ММС

Објавено на: 04/12/21 10:13 AM

Преку Предлог закон, здравствените власти ќе бараат ограничување на цените на услугите на приватните болници

Министерството за здравство изготвило Предлог закон за измена на Законот за здравствена заштита. Целта е да се ограничи висината на финансиските средства кои приватните болници во земјава ги наплаќаат за лекување на пациенти со ковид-19. Предлог измената утре ќе се најде на владина седница, соопшти денеска министерот Венко Филипче.

„Сепак е криза, има потреба да се користи тој болнички капацитет и веќе утре на влада ќе го поднесеме Предлог законот за измена на Законот за здравствена заштита“, истакна Филипче денеска соопштувајќи ги најновите заклучоци од состанокот на главниот координативен кризен штаб.

Министерот истакна дека денеска треба да пристигнат две илјади кинески вакцини.

„Во февуари имавме иницијатива преку нашиот амбасадор во Абу Даби. Денеска ќе стигне донација од 2 илјади кинески вакцини на аеродромот во Софија и ќе бидат донесени тука. Ние го организиравме транспортот, веќе возилото е заминато за Софија“, додаде Филипче.

Вакцините кои ќе пристигнат во текот на денешниот ден ќе се додадат на сегашниот систем на вакцинирање на граѓаните по возраст.

Одговарајќи на новинарско прашање кога може дасе очекува вакцинацијата на вработените во маркетите, на таксистите, па и  на сите оние со хронични болести, тој ги повика граѓаните да бидат трпеливи и како што најави, процесот постепено ќе се забрзува.

„Хронично болните ќе се вакцинираат согласно возрасната група. Во секоја возрасна категорија, од 50 години нагоре огромна е бројката на пациенти со хронични болести, така што сега продолжуваме по возраст и соодветно на доаѓањето на вакцините, ќе се намалува возраста“, додаде министерот.

 

В.М.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.