ММС

Објавено на: 04/12/21 4:22 PM

Замина талентираниот „читач“ на ликови – Методи Андонов, уметник,илустратор, карикатурист

Последниот разговор ни беше договор за соработка за нов проект. И без многу објаснување, Мето по првата реченица веќе имаше во глава што ќе ја надопони нашата идеја. Таков беше Методи Андонов, без многу зборови да препознае, да прочита ако треба и меѓу редови, но најмногу од се’ да опсервира. На крај излегоа неколку дестици портрет карикатури, што за проектот на Канал 77, „Ноќен експрес“, ги изработи човекој, кој беше мајстор да го прочита секој лик. Така, со неговото перо, а подоцна и со дигитален печат, беа создадени портрет карикатурите на многу поранешни и сегашни политичари, уметници, научници, музичари, професори, синдикалци.

На крај го заокружи својот печат со тимот на Ноќен експрес, кој и денеска на билборд е некаде по скопските улици.  Нас од тимот, не’ почести со целиот свој раскошен талент.

Потоа заедно ги реализиравме „Деновите на маргинализирани уметности“. На публиката во Струмица, која се дружеше со карикатурите на Мето, и’ подели витамини, како да знаеше дека ќе станат насушни во ова корона време.

Мето создаде стотици и стотици дела. Тимот на фестивалот на забавна музика „Макфест“ го имаше за свој соработник. Секоја година излегуваше со новото решение и секогаш свежо, со многу скриени пораки. Штипската јавност го знае како дел од новинарскот тим на „Штипски Весник“, а често можеа да се видат насловните на „Екран“, како и другите македонски весници.

Беше горд на Споменикот на Евреите во Штип и лут на вандалите, кои повремено го оштетуваа. На 11 март годинава, Еврејската зедница му врачи признание за ова обележје, кое го краси центарот на Штип веќе 36 години како сеќавање на штипските Евреи.

Методи Андонов го создаде и спомен обележјето на фудбалскаа легенда Драгослав Шекуларац, штипјанец по раѓање. Но, малку негови сограѓани знаат дека Мето не беше само автор и креатор на спомен обележјето, туку силно ја туркаше таа иницијатива, Шекуларац да биде славен од градот во кој се родил, а потоа со група луѓе, да ги вложи сите напори и да го донесе во Штип во поодминати години.

Методи Андонов имаше 75 години и уште многу несоздадени дела. Последниот наш разговор имаше уште една тема – портрет карикатурата што Мето ја изработи за Горан Гаврилов, основачот на Канал 77, кој исто така остави своја карактеристична уметност во етерот.

Мето, ти благодариме што ни го обои етерот! Вечна слава!


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.