ММС

Објавено на: 04/13/21 7:46 PM

Не сакам на ќерка ми да кажам „татко ти почина“ или „си замина“, туку вистината – Со Васка Леонтиќ за подигање на свеста за еднородни семејства

Жена – лавица, таква е  познатата стилистка Васка Леонтиќ, која последниве две години ги добива сите пофалби за нејзиното мајчиство. Не е тајна како на свет ја донесе нејзината ќерка Ана, како животот и висеше на конец, тоа многупати досега го кажала, но таа веќе  заборави на тие проблеми, бидејќи почнува да остварува нова мисија. Васка, сега се бори категоријата „еднородно семејство“ да влезе во законските рамки, бидејќи оваа категорија на мајки и татковци, кои се повеќе ги има кај
нас, не се заштитени со Закон и не добиваат никаква помош, a тие мајки го направиле овој чекор,но со позајмени пари и не се моќни да го одгледат детето сами.Не секогаш успешните,богатите се одлучуваат на овој чекор како што е пракса и тренд во светот кај познатите личности,но не и пракса кај нас.  Таа за оваа борба засега е сама, бидејќи останатите кои го изоделе нејзиниот пат, сеуште не се подготвени отворено да зборуваат, бидејќи овој начин на родителство кај нас сеуште е табу. Леонтиќ за ММС  уште еднаш отворено прозборе за проблемите низ кои поминуваат овие родители.

Љубовта кон детето, секако е иста, но твоево се смета за едно поинакво мајчинство, кое кај нас сеуште е табу и е предмет на чудење и озборување. Зошто е тоа така?


-Тоа е нормално. На сите им е најпознато традиционалното семејство, со мајка, татко, брат, сестра.  Да биде исто како што е прикажано во приказните за децата, во сите  сликовници, како што впрочем и е во животот.  Но, веќе изминативе години, можеби десетина години наназад, во светот, а помалку кај нас, таа слика се менува, иако, за тоа сеуште јавно не се зборува, сеуште се крие. Јас познавам многу еднородни семејства, но се плашат јавно да зборуваат за тоа, кријат за да не бидат
осудувани, да не им се потсмеваат, да не бидат неприфатени од средината, па се плашат како после тоа ќе се развива детето.  Мислам дека најмногу заради децата луѓето молчат и кријат, не сакаат да
раскажат на кој начин го создале семејството, на кој начин станале родители.
Зошто да кријат, кога и како кај посвоените деца еден ден, кога ќе пораснат децата ќе прашаат кои им се родители? Па има и родители кои уште од мали им ја кажуваат на децата вистината?
-Да, се плашат и дека во иднина ќе бидат одбиени од своите деца, дека децата нема да ги прифатат и нема да ги сакаат. Од тој аспект тие молчат и измислуваат разни приказни, дека таткото е починат, дека таткото заминал. Не сакаат да ја кажат вистината дури и на своите деца, што за
мене е многу глупаво, бидејќи кога тогаш таа вистина ќе излезе на виделина, како што излегува и кај посвоените деца. Но, сега Законот за посвоените деца е сменет, дека откако ќе го посвојат на детето мора да му ја кажат вистината, за да не добива шок на 18 години, па потоа да трага по своите родители, што е многу нормално. Јас затоа почнав ова да го говорам во јавноста, често зборувам за еднородни семејства што многумина до сега не ни слушнале за тоа.  Јас цело време истражувам како да и пристапам со Ана, како да и помогнам. Разговарам со психолози, со педагози, кој да биде  начинот да и ја кажам вистината. Едни ми велат почекај до средно школо, други ми велат, колку порано толку подобро, додека е мала. Сите имаат различен став.

Но, генерално, и кога разговарав во пријателка која работи со деца и родители од еднородни семејство во Белград ми  го кажа истото, што порано тоа подобро. Прво треба да се почне со една приказна и како детето ќе расте приказната да се развива. Ана гледајќи ги цртаните филмови, од пред неколку месеци, почна секој маж да го распознава како татко. Токму поради тоа сметам дека во јавноста треба многу да се говори, за да не се дојде во ситуација кога Ана ќе појде во градинка децата да речат- тато.  Па таа веќе го бара таткото во домот. Таа вели мама, баба, тета и после- а тато? Јас велам тато не е тука ама ќе дојде. Тоа прво ми падна на памет. Во вујкото и братучедот Петар го распознава машкиот лик,ги обожава,прави идентификација,но не и е јасна сликата. Едно е јасно го бара машкиот лик во домот,како што ги гледа цртаните и приказот во приказните.  Ама Ана сега направи  две години и не очекував дека толку рано ќе ме праша, бев затечена. Со моите сега размислуваме каков став да заземеме и кога ќе прашува сите исто да зборуваме на таа тема. Најмногу и поради тоа почнав многу да зборувам во јавноста, треба сите да сватиме,  треба и  медиумите и државата и во училиштата да се говори за тоа. Има многу родители како мене и кога веќе се зборува за родител или за чување на дете да се кажат сите опции. Кога државата им ја дава таа можност на болниците да го работат тоа, навистина треба многу повеќе да се говори.

