ММС

Објавено на: 04/14/21 10:37 PM

(ВИДЕО) Сити со пресврт закажа дуел со ПСЖ, Ливерпул не успеа да го пробие цврстиот Реал Мадрид

Во Дортмунд на поранешен „Вестфален“, шоу на двајцата англичани во различни дресови чиј збир на години не е поголем од 40. Џуд Белингем и Фил Фоден уште еднаш ја потврдија забелешката на фудбалската јавност за „никогаш поталентираната генерација на Англија“.

За жал, само еден од нив ќе патува во полуфиналето од Лигата на Шампионите, а тоа е играчот од средината на теренот кој игра за најверојатно идниот англиски првак. Во „црвениот“ дел на Мерсисајд, на Ливерпул повторно му се случи Реал Мадрид, овојпат малку порано во нокаут-фазата за разлика од пред три години.

Шансите за нешто повеќе и влез во топ четири за Ливерпул завршија прерано, уште во втората минута. Египетскиот репрезентативец Мохамед Салах излезе во „зицер“ ситуација со Тибо Куртоа и успеа да го погоди само во ногата. Белгискиот чувар на мрежата убаво го процени движењето на топката и намерата на некогашното крило на Фиорентина и Рома. Домаќините тргнаа силно во почетните 15 минути од реванш мечот и во 11-тата минута преку Џејмс Милнер имаа прилика да го отворат контото на голови. Сепак, Куртоа нема да брани за Реал Мадрид доколку не е „сува класа“ и обидот на неуморливиот Милнер го спречи со неверојатна парада.

https://www.youtube.com/watch?v=pUX0H6oQYds

До самиот финиш на првото полувреме, мадриѓаните ја презедоа топката од сопарниците, тактички и повеќе од одлично ги извршуваа задачите на својот тренер и едноставно го чуваа резултатот стекнат од „Алфредо Ди Стефано“. Салах по додавањето на Мане во 41-та минута шутираше над голот.

Ливерпул во вториот дел како да се предаде, сепак 45 минути е премалку за да се постигнат барем два погодоци против тимот кој дури 13 пати ја има покорено фудбалска Европа. На крајот, Ливерпул нула, Реал Мадрид нула и со вкупен резултат од 3:1, Реал оди на мегдан на Челзи во полуфиналето од ЛШ.

Неубедливо и потешко од очекувањата, Манчестер Сити повторно го порази со истиот 1:2 резултат германскиот противник и резервираше билет за полуфиналето. Тимот на Пеп Гвардиола претпазливо и не во свој стил стартуваше во Германија, а таквиот пристап уште во 19-тата минута „им се удри од глава“. Феноменалниот 17-годишник Џуд Белингем, со технички совршен удар од место го совлада Едерсон и му донесе резултат на Дортмунд кој во тој момент го водеше во посакуваната завршница.

Улогата на главна ѕвезда во тимот ја презеде од Ерлинг Халанд младиот фудбалер од Бирмингем, играјќи во две насоки, спасувајќи голови од линија и борејќи се со целиот „тешкашки“ среден ред на Англичаните. Кевин Де Брујн, веројатно и единствениот расположен за игра кај Сити, покрај Фил Фоден, во 26-тата минута со удар од далечина ја погоди пречката. Овојпат среќата ги следеше жолто-црните, но истата ги напушти на почетокот на вторите 45 минути, кога судијата играта со рака на Емре Џан ја окарактеризираше како недозволена и досуди удар од белата точка.

Алжирецот, Ријад Марез, сигурно го изведе пеналот, додека пак конечниот скор го постави младиот англиски репрезентативец, Фил Фоден, откако од 25 метри испрати силен удар во блискиот агол на несигурниот Марвин Хиц.

После ланското разочарување и своевидно експериментирање на Пеп Гвардиола во 1/4 финалето против Лион, сега светло-сините ја научија лекцијата и се доближија поблиску до популарниот сребрен „ушко“.

Првите полуфинални дуели во Лигата на шампионите место ќе заземат на 27 април, а реваншите ќе се одиграат една седмица подоцна.

Реал Мадрид-Челзи, Манчестер Сити-ПСЖ, време е за уживање и возбудлив финиш на „корона сезоната“ во најдоброто светско клупско натпреварување.

 

 

 

Фото:

Twitter / @Sporf

Twitter / @PFoden

Twitter

д.ј


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.