ММС

Објавено на: 04/10/21 1:55 PM

Немирите во Северна Ирска продолжуваат, запалени автомобили и напади врз полицијата

Најмалку еден полицаец е повреден во нередите во Северна Ирска доцна синоќа, со што вкупниот број на повредени полицајци се искачи на 74, јавува Агенција Анадолија (АА).

Голем број лица се собраа во областа Тигерс Беј и ја нападнаа полицијата со Молотови коктели пред да втурнат запален автомобил во полициските комбиња.

Полицијата претходно ги затвори патиштата поради тревога по откривањето на сомнителен предмет.

„Евакуирани се одреден број домови, а на возачите им се советува да ја избегнуваат областа“, апелира Полициската служба на Северна Ирска.

Немирите траеја до рано утринава.

Нередите во Северна Ирска започнаа кога припадниците на Шин Фејн присуствуваа на голем погреб, а и поради напнатоста предизвикана од пограничните договори поради Брегзит, што повлече проверки на стоката помеѓу Северна Ирска и остатокот од Велика Британија.

„САД се исто така загрижени поради насилството во земјата“, изјави портпаролката на Белата куќа во четвртокот, по еден ден откако полицијата беше нападната и откако беше запален автобус за јавен превоз во Белфаст.

Унионистичките партии го критикуваа главниот полициски службеник Симон Брн од полицијата на Северна Ирска, за дозволата за таков собир и покрај ограничувањата за коронавирусот ​и побараа негова оставка.

Брн порача дека „нередите на улиците мора да престанат“.

Лидерите на Демократската унионистичка партија и на Шин Феин ги повикаа младите на смиреност.

Британскиот премиер Борис Џонсон и ирскиот премиер Микал Мартин истакнаа дека насилството не е прифатливо.

И покрај тоа, вчера толпи луѓе се собраа во Фолс Роуд, каде што престојуваат претежно католици, но не се пријавени судири со полицијата.

– Кревок мир –

Северна Ирска се памети по повеќедецениското насилство меѓу различните религиски деноминации и поради тероризмот, што пред околу 22 години ги одзеде животите на илјадници луѓе.

Северноирскиот конфликт – ерата на конфликт меѓу британската Влада и пробританските паравоени елементи од една страна и ирските републиканци и националисти од друга – заврши во 1998 година кога со Договорот од Белфаст се стави крај на повеќедеценискиот вооружен конфликт во Северна Ирска.

Велика Британија и Република Ирска го потпишаа договорот, со посредство на САД и осум политички партии во Северна Ирска на 10 април 1998 година.

Договорот, познат како Договорот од Велики петок, во голема мера стави крај на конфликтот во кој загинаа 3.500 луѓе.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.