За да може да се подготват и самите деца,но најмногу и родителите на децата бидејќи тие се тие кои ги воспитуваат децата дома и тие се кои им ги пренесуваат или предрасудите или дека ги препознаваат различностите.Затоа сметам за  овие теми треба  многу да се говори во сите институци каде растат и се образуваат децата.Јас не знам дали ќе можам во иднина исто да заработувам и да и овозможам на  Ана  да учи во приватно училиште, би сакала да расте во една нормална средина, а во таа нормална средина ги има тие традиционални семејства. Во приватните школи повеќе се еднородни семејства,претежно се семејства,на приватници,странци или амбасадори или жени,или на некои други мисии пратени во Македонија, бизнисмени, кои немале време за љубов, немале време да се посветат на приватни врски, да созадат семејство и во тој случај кога ќе им заврши кариерата или кога сметаат дека дошле до врв на кариерата, тогаш сваќаат дека сакаат да имат семејство, да создадат семејство или дека годините ги надвасале па е краен момент да се направи тој чин. Во приватните училишта не е ова табу, таму веќе говорат на овие теми, многу се прифатени сите различности и препознаваат различности, освен традиционалниот начин на живот.
На јавноста не и е позната многу разликата за еднородно семејство, често ова го повруваат со самохраните мајки, но не е така…
-Па еднородно семејство не е само тоа жената да го прави сама, туку има и мажи кога тоа го прават, жени кои се силувани од маж, силувани од родител. Еднородните семејства не се само богати и познати мажи и жени, кои имаат многу пари, па сметаат дека ова им е хир и така одлучиле да ги
направат децата. Во еднородните семејства  сапаѓаат оние кои сами сакале тоа да го направат, не биле под притисок,  сами одлучиле да бидат родители и уживаат во родителството и се среќни сами. Но,  спаѓаат и оние кои  биле силувани и немале можност  за абортус, па биле присилени да го родат.  Разлика има голема. Самохраниот родител е сам затоа што или партнерот починал или се развеле, но имаат сродна врска и детето ја знае роднинската врска од двете страни, баби дедовци, тетки…

 

Знае дека таткото постои иако можеби таткото не го признава детето ама знае  детето, па во некои моменти се финансиски потпомогнати и од родителот, од државата или
семејството. Во еднородните семејства тој што одлучува да биде родител, одлучува буквално сам за се и да обезбеди буџет и да се грижи за детето и сам да одлучува за се понатаму. Кај самохраните родители едниот родител може да прави и сопки, па да не може да се потпише ниеден
документ, па детето да не може да патува. Тука сепак, двајцата родители ако се живи и ако имаат меѓусебна комуникација мораат заедно да одлучуваат за развој на детето. Во мојата ситуација, кога станува збор за еднородно семејство, јас одлучувам сама, освен ако не се омажам па мојот партнер изрази желба да го посвои или да го признае како свое дете. Тогаш веќе не си еднороден, туку си семејство.
Би се омажила?
-Јас не велам дека можеби во животот нема да сретнам некого, но можеби тој некој нема да сака да ја прифати Ана. Јас сум подготвена и на тој чекор, но пред да го направам тој чекор не сакам да го збунувам детето, сакам претходно да знае, да биде подготвено. Сакам да почнам да и раскажувам за да не биде после ете Ана ќе го запознае, а јас потоа ќе прекинам со врската, па на детето ќе му направам дополнителен шок.  Сметам дека во моменов не сум подготвена за мажење, не сум во ситуација да имам партнер и да го внесам во мојот живот. Можеам да имам врска, но без да го
вклучувам детето во врската. Таа врска да си постои да се развива, доколку сметам дека е навистина некоја сериозна лучност и заслужил да биде татко. Само во тој случај.

