ММС

Објавено на: 04/10/21 8:32 AM

Бесими за МИА: Иновативни решенија за фискална консолидација и финансирање на економско заздравување и раст

Одговор на новата ситуација предизвикана од ковид-кризата треба да даде Планот за финансирање на заздравувањето и забрзување на економскиот раст. Целта е да ги зголемиме вкупните инвестиции во економијата, заздравување и забрзување на растот, а притоа да останеме на планот на фискална консолидација преку нови форми на финансирање кои ќе го активираат и приватниот капитал. Поддршка имаме и од меѓународните финансиски институции кои впрочем поттикнуваат нови финансиски извори и инструменти во насока на задржување на стабилноста на јавниот долг.

Ова во интервју за МИА го истакнува министерот за финансии Фатмир Бесими, кој вели дека главната поента на планот е преку креирање и користење нови механизми, инструменти, фондови и извори на финансирање, да се создаде мултипликативен ефект, односно покрај планираните јавни инвестиции во износ од четири милијарди евра за период 2021-2025, да се мобилизираат неколкукратно повеќе средства и инвестиции од приватниот сектор.

-Со тоа, оценува, неколкукратно ќе се зголемат вкупните инвестиции во економијата и ќе се придонесе кон дополнително забрзување на растот на бруто домашниот производ и креирањето на нови работни места. Планот особено ќе поддржува еколошки и климатски проекти, иновации, како и иницијативи за поправедно општество.

Во интервјуто тој  говори и за реализацијата на капиталните инветиции по завршување на првиот квартал и влијанието на новиот КАПЕФ механизам, според кој се наградуваат оние кои прават поголема реализација, а предвидена е казна за оние кои нема да ги реализираат инвестициите.

– Годинава првпат во Законот за извршување на буџетот, имаме механизам кој ја мери реализацијата на капиталните проекти и предвидува корективни активности. КАПЕФ механизмот ги следи капиталните инвестиции по буџетски корисник и ги казнува oние кои имаат потфрлања, така што им се одземаат средствата кои не ги искористиле. Согласно овој механизам, утврдени се прагови од 15 отсто за првото, 40 отсто за второто и 65 отсто до третото тримесечје за реализација на планираните капитални расхoди по буџетски корисник. Оние буџетски корисници кои се под овие прагови, средствата им се резервираат средствата и истите нема да можат да ги користат, истакнува министерот за финансии.

Според Бесими гледано од аспект на реализацијата на капиталните расходи во првиот квартал од 2021 година, овој механизам дава резултати. Реализацијата на капиталните расходи во првото тримесечје, како што наведе, е 16,6 отсто или за 1,6 процентни поени повеќе во однос на прагот кој е даден со КАПЕФ.

Во интервјуто говори за економските резултати и наведува дека согласно економските движења во првото тримесечје, се наоѓаме во основното сценарио, односно очекувањата се дека 2021 година ќе биде година на заздравување и враќање на патеката на економски раст.

Министерот за финансии најавува дека во текот на следната недела како дел од даночната реформа ќе биде презентиран Календарот на даночна регулатива, кој е нова алатка за транспареност и предвидливост, преку која јавноста ќе има увид кои законски измени или нови закони ќе се носат во текот на годината во делот на даночната регулатива.

-Започнуваме процес на креирање поголема предвидливост, така што сите измени во даночната регулатива ќе се ставаат во примена од 1 јануари или по исклучок 1 јуни, со цел да има најмалку шест месеци од усвојување на законот од страна на Владата до негова примена, истакна министерот Бесими.

Пролетните средби завршија, во што се состои Планот за финансирање на заздравување и економски раст што го презентиравте и од кога може да се очекува да се стави во функција?

Планот за финансирање на заздравувањето и забрзување на економскиот раст треба да одговори на новата ситуација предизвикана од ковид-кризата. Имено, како резултат на кризата кај речиси сите економии во светот дојде до продлабочување на буџетските дефицити и зголемување на долгот. Сега, кога треба да се фокусираат на заздравување и забрзување на економскиот раст, фискалниот простор кај сите нив е ограничен и треба да се најдат нови начини за финансирање, односно  да се мултиплицира капиталот и да се стави во функција на инвестициите и поттикнување на економската активност.

