ММС

Објавено на: 04/12/21 6:15 PM

(Видео) Не дозволив да изумре аманетот од дедо ми – Благородна Кулева е единствената жена јажар во Македонија

Велешанката Благородна Кулева е единствена жена во земјава која се занимава со јажарство. Таа негува семејна традиција која започнала во далечната 1927 година, а занаетот и е оставен како аманет од нејзиниот дедо Благој.

Иако е технолог по професија, Нона не сакала да се откаже од семејното наследство и веќе 25 години изработува јажиња и мрежи.

– Јас со јажарство се занимавам веќе 25 години. Овој занает е во моето семејство речиси еден век. Во времето на дедо ми Благој, секое машко морало да оди да научи занает и тој почнал да го учи јажарството од своите вујковци. Благодарение на неговиот занает ние егзистираме од 1965 година. Дедо ми Благој почина во 1977 година. Во дуќанот се уште работеше еден мајстор кој го научи занаетот од дедо ми и оттаму во 1989 година замина во заслужена пензија – раскажуваше Нона со трепет во гласот присетувајќи се на своето детство и годините поминати со дедо и.

Кога последниот мајстор заминал во пензија, татко и на Нона, Аце, сакал да го затвори дуќанот затоа што веќе работел како технолог во фабрика и не можел да му се посвети на овој специфичен занает.

– Во 90-те години, општина Велес не замоли да не го затвораме дуќанот и да продолжиме да го негуваме занаетот кој ми е оставен како аманет од дедо ми. Му рекле “Аце, дај некако да го одржуваме дуќанот, тоа е стар занает“. А, бидејќи и татко ми и мајка ми веќе имаа своја работа, а сестра ми е помала од мене десет години, јас бев избрана да продолжам да го негувам семејното наследство – се присетува Благородна на своите почетоци како јажар.

Во дуќанот на Градскиот пазар во Велес може да се најдат јажиња и оглави за животни кои се бараат и денес, но и спортски мрежи и плетени лежалки.

– Јажињата се бараат претежно за сточарство. Ние изработуваме оглави, ортоми и се што е потребно за да се опреми едно животно . Јажињата имаат и друга примена. Можат да се користат и за спортски мрежи, за одбојка, за ракомет ,кошарка и фудбал. Изработуваме и мрежи лежалки, разни лулки, подлоги за цвеќиња – вели велешката јажарка.

Еден оглав за коњ може да се изработи за два до три часа, додека за фудбалска мрежа се потребни седум дена, бидејќи претходно мора да се изработат јажиња за мрежата.

Јажињата се изработуваат стоечки, а основно средство за работа е чекркот. Нона вели дека според стариот и оригинален, тројца луѓе се потребни да се изработи едно јаже.

– Еден држи чингел доле, другиот оди, а третиот врти. Некој мора да ми придржува кога правам од подебелите јажиња. Сопругот, мајка ми или ќерка ми, секогаш некој од нив ми помага. За едно подебело јаже ми се потребни неколку часа – вели Нона.

На времето се работело со чист коноп, но поради забраната за одгледување канабис (коноп) за индустриски цели, јажињата почнале да се прават од јута.

Неодамна добила понуда да плете мрежа од коноп за потребите на еден објект. Мрежата требало да биде 24 метри долга, девет метри широка, односно  216 метри квадратни и требало да тежи околу 120 килограми.

– Сакав да ја работам мрежата, но тешко е да се најдат луѓе кои можат да ми помогнат. Ми беше голем предизвик да ја направам таа мрежа затоа што дебелината на мрежата која ми ја побараа може да се изработи само рачно, а не на машина – открива Благородна.

Таа се присети на неколку специфични нарачки од Скопје. Еден муштерија сакал Нона да му изработи минијатурен балон за летање со јажиња. Други пак, побарале да им изработи завеса од јажиња, а за еден ресторан од Скопје изработила преку 40 лустери од јажиња.

Но, нема да го заборави и муштеријата од Истанбул кој живеел во Велес и одгледувал коњи.

– Имам муштерија роден во Истанбул кој живее во Велес. Од Турција ми донесе оглави и ми рече да му направам исти, но малку поголеми за неговите коњи Цветко и Марко кои постојано му ги кинеа затоа што беа хиперактивни. Во една прилика тој ми кажа за занаетчиската улица во Истанбул во која имало многу дуќани со изработувачи на јажиња и ми рече дека морам да ја посетам иако и таму немало жена јажар. Едвај чекам да заврши пандемијата и со сопругот да ја посетиме улицата на турските јажари – додаде Ноне.

Освен што е единствената дама во овој машки занает, Благородна е единствена која има меѓународен сертификат за изработка на јажиња за чистење на пушки, за потребите во војската и полицијата.

– Со сопругот од 1994 година почнавме да изработуваме јажиња за чистење на оржјето во касарните, а од 1995 година се пријавувавме и на тендери. Во тие години, од велешката касарна го замолија татко ми да им помогнеме да се направат специјални јажиња за чистење пушки затоа што немале од каде да набават. Пред распадот на Југославија, ЈНА добивала јажиња од фабрика од Ужице, но по осамостојувањето нашата армија останала без нив. Ни дадоа едно јаже и ни рекоа направете ни алат за чистење – се присети таа.

Иако занаетот не е профитабилен и има се помалку работа, Благородна е среќна што ја има честа да се грижи за семејното наследство. Планира да изработува јажиња додека е жива.

– Продажбата е мала, но јас го сакам ова, се чувствувам убаво кога работам. Јас сум инжинер технолог, но мене ми е предизвик да направам нешто од конец.

Нејзините ќерка и син ги знаат основите на занаетот и иако работат други професии, Нона се надева дека некој од нив ќе го пренесе аманетот на дедо и на помладите генерации.

Текст: Орце Костов

фото и видео: Орце Костов

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.