ММС

Објавено на: 04/12/21 10:53 AM

Утре завршува вакцинацијата на вработените во критичната инфраструктура: Преостанатите дози од Спутник В ќе се распоредат по возрасни групи

Изминтите 48 часа за време на викендот беа денови  кои имаше намалување на новопримени пациенти во сите болнички установи споредено со крајот на минатата недела. Иако има таков тренд, се’ уште сме внимателни, има доволен капацитет, слободни болнички кревети и се’ уште трае систмот на ротација. Денешната бројка на новодијагностицирани е околу 300, но тоа е очекувано бидејќи во недела секогаш имаме направено помалку тестови. Ова го изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче оценувајќи дека вакцинацијата се одвива со добро темпо.

Досега се вакцинирани околу 25 илјади граѓани, а утре завршува вакцинацијата во салата „Борис Трајковски“, каде се имунизираат вработените во критичната инфраструктура согласно националниот план.

„Од среда останатиот дел на вакцини кои се останати од дваесте илјади дози Спутник ќе бидат распоредени по возрасни групи, онака како што сега се одвива вакцинацијата со АстраЗенека по вакциналните пунктови. Апелирам сите да се пријават на сајтот за вакцинација“, изјави Филипче.

Од среда вакцинацијата ширум државата продолжува по возрасните категории. Филипче најави дека како ќе доаѓаат понатаму вакцини, така ќе се дополнуваат двата системи, однсно системот на пријавување преку vakcinacija.mk и системот на пријавување преку матичните лекари.

„Приоритет се постарите граѓани.  Вакцинирани се целосно оние кои учествуваат во менаџирањето на кризата од почеток – припадници на МВР, армијата, вработените во училиштата, во градинките, правосудниот систем, во Собранието.  Денеска се на ред групата преку ЗНМ, оние кои се на првата борбена линија со своето навремено информирање“, додаде министерот.

Во салата „Борис Трајковски“ вакцинирани се околу 600 пријавени од медиумите. Од Здружението на новинари на Македонија се надеваат дека во следната фаза која се очекува наскоро, ќе може фа се вакцинираат сите медиумски работници.

„Оваа стратегија за вакцинација на работоспособното население ќе даде резултати во медиумите каде гравитираат многу луѓе. Апелираме за што помасовна вакцинација, секој од нас треба да испука еден куршум во оваа војна со пандемијата, а тој куршум е вакцината“, изјави претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски.

„Имаше голем интерес, но останаа многу колеги кои не го исполнуваа условот во оваа група да бидат вакцинирани. Се покажа дека новинарската професија е една од првите во кои има контакт со многу луѓе, имавме смртни случаи, имаме колеги кои сега се хоспитализирани и се надевам дека сите медиумски работници ќе ги заштитиме од корона“, додаде Тамара Грнчаровска од ССНМ.

 

В.М.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.