ММС

Објавено на: 04/14/21 12:06 PM

Ветеринарите нема да добијат приоритет за вакцинирање

Ветеринарите нема да добијат приоритет во процесот на имунузација затоа што Министерството за здравство во моментов стратегијата за вакцинирање ја прави според возраста, односно предност ќе им даде на постарите лица.

Запрашан зошто ветеринарните доктори и ветеринарни работници не се ставени на приоритетната листа, министерот за здравство, Венко Филипче пред А1 Арена Борис Трајковски рече:

–  Во моментов приоритетот ќе се одредува според возраста затоа што сметаме дека старите лица се најзагрозена категорија.

Ова е одговор на реакцијата на ветеринарите кои уште во средината на март побараа да бидат дел од првата фаза на вакцинирање поради тоа што се изложени на вирусот исто како и останатите здравствени работници, а се чудеа зошто некои категории како нотарите и вработените на патарините се поважни од нив.

Филипче потенцира дека добро се одвива вакцинацијата и заклучно со вчерашниот ден се вакцинирани близу 30.000 граѓани.

– Во салата А1 Арена Борис Трајковски во Скопје денеска завршува вакцинирањето на вработените во критичната инфраструктура со што го заокружуваме тој процес и од утре почнува вакцинацијата на постарите граѓани како надополнување на овој систем кој веќе се спроведува во пунктовите. Тоа значи дека вакцинирањето во сите пунктови во државата и тука во Скопје продолжува со закажување. Фреквенцијата на спроведување е нешто зголемена во изминатите денови и од 700 до 800 вакцинирани дневно, сега има 1000 до 1500 вакцинирани и согласно пријавените термини тоа се спроведува во сите градови, истакна Филипче.

Тој посочи дека од утре ќе започне вакцинирањето и на граѓани на возраст под 75 години, кои се пријавени преку сајтот vakcinacija.mk или преку матичните лекари и тие ќе добијат термини, прво во Скопје, заради тоа што тука е најголем притисокот. Тоа, појасни Филипче, значи дека сите граѓани на возраст од 74 и 73 години кои се пријавиле во следниот период ќе бидат вакцинирани.

– Во овој момент од вакцината „Спутник В“ на крајот од денешниот ден ќе останат околу 2500 вакцини на кои ќе надополниме 2000 вакцини од „Астра Зенека“ од остатокот од 24000, заради тоа што близу 22000 вакцини се распределени и 1000 кинески вакцини кои пристигнаа како донација. Како ќе доаѓаат вакцините така овие системи ќе се надополнуваат, рече Филипче и додаде дека од компанијата „Фајзер“ преку директен договор на 19 и 26 април треба да стигнат по 10.000 дози.

Тој рече дека се сретнал со кинескиот амбасадор, кој презел обврска да направи што може околу приситгнување вакцини од Кина.

– Вчера имаше некое поместување, добивме информација дека административниот дел во Кина се забрзал. Исто така, очекуваме информација и од Руската амбасада за дополнителни количини на вакцината „Спутник“. Повторно би требало 76.000 дози на „Астра Зенека“ да стигнат до крајот на месецот за што утрово разговарав со претставничката на СЗО. Тоа што значеше помош преку трилатералните договори од ЕУ што ги најавија за месец април, очигледно дека ќе се поместат и според последните најави од утрово, е дека ќе пристигнат во првата недела на мај, истакна Филипче.

Тој нагласи дека се очекува од Кина да стигнат 200.000 вакцини кои ќе бидат распределени по овој систем на вакцинација, што веќе се спроведува ширум државата,

– Ќе работиме во овој период што е пред нас, очекувајќи ги кинеските вакцини што ќе направат најголема промена во динамиката на спроведување на вакцинација и места за масовна вакцинација во уште неколку градови по примерот на салата „Борис Трајковски“, а тоа ќе бидат градовите Куманово, Штип, Кавадарци, Битола, Охрид и Тетово, покривајќи соодветни региони околу овие здравствени домови што може овој процес да го изменаџираат со кадар, додаде Филипче.

 

Орце Костов

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.