ММС

Објавено на: 04/13/21 5:24 PM

За првпат, сите државни функционери ќе имаат ограничување на трошоците за угостителски услуги

Сите државни функционери ќе имаат ограничување на трошоците за угостителски услуги. Одлуката, како што попладнево соопшти Кабинетот за вицепремиерот за борба против корупцијата, е донесена на денешната владина седница.

Со неа, на сите државни функционери за првпат ќе им бидат ограничени трошоците за услуги во угостителските објекти при одржување на работни состаноци. Точно е определен износот што може да се користи по лице присутно на работниот состанок, а ограничувањето на износот е во зависност од функцијата на лицето кое го организира работниот состанок.

Со одлуката, како што се наведува во соопштението, се опфатени претседателот на Владата, замениците претседатели на Владата, министрите, замениците министри, генералниот секретар на Владата, заменик генералниот секретар, државните секретари, сите директори на институции, како и лицата избрани и именувани од Владата кои раководат со правните лица основани од државата.

– Целта на одлуката е истата да биде дополнителен механизам во ограничувањето и регулирањето на трошењето на буџетските средства, а предвидени се и соодветни контролни механизми и евиденција за реализираните угостителски трошоци што ги направил одреден функционер за одржување на работен состанок. Конкретно, при плаќањето, без разлика дали е со фактура, во готовина или со службена картица, функционерот до секторот за финансии во институцијата, задолжително мора да приложи и детален извештај за целта на работниот состанок, бројот на присутни лица, време, место и датум кога истиот се одржал. Без овие документи, Секторот за финансии во државниот орган нема да изврши исплата на угостителските трошоци, се појаснува во соопштението од Кабинетот на вицепремиерот Љупчо Николовски.

Во случај на пречекорување на дозволните лимити, лицето кое го направило пречекорувањето, ќе мора да го надомести пречекорениот износ на финансиски средства, најдоцна во рок од три работни дена од денот кога се одржал работниот состанок.

Државните органи се обврзуваат остварените трошоци за угостителски услуги да ги објавуваат јавно на веб страните на институциите.

– Во случај на непочитување на одредбите од оваа Одлука, се применуваат мерките од член 23 од Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата, стои во соопштението


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.