Инаку се е само дополнителен проблем, а на детето би му направила само лоша услуга, би го збунила и би ја повредила. Врската да се распадне, а детето да го чувствува како татко. Тоа би било многу неблагодарноод мене,а болно за неа.Во моментот мојата свесност и енергија ја давам на тоа како Ана да ја направам да биде стабилна личност и како оваа ситуација што јас сум ја донела таа да ја разбере и да не се срами и чуди. Додека таа порасне јас сакам ова  тема да се прифати нормално во јавноста, сакам да ја претставам различноста и  дека тоа е многу нормално и дека не сум само јас овој тип на мајка,дека мајчинството е тој кој го одгледува детето,не од каде се гените и кој го родил детето. Па откако прв пат прозборев за ова ми се јавија најмалку 15 жени,  ми кажаа дека речиси во ист период сме го направиле истото,но и колку посакуваат,но повеќе немаат пари се продале и ги исцрпиле сите средства да продолжат со процесот на  инвитро. Еден ден, кога ќе помине коронава сакам децата да ни се запознаат и да не им биде чудно.

Жените за ова не сакаат да зборуваат, како што зборувам јас ,ги разбирам и мене не ми е едноставно,но подобро е некој да почне одколку да се молчи и децата сами да го решаваат проблемот што е работа на родителите и на општеството.Јас не би сакала да кријам и планирам да напишам книга на ова тема,како еднородните семејства да си помогнат пред започнување на процесот и потоа. Ова не го направила ниедна болница, а треба да го направи. Ниедна болница, пред да се направи чинот не подготвува доволно,за еднородните семејства. Јас сама се подготвував, одев сама на информативни разговори. Што е битното во целата приказна? Битно е Ана  додека порасне сакам ова еднородно семејство да се прочуе и да се
охрабрат другите мајки кои кријат, но и оние кои сакаат во иднина  да го направат ова да не се двоумат и се охрабрат. Да се отворат веќе овие табу теми.
Од твоето искуство во контакт со другите жени, која е причината за да се одлучат на ваков чекор? Дали освен обврските околу кариерата, причина е  и разочараноста на жените во мажите? Можеби тој што ти е пратнер не го гладеаш како можен татко на твоето дете, неверување во институцијата брак..?

-Сите причини се по малку, моја претпоставка е. Јас  за мене можам да кажам. Сум имала прекрасни врски, многу  ме сакале, и ден денес контактираме, и покрај тоа што се некој од нив и оженети и имаат свои семејства. Ме советуваат како да ја чувам Ана. Супер врска имам и со нивните сопруги.  Години поминале, а пријателството останало. Јас буквално бев венчана за мојата фирма и мојата енергија ја насочував кон кариерата во која и ден денес уживам. Мене никогаш не ми беше доволно во мојата кариера. Секогаш сакав големи проекти, секогаш нешто
ново и секогаш ги бирав најтешките патишта за да направам нешто уникатно што никој пред мене не ни помислил ниту се осудил да го направи.  Како пред 20 години што се чудеа како една фризерка може да направи Обучен Центар и Академија.

Јас ги сакав  сите предизвици што беа пред мене, но не сретнав партнер кој ќе ме прифати толку многу да креирам и создавам во работата.  Тој проблем го имав. Немав проблем во врските, немав проблем да ме сака некој, да ме прифати како личност. И немав партнер што не му е пречка мојата работа, поточно не мојата професија туку времето кое го одвојував за работа. Што нема да му биде оправдана мојата возбуда и страст кон работата. Мене не ме задоволуваше кариерата само со фризерските услуги. Бев како заробена во салонот, немав предизвик, ме убиваше монотонијата со еднолична работа и да сум во конфор зона,но страста која ја покажував кон работата и восхитот од успесите мислам беа голема пречка. Но, се се смени во Македонија, културата, модата и начинот на живот,од тука почнав со Европските проекти и многу ми помогнаа да ги реализирам сите соништа и сите патувања низ светот, да запознавам многу контакти и од таму повеќе да ја прифатам културата на живот,а посебно различностите кои не се табу тема.

Имав чуство дека таму повеќе припаѓам и полесно да прифатам да живеам. Имав чуство како да  го живеам тој живот,но во Македонија, се додека не ја донесов Ана на свет.  А многу посакував да имам  човек  што ќе можеше да работи со мене или да превземе некоја моја фирма, бидејки имам три фирми и заедно да патуваме и заедно да го чуваме детето, да ја развиваме кариерата и да се надополнуваме,тоа беше мојот сон.Но, не можам да осудам никој дека е виновен, затоа што јас не сакав  да се откажам од мојата страст  кариерата или да работам со помало темпо и да  обрнам внимание на приватниот дел.


Откако се реши на вакво мајчинство, дали можеби некогаш ти дојде момент
да се покаеш, не затоа што си станала мајка, туку затоа што на ваков
начин си станала мајка,  свесна си дека си сама?  Ова го прашувам заради нашиот менталитет, каде многу од жените повеќе бираат да земат било kaков маж, колку детето да не биде без татко, отколку  сами да се борат.

