ММС

Објавено на: 04/13/21 5:00 PM

Мицкоски-Браун: Од големо значење е силната поддршка од „Конрад Аденауер” и ЦДУ во процесот на приближување кон полноправно членство во ЕУ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска заедно со секретарот за меѓународнсоработка и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Владимир Ѓорчев и секретарот за меѓународна соработка и пратеник Тимчо Муцунски остварија средба со директорот на Фондацијата „Конрад Аденауер” за Македонија, Даниел Браун.

На средбата, како што се наведува во партиското соопштение, се разговарало за актуелната политичка и економска состојба, каде што од страна на Мицкоски било посочено дека секојдневните скандали и афери од власта негативно влијаат на имиџот на државата, како и дека поради лошото менаџирање со економската и здравствена криза, се поголем број на граѓани ги губат своите работни места, а власта во недостиг на проекти и идеи ја носи државата кон економска пропаст.

-Немањето капацитет на власта да се справи со економската и здравствена криза, да набави вакцини за имунизација на населението ја носат земјата во економски пропаст, а граѓаните живеат се посиромашно. Од друга страна пак имаме секојдневни скандали и афери поврзани со актуелни функционери од власта кои негативно влијаат на меѓународниот имиџ на Република Македонија, рекол Мицкоски.

Тој изразил загриженост поради информациите дека земјава може да го изгуби безвизниот режим поради аферата „Мафија”.

-Ова практично ќе значи само уназадување на државата, а граѓаните нема да можат слободно да патуваат во земјите од ЕУ, со што наместо да се стремиме кон ЕУ, владата на СДСМ и Зоран Заев не враќа десетина чекори наназад. Дополнително немањето одговорност од страна на владините функционери само потврдува дека власта е во спрега со криминалот, нагласил Мицкоски.

Соговорниците ја потврдиле соработката меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Фондацијата Конрад Аденауер и се согласиле дека таа ќе продолжи со засилен интензитет во насока на понатамошно јакнење на капацитетите на партијата.

Мицкоски го информирал Браун дека полноправното членство на земјата во Европската Унија и понатаму претставува стратешка цел за ВМРО-ДПМНЕ, укажувајќи дека од големо значење е силната поддршка од КАС и ЦДУ за Македонија за процесот на приближување кон полноправно членство во Европската Унија.

 

 

MИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.