Нашиот План за финансирање на заздравувањето и забрзување на економскиот раст е во таа насока. Имаме цел да ги зголемиме вкупните инвестиции во економијата, заздравување и забрзување на растот, а притоа да останеме на планот на фискална консолидација преку нови форми на финансирање кои ќе го активираат и приватниот капитал.

Главната поента на планот е преку креирање и користење на нови механизми, инструменти, фондови и извори на финансирање, да се создаде мултипликативен ефект, односно покрај планираните јавни инвестиции во износ од четири милијарди евра за период 2021-2025, да се мобилизираат неколкукратно повеќе средства и инвестиции од приватниот сектор. Со тоа, неколкукратно ќе се зголемат вкупните инвестиции во економијата и ќе се придонесе кон дополнително забрзување на растот на бруто домашниот производ и креирањето на нови работни места. Планот особено ќе поддржува еколошки и климатски проекти, иновации, како и иницијативи за поправедно општество.

Планирано е да се креираат развојни фондови, фондови за поддршка на иновации, гарантен фонд, еквити фондови, фонд за ризичен (venture) капитал и слични инструменти за поддршка на извозни компании, мали и средни претпријатија, како и социјални претпријатија. Се планираат јавни приватни партнерства, концесии и други инструменти за финансирање на јавни капитални проекти, но и на приватниот сектор. Тоа ќе бидат проекти кои се наведени во рамките на Националниот Инвестициски Комитет (НИК), како и нови проекти, кои можат да произлезат како иницијативи од јавниот или приватниот сектор.

За планот дискутиравме со претставниците на Светска банка и ММФ на Пролетните средби и наидовме на нивна поддршка, впрочем меѓународните финансиски институции поттикнуваат нови финансиски извори и инструменти во насока на задржување на стабилноста на јавниот долг. По детална разработка на инструментите и јавна презентација и дискусија, планот може да почне да се применува.

Го заокруживме првиот квартал од оваа година, во која беше најавена промена околу капиталните инвестиции и нивната реализација од страна на буџетските корисници. Ги имате ли податоците за првите три месеци кои од институциите го реaлизирале планираното, а кои не и според усвоената методологија на кои ќе им бидат одземени средства, а кои ќе бидат наградени?

– Годинава првпат во Законот за извршување на буџетот, имаме механизам кој ја мери реализацијата на капиталните проекти и предвидува корективни активности. КАПЕФ механизмот ги следи капиталните инвестиции по буџетски корисник и ги казнува oние кои имаат потфрлања, така што им се одземаат средствата кои не ги искористиле. Согласно овој механизам, утврдени се прагови од 15 отсто за првото, 40 отсто за второто и 65 отсто до третото тримесечје за реализација на планираните капитални расхoди по буџетски корисник. Оние буџетски корисници кои се под овие прагови, средствата им се резервираат средствата и истите нема да можат да ги користат.

Гледано од аспект на реализацијата на капиталните расходи во првиот квартал од 2021 година, овој механизам дава резултати. Реализацијата на капиталните расходи во првото тримесечје е 16,6 отсто или за 1,6 процентни поени повеќе во однос на прагот кој е даден со КАПЕФ. Капиталните расходи бележат процент на зголемување споредено со 2020 од 97,9 отсто или околу 2 милијарди денари повисоки и со 2019 од 146,4 отсто или околу 2,4 милијарди денари повисоки. Доколку се гледа реализацијата на капиталните расходи само на основен буџет, односно на министерствата и институциите, овој процент е уште повисок и изнесува 24 отсто од проектираното.

На веб-страната на Министерството за финансии може да се провери реализацијата на капиталните расходи по буџетски корисник, преку алатката за транспарентност каде овие податоци се објавуваат на месечно ниво. Во првото тримесечје, на пример, имаме буџетски корисник кој реализирал дури 88 отсто од планираните капитални расходи, како и повеќе буџетски корисници со над и околу 40 осто и 30 отсто реализација. Има и буџетски корисници кои воопшто не реализирале ништо од планираните капитални расходи. Средствата кои ги немаат реализирано им се веќе резервирани и ако продолжат со слаба реализација ќе им бидат одземени и насочени кон попродуктивни буџетски позиции, но доколку ги реализираат со забрзена динамика во следниот квартал, резервираните средства ќе им се ослободат на истите инстиуции за нивна реализација.

Каква е состојбата во македонската економија дали има можности да го издржи ударот од кризата?

