ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 04/14/21 9:35 PM

Среќни денови во Париз, Нејмар ќе ја продолжи верноста кон ПСЖ

Во таборот на парижаните овие денови атмосферата е на високо ниво. ПСЖ ја премости навидум непремостливата пречка наречена „европски првак Баерн Минхен“, елиминирајќи го од четвртфиналето во Лигата на Шампионите и одмаздувајќи му се за болниот пораз во ланското финале.

Иако на „Паркот на Принцовите“ екипата предводена од Маурисио Покетино загуби со 0:1, победата на гости минатата седмица од 2:3 беше и повеќе од доволна за ново последователно полуфинале во елитното натпреварување.

Од француската престолнина пристигнува нов бран убави вести, откако главната ѕвезда Нејмар изјави за бразилските медиуми дека само прашање на време е кога ќе стави потпис на нов договор со ПСЖ.

-Продолжувањето на договорот со ПСЖ не е повеќе тема на разговор. Очигледно, јас се чувствувам овде многу убаво, како да сум дома. Многу сум среќен, повеќе од претходно, изјави бразилскиот напаѓач за „ТNT Sports Brazil“.

Очекувањата се дека некогашниот играч на Сантос и Барселона ќе го носи дресот на францускиот шампион до 2025 година. Останува отворено прашањето дали и втората ѕвезда во тимот, Килијан Мбапе, ќе остане во главниот град на Франција или уште ова лето ќе се пресели во Реал Мадрид.

 

 

 

Фото:

Тwitter


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7