-Јас не сакав било каков за партнер, а не па за маж.  Јас поголемиот дел од мојот живот сум била сама. Многу малку сум била со некој партнер. Јас кога ќе почнам некоја врска и ако уште првата или втората недела видам дека не ми одговара,не се пронаоѓаме, јас ја прекинував врската,но секогаш настојував да се сочува пријателскиот однос. Тоа се работи за кои ниеднаш не сум се покајала, само ми било многу тешко кога ги наследив болестите од бременоста, висок притисок, болки во ногата. Се кајам што пред време не најдов жена да ми помогне, мислев дека можам сама ама два пати колабирав, викав брза помош, а Ана беше мала и ја доев. Можев да се онесвестам а сама со детето. Многу неодговорно од моја страна што не слушав никого, што чекав  се до последен момент.

Не трпев никого во тој момент. Најдов жена пред да се породам да го одржува станот и многу ми зборуваше, а тоа мене многу ме иритираше. Во тој период бев страшно нервозна ми требаше мир и спокој. Тоа беа хормони, бев толку исклукана, па мене воздухот што го дишев ме нервираше, а не жената. Жената беше прекрасна, но јас не можев да делам простор со никого. Нејзиниот чекор мене ме иритираше. Тука се кајам. Тој страв се појави кај мене , да не ми се случи нешто. Што ако јас паднам? Кој ќе ја чува Ана.  Тој страв ми се појави и ме држеше цела година, се додека не ми се стабилизира притисокот, додека здравствено не застанав на нозе, додека не се почувствував силна. Не е само да го родите детето, не е само радоста, и помошта,  не е само осум часа туку 24 часа. Јас имав навистина  здравствени проблеми, а детето бара да јаде, бара внимание и грижа,љубов, но јас не можев на нозе да стојам. Тука се каам што не послушав поискусни луѓе, да најдам жена што ќе ми помага. Јас цело време мислев дека се сама можам и сакав се сама да правам,но не беше возможно.

Тоа ми беше еден одбрамбен механизам, не сакав да пуштам никој во мојот свет. Едноставно
мислев дека се сама можам. Но, не е така. Кога ми ја извадија матката беше дополнителен шок, тоа придонесе предвреме да влезам во климакс. Што значи организмот се подготвува за една друга фаза за која вие не сте подготвени.  Сите овие промени со помош на некој ќе беа полесни, но јас
жена за помош најдов дури после седмиот месец. Кога ми помина најтешкиот период.
Дали само жените кои имаат пари можат да направат ваков чекор? Колку
чини едно бебе?


-Да, треба многу пари. Јас ако пресметам навистина се многу пари, бидејќи со многу обиди сето тоа чини. Јас ја купив јајце клетката, купив сперматозоиди, купив од две банки, затоа што не стаса, ги искористив.  Во оваа ситуација имав партнери кои ме сакаа, но ми било непријатно да
кажам- штом ме сакаш  дај донирај  ми сперма,за мене тоа било таква глупост, само прифаќав доку е тоа взаемно. Сум помислувала и на таа варијанта. Ама не сум имала храброст.

Зошто?

-Јас да го превземам целиот чекор, а тој ни на хартија не е татко, но може да ме уценува во иднина со разни ситуации како што сум имала примери од пријателки. Од  таа гледна точка се одлучив да купам се и да немам никаква врска со никого и во воспитувањето и одгледувањето  на детето, никого да не мешам.  Не знам како во животот понатаму ќе се одвиваат работите. Јас веќе сум зрела личност. Но, дека е скапо, е многу скапо. Не знаете колку ќе треба да примите хормони пред, за време на бременоста и колку потоа.  Па терапии, па колку организмот ви е здрав. Државата дава помош за некој одреден број од клексани и хормони, но тоа е многу малку и плаќа за трансферот што ќе се направи до 45 години.

И што дава?

-За шест месеци, а вие за шест месеци не можете да ги соберете документите. А вас ве надвасуваат годините, не можете да стасате да ги искористите тие три обиди. Првиот пат добив делумна помош од државата,а тоа е за одредена количина на хормони само за една недела и за трансверот,но сето друго си е на сопствен трошок, но вториот и третиот не, бидејќи бев во години, дојдов до 48 години каде веќе не можев да ги искористам условите. Тука сметам дека државата треба да направи промена,   да не ги ограничува и дека треба да помогнат повеќе во однос на хормоните и хормонските терапии. Тоа е најскапиот дел што не може секој да го плати.
Од кој обид успеа?


