ММС

Објавено на: 04/14/21 9:44 AM

Организацијата на работодавачи ги кочи законските измени во полза на работниците, обвинува Левица

Организацијата на работодавачи на Македонија, застапувана од Ангел Димитров, ги штити интересите на олигарсите и капиталистите, во континуитет ги кочи сите законски измени во полза на работниците, злоупотребувајќи ја позицијата за влијание во Економско социјалниот совет (ЕСС), обвинуваат од партијата Левица.

„Според инсајдерските информации на Левица, токму Ангел Димитров од ОРМ е причината за одложување на имплементацијата за предлогот „Недела – неработен ден“ (за кој Владата даде рок од две недели за изготвување решение и кој досега требаше да е донесен, а сега наместо да се применува од јули 2021, се пролонгира за 2022 год.). За штитениците на Димитров очигледно проблем е и покачувањето на минималната плата и обезбедување бројни подобри услови за работа на работниците во Македонија. Тој од својата позиција во преговори со синдикатите ја користи функцијата во ЕСС да дејствува спротивно на интересите на половина милион работници од приватниот сектор!“, обвини Левица.

Според нив, ОРМ делувала спротивно на сите прописи и била основана од физички лица наместо од работодавачи, па нејзиното учество во Економско-социјалниот совет е противправно.

„Тие, спротивно на позитивните прописи, се стекнале со права кои ги користат да ги кочат реформите и да ги оштетуваат работниците, а Владата и Министерството за труд и социјална политика – доколку веднаш не преземат мерки и не ја укинат репрезентативноста – се директни соучесници во овој нелегитимен процес.

Левица најостро го осудува ваквото експлоатациско и газдинско-феудално однесување на Ангел Димитров и на нелегитимната Организација на работодавачи на Македонија и јавно ја повикуваме министерската за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, како претседател на Економско – социјалниот совет, да ги преземе сите потребни дејствија за заштита на интересите на работниците кои во моментов се загрозени од страна на организација која е регистрирана како обично „здружение на граѓани“, спротивно на законот“, стои во реакцијата на Левица.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.