ММС

Објавено на: 04/14/21 2:29 PM

Не може детективи да бидат инспектори: Нема простор и услови за сите 35 „рамковни службеници“ трансферирани во Пазарниот инспекторат

Директорот на Државниот пазарен испекторат, Стојко Пауновски е скептичен дека може да се најдат соодветни работи позиции за триесет и петте лица кои оваа институција ги „доби“ со распределбата на вработените по Рамковен, односно со трансферот на службениците од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.

Овие службенци кои земаат плата без да одат на работа, бараат да бидат вработени во западниот дел од државата, иако институцијата кубури со инспектори на исток.

„Јас сум само претставник на институцијата, во таа институција јас не раководам сам туку со менаџерски систем. Од страна на Министерството за политички систем сите 35 лица што ги примивме треба да ги сместиме, да им обезбедиме услови за работа па истите да ги примаме. Баравме прием на инспектори и баравме да пополниме испразнети места на инспектори. За жал она што го добивме, од 35 вработени сите бараат да бидат вработени во во три града од западниот дел, а цел исток ни е празен со инспектори“, појасни денеска Пауновски.

Тој веќе имал средби и со министерот за економија и со министерот за информатичко општество и администрација, со кои дискутирале на темава.

„Вршиме напори за да дел од оние лица, кои ги задоволуваат критериумите, станат инспектори и да бидат корисни на државата, но и на самите себе. Тоа се правниците и економистите, кои може да ги издвоиме од таа група и во постоечката систематизација да направиме мало проширување за да не примаме лица како што се детективи со завршена криминалистика. Тие нема да може да извршуваат некаква надлежност во однос на она на кое постапуваме“, додаде Пауновски.

Директорот нагласи дека не може да бидат инспектори лица со несоодветно образование, бидејќи во тој случај, би имало враќање на почеток. Имено потсети дека пред три години, само една третина од вработените во институцијата биле инспектори, за разлика од денес кога нивнивот број е зголемен, иако не е доволен.

„Не сакаме да се враќаме на почеток и повторно да работиме на изнаоѓање решенија кои не не’ водат кон европеизација на самата институција. Верувам дека ќе изнајдеме решение. Немаме за сите простор и услови, но за еден дел ќе најдеме решение и ќе бидат вработени во Државниот пазарен инспекторат“, додаде Пауновски. Одговарајќи на новинарско прашање за колку од нив има услови, тој рече дека се работи за дванаесет лица кои се правници, односно економисти.

„Вкупно 12 од тие 35 лица се правници и економисти, па веќе имаме распишано тендер за набавка на инвентар за да може да седнат и да работат, да обезбедиме компјутер, а не и понатаму да седат дома, а да се водат како вработени“, додаде директорот на ДПИ.

Трансферот на 1349 службеници вработени според Рамковниот договор во новото Министерство за политички систем, беше најавен од ресорниот министер Артан Груби во јануари. Планот за трансфер помина и на владина седница, а според ваквиот документ, службениците се распоредени во повеќе институции, меѓу кои и Државниот пазарен инспекторат.

 

В.М.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.