-Мене првата бременост ми беше по природен пат, па настанаа компликации и го изгубив бебето. А вака успеав од трет обид. И си реков, ова е последен пат. Ако успее, успее, ако не здравје. Немаше да продолжам понатаму.

Како се снаоѓаш сега сама?  Ова го прашувам затоа што многу жени не се осмелуваат не само заради парите, туку и заради стравот како  понатаму сама со детето?

-Јас имам многу пријателки кои сакаат, а не се осмелуваат. Им е страв тоа да го направат сами. Страв им е како сами ќе го одгледуваат, како сами  ќе се соочат со моментот кога на детето треба да му се кажува вистината, а  повеќе од нив сакаат да бидат во комфор зона. Повеќе би
трпеле некој маж и да не го сакаат,ниту да има емпатија и љубов меѓу нив, само да се сигурни и безбедни или со финансии или покомотни во однос на чување и одгледување на детето. Не сакаат да работат,би седеле по цели денови дома и би кукале,не сакаат да се мачат.Но, пак ќе повторам, нокого не осудувам само давам примери што гледам жени и во мое опкружување и подалеку. Овој чекор по кој јас тргнав и со тие со кои се среќавав во болниците и потоа, го прават исклучиво силни и самостојни жени, жени кои во животот успеале сами и сами направле се. Немаат никакви очекувања од никого,самите умеат да го организираат сопствениот живот,а не да се споредуваат со туѓите животи и како другите живеат,туку создаваат свој свет и го живеат сопствениот сон. Жени на кои никогаш не им требало партнер да ги дружи на шопинг, на кино, на пазар.. Мора да имаат маж да им ги носи торбите.


Па ако реновираат маж да има да седи со мајсторите. Јас  во животот се буквално сама сум правела.  Па мене ми е тешко и со другарка на пазарење да одам,а не со партнер.  Не ми треба придружба за да нешто направам во животот. Ова го прават личности кои многу успеале, многу се самостојни и не се плашат да бидат сами и да живеат сами. Луѓе кои се навикнати да бидат со луѓе, кои имаат потреба од друштво, се плашат да останат сами. Тие не можат да го направат овој чекор. И подобро да не го прават оти ќе биде лошо за детето,а посебно за самите себеси,ќе бидат незадоволни и ќе го осудуваат детето или некој друг.
Кога сето ова го направи, на колку од луѓето околу тебе им направи „дилит“, бидејки те озборувале, те осудиле..?

-Немав таков проблем.И сите трпеливо ги слушав и од сите нив и ден денес учам и се надградувам, привилегија е кога работите со голем број жени кои поминале низ многу нешта во животот. Сите се воодушевија и кого познавам, а најмногу ме изненадија тие кои не ги познавам, ми се јавија да ми честитаат.
Многу  ми се јавија и да ме прашат кој е патот по кој сум отишла. На многумина сум помогнала што со разговор, што со совети, со препораки. Не сум имала некој да ме осуди, освен сестра ми, која секогаш се грижела како мајка кон сите нас и стравот од сите тие терапии хормонски не и се допаѓаше сето ова што го правам на своето тело.. Таа беше многу против, бидејки ми рече- „ако си менаџер, биди менаџер, не можеш да бидеш и мајка и жена“,сопствениот живот ќе го уништитш.

 

Таа знаеше колку сум посветена и колку сум принципиелна, сакам се да биде средено,навремено завршени обврските,проектите и се друго што ме опкружуваше. Не дека јас немам фрустрации, имам огромни , се  да биде под конец, како што сум живеела претходно, не сакам расфрлани играчки, сакам се да ми блиста. Ама за жал не може  се да биде така. Јас на почетокот бев фрустрирана, и не се согласувава со помошничките. Оваа жена не чини, таа не чини,  буквално изгубив многу енергија додека најдам тоа што барам.. Барав совршенство.  Ама сега кога фати короната, кога сум сама дома сваќам дека и пет жени да сме дома не можат да постасат, бидејќи детето си игра, па ги фрла играчките, па јаде, па со рацете фаќа и валка.  Не може да биде се изгланцано како што било претходно, кога немало дете.

Сваќам дека некои работи во животот се менуваат, јас ги прифаќам и се прилагодувам. А на првите месеци излудував, сакав да биде аптека, а не може. Така да сестра ми беше единствената која беше против ама сега е луда по внуката и ја прифаќа и се грижи подеднакво како и јас. Најбитно од сета ова што го изнесувам во јавноста е да знаат сите идни жени, девојки, мажи кои искрено,но вистински искрено посакуваат деца да не размислуваат и губат време,но не дека времето и годините ги втасуваат,дететео не е играчка.

Весна Миленковска

Фото: Вангел Тануровски

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.