– Од почетокот на годината се забележуваат позитивни економски резултати и глобално и кај нас. Меѓунaродниот мoнeтарен фонд ја подобри проекција за глобалниот раст за 0,5 процентни поени во однос на јануари и очекува истиот да достигне шест отсто во 2021 година. И министрите за финансии и економија и гувернерите на централните банки во земјите во Г20 констатираа дека има подобрувања на резултатите во глобалната економија.

Позитивни движења имаме и кај нас во првото тримесечје од годината. Тоа најдобро може да се види преку приходната страна на буџетот во првиот квартал, каде имаме раст на приходите од 4,4 отсто во однос на истиот период лани, односно повисоки приходи и пред почетокот на ковид-кризата.

Во првите два месеца, извозот на стоки регистрираше номинален раст од 9,8 отсто на годишна основа, со што со засилена динамика продолжија позитивните движења во овој сегмент. Увозот на стоки регистрираше номинален раст од 4,4 отсто, што придонесе трговскиот дефицит да се намали за 11 отсто. Се забележува и раст на кредитирањето со 4,4 отсто раст на вкупните кредити во февруари, со раст на кредитите на домаќинствата од 7,1 отсто и раст на кредитите кон претпријатијата од 1,4 отсто. Вкупниот депозитен потенцијал во февруари оствари годишен раст од 7,1 отсто.

Согласно последните макроекономски и фискални движења и очекувањата во однос на меѓународното економско окружување, домашната економија е предвидено да се врати на патеката на економски раст и да ги надмине шоковите предизвикани од пандемијата. Така, се предвидува дека закрепнувањето на надворешната побарувачка, што силно влијае на нашиот извоз, како и растот на домашната потрошувачка, поддржан и преку антикризните економски мерки, да бидат двигатели на економскиот раст.

Неизвесност и предизвици секако постојат и тие се поврзани со новиот бран на здравствената криза, односно импактот кој ќе го има врз нашите трговски партнери и економската активност во одредени сектори.

Во однос на кризата, еве стигнаа и вакцините во земјава, почна масовната имунизација, во кое сценарио остануваме и дали и она што е реализирано во првиот квартал води кон тоа дека ќе го оствариме замислениот раст на БДП годинава?

– Согласно основното или најреалистично сценарио, годинава очекуваме раст на економијата од 4,1 отсто. Очекувањата на меѓународните финансиски институции и на Народната банка се блиску до владините проекции, со проектиран раст од 3,8 отсто за годинава од страна на Меѓународниот монетарен фонд и од 3,9 отсто од Народната банка.

Оваа проекција е правена врз основа на претпоставките дека поинтензивен процес на имунизација на населението ќе започне во вториот квартал од годинава. Согласно  основното сценарио, се очекува кон средината на годинава да почне да расте и довербата кај инвеститорите и потрошувачите, што ќе резултира со закрепнување на инвестициите и приватната потрошувачка.

Согласно последниот преглед на Меѓународниот монетарен фонд од април 2021 година, економскиот раст во евро зоната е проектиран на 4,4 отсто за 2021 година, што претставува нагорна ревизија во однос на проекциите од јануари. Со закрепнувањето на нашите трговски партнери ќе расте и надворешната побарувачка.

Секако, постојат ризици поврзани со здравствената криза, односно пролонгирањето на пандемијата предизвикана од коронавирусот. Тоа би резултирало со ограничувачки мерки, реперкусии врз глобалните синџири на снабдување и надворешната побарувачка, влошени очекувања на деловните субјекти и на домаќинствата, како и намален прилив на инвестиции и парични дознаки од странство.

Во услови на материјализација на ризиците поврзани со меѓународното окружување, односно преполовување на растот на надворешната побарувачка, закрепнувањето на домашната економија може да биде забавено, но сепак годината би ја завршиле со позитивна стапка на економски раст.

Согласно економските движења во првото тримесечје, ние се наоѓаме во основното сценарио, односно очекувањата се дека 2021 година ќе биде година на заздравување и враќање на патеката на економски раст.

Каква е реализацијата на приходите во буџетот, средствата што требаше да се обезбедат преку еврообврзницата се веќе тука, има ли нешто што изненадува во моментов и треба да се промени?

