ММС

Објавено на: 04/13/21 11:03 PM

(ВИДЕО) Победите во првите дуели им обезбедија полуфинале на Челзи и ПСЖ во ЛШ

Голот на Чупо-Мотинг и мајсторските „ножички“ на Тареми, не беа доволни за Баерн Минхен и Порто да го надокнадат резултатското заостанување од првите четвртфинални мечеви во Лигата на Шампионите.

Тактички одлично поставениот Челзи, малку им го расипа впечатокот на своите фанови со примениот гол во последните минути од судиското продолжение, но им го поправи на оние неутралните љубители на фудбалот. Англичаните го контролираа во добар дел од двобојот темпото, имаа посед доволно за да се неутрализираат нападите на Порто, по некоја прилика и полу-прилика, идентично како и португалскиот шампион.

Фокусот на натпреварот беше ставен на средината на теренот, каде што Жоргињо и Канте добро се носеа со физички надмоќните играчи на Порто. Низа изблокирани шутеви на двете страни, скромна статистика во удари кон голот и тек кој му одговараше единствено на екипата предводена од Томас Тухел.

Моментот на четвртфиналниот судир, а можеби и воопшто во оваа фаза се случи во 93-тата минута кога Иранецот, Меди Тареми, додавањето на Нану го искористи на најдобар можен начин, постигнувајќи спектакуларен погодок со „ножички“. За жал, номиналните гости во реваншот немаа време да го шокираат освојувачот на натпреварувањето од 2012 година и да го одведат дуелот во продолженија.

Отсуството на играчот број еден на Баварците, не се почувствува можеби на првиот дуел помеѓу овие две екипи, но и те како беше евидентно вечерва на „Паркот на Принцовите“. Недоречените напади на Баерн Минхен преку Коман, Гнабри и Сане, со исклучок на Чупо-Мотинг кој повторно се најде на листата на стрелците и солидно ја заврши домашната задача, дополнително ја олеснија работата на домаќините кои резервираа билет за второто последователно полуфинале во елитното натпреварување.

Нејмар шутираше, Ноер со помош на стативите го зачувуваше својот гол, додека пак Мбапе играше за колективот носејќи на „грб“ по неколку противнички играчи и отворајќи им бришан простор на Ди Марија и Нејмар.

Единствениот погодок на мечот се случи во 40-тата минута, кога асистенцијата на Алаба некогашниот напаѓач токму на ПСЖ и Стоук Сити ja искористи и го матираше фантастичниот Кејлор Навас.

https://www.youtube.com/watch?v=HbyhJIU6cls

Актуелниот европски владетел ја играше својата игра, Париз Сен Жермен тактички дисциплинирано и на контра и полу-контра ја чекаше шансата, со оглед на огромниот влог и желбата за спортска одмазда по загубеното ланско финале.

Впрочем, солзите на Нејмар на крајот од возбудливиот двобој и „крикот“ на Паредес пред очите на Кимих, најдобар илустратор се за мотивот и тежината на издвојуваната победа.

Парижани, во полуфиналето ќе се судрат со подобриот од Борусија Дортмунд-Манчестер Сити. Таму англиските идни шампиони имаат минимално водство од 2:1, а Челзи ќе се соочи со подобриот од дуелот Реал Мадрид-Ливерпул. Екипата на Зидан со два гола предност ќе гостува на „Енфилд Роуд“.

 

 

 

 

Фото:

Тwitter / @Squawka

д.ј

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.