација во општеството, министерката Мила Царовска истакна дека покрај квалитативна промена на сите степени на образованието во земјава, интензивно се работи и на дигитализација.

Министерката за образование и наука Мила Царовска изјави дека изминатиов период работеле на тоа уписите во основното образование од септември да бидат во дигитална форма.

-Ќе биде овозможено онлајн запишување на учениците од прво одделение и се надевам дека родителите ќе ја искористат оваа можност и повеќе нема да се создаваат големи гужви во училиштата – изјави Царовска.

Министерката Царовска изрази надеж дека родителите ќе ја искористат оваа можност за онлајн уписи на првачиња, и потенцираше дека нејзиниот мандат го одбележуваат токму реформите во основното образование.

На конференцијата за дигитализација беше истакнато и дека се дигитализирани и постапките за нострификација на дипломи и свидетелства стекнати во странство, како и онлајн можност за апликации на студентите за доделување на стипендии.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.