Приходите во буџетот се подобри и во однос на преткризниот период. Во првото тримесечје од 2021 година вкупните приходи се натфрлени за 4,4 отсто во однос на истиот период лани, кога се уште не беше започната ковид-кризата.

Даночните приходи и придонесите се повисоки за пет отсто во однос на истиот период лани, при што даноците се наплатени во износ од 27,8 милијарди денари и се за 6,2 отсто повисоки во однос на истиот период лани. Растот на даночните приходи е по речиси сите видови даноци. ДДВ-то во првото тримесечје има наплата од 13,1 милијарди денари и е повисоко за дури 11,4 отсто во однос на истиот период лани. Данокот на добивка имa наплата од 3,1 милијарди денари и е на ниво повисоко за пет отсто во однос на лани. Увозните давачки се наплатени во износ од 1,9 милијарди денари и се повисоки за 10,4 отсто во однос на истото тримесчје лани. Персоналниот данок на доход е на скоро исто ниво како и лани, со раст од 0,8 отсто и наплата од 4,4 милијарди денари. Придонесите се наплатени во износ од 16,3 милијарди денари и се на повисоко ниво во однос на истото тримесечје лани за 3,3 отсто.

Расходите се извршуват редовно и во рамки на проектираното, со тоа што мора да се напомене и дека има и предвремена исплата по некои основи, како предвремената исплата на пензии за повозрасните граѓани за да се заштити нивното здравје.

Во рамки на капиталните расходи, во првото тримесечје реализирани се речиси четири милијарди денари или 16,6 отсто во однос на планот. Капиталните расходи бележат 97,9 отсто раст во споредба со 2020 или за околу две милијарди денари повисоки, или за 2,4 милијарди денари повисоко во однос на 2019 година.

Буџетскиот дефицит е во рамки на проекциите, додека во однос на минатата година за истиот период е понизок за -7,4 отсто. Инаку, тоа дефицитот е на ниво од 1 отсто од БДП, при што примарниот дефицит (без отплатата на каматите) изнесува 0,7 проценти од БДП. Кога го носевме буџетот за 2021, напоменавме дека кон средина на годината ќе се направи ребаланс, како што впрочем и секоја година се прави, и тогаш ќе има прилагодување на билансот согласно потребите и тековните состојби. Засега може со сигурност да се каже дека полнењето на буџетот оди согласно нашите проекции и очекувања, додека обврските се реализираат непречено и навремено.

Најавивте мерки за олеснување на ефектите од рестрикциите за угостителите, кога може да се очекуваат тие и мерките од петтиот пакет, со оглед дека некои од нив веќе ги преминуваат предвидените рокови?

-И едниот и другиот сет мерки може да се очекуваат набргу, во прашање се денови и секогаш се прават напори мерките да стигнат што побргу до стопанството и граѓаните, иако не секогаш може да се постигне со оглед на процедурите за законските измени.

Во однос на мерките за угостителите, теретаните и спортските центри и обложувалниците во текот на претстојната недела ќе бидат објавени мерките, односно моделот на обесштетување. Како што најави и премиерот, тоа ќе биде процент од приходите остварени во првото тримесечје.

Набргу, овие дејности, но и другите стопанственици погодени од кризата, како и граѓаните, ќе можат да ги очекуваат и мерките од Петтиот пакет кои се во собраниска процедура. Дел од роковите се пробиени, но ќе се направат прилагодувања преку амандамни за да може истите да се ползуваат. Така на пример, кај мерката финансиска поддршка за исплатата на плати, на работодавачите ќе им се даде можност истовремено да аплицираат за двете плати – и февруарската и мартовската. Рокот за мерката за финансиска поддршка за ранливите категории на граѓани, исто така ќе биде поместен до крајот на месецов.

Целта е мерките да стигнат до граѓаните и стопанството и да го дадат економскиот и социјалниот ефект поради кои истите се донесени. Мерките даваат резултати, како што видовме и од претходната реализација кај четирите пакети. Владиниот стимул придонесе за двојно амортизирање на економскиот пад лани, поточно, според калкулациите на Министерството за финансии, истиот е амортизиран за 4,2 процентни поени, односно без мерките падот ќе достигнеше дури 8,7 отсто.

Од појавувањето на коронавирусот, Владата на Република Северна Македонија е максимално посветена на справување со негативните последици врз економијата. Во рамките на четирите пакети кои се предмет на анализа,  донесени се околу 70 различни мