ММС

Објавено на: 04/14/21 11:48 AM

ЕУ нема да ги продолжи договорите со производителите на вакцини со вирусни вектори

Европската комисија одлучи дека следната година нема да ги продолжи договорите за набавка на вакцини против коронавирусот со фармацевтските компании како АстраЗенека и Џонсон и Џонсон, чии вакцини се со вирусни вектори. Ова го објави италијанскиот весник La Stampa, повикувајќи се на извор од Министерството за здравство.

„Европската комисија во договор со надлежните од многу членки на ЕУ одлучи дека договорите кои се потпишани со компаниите кои произведуваат вакцини со вирусни вектори, нема да бидат продолжени кога ќе истечат“, пишува италијанскиот медиум.

Во групата на вектор-вакцини во кои се користи поинаков, безопасен вирус за „упатство“ на телесните клетки, спаѓаат вакцините на АстраЗенека и на Џонсон и Џонсон.

Довербата на населението во вакцините на двете компании е разнишана поради ретките случаи на згрутчување на крвта. Европската агенција за лекови објави дека постои поврзаност на таквите случаи со вакцината на АстраЗенека, но и понатаму смета дека користа од вакцината е поголема од ризикот за несакани последици. Компанијата пак, и претходно доцнеше со испорака на договорената количина вакцини, поради што ЕУ заостанува зад САД и Велика Британија, во однос на вакцинацијата на своите граѓани.

Во понеделникот компанијата Џонсон и Џонсон го одложи воведувањето на својата вакцина против ковид-19 во ЕУ, по што американската Агенција за храна и лекови испрати соопштение до медиумите барајќи привремена суспензија на вакцинацијата со оваа вакцина, исто така поради случаи на згрутчување на крвта. Европската комисија побара објаснување од компанијата за „целосно неочекуваната“ најава за доцнење на испораката.

La Stampa пишува дека Брисел во следните договори ќе се сосредоточи на вакцините кои користат mRNA технологија, како што се вакцините на Фајзер и Модерна, но и германската КјурВак која чека одобрение за употреба во ЕУ.

 

Извор:   hr.n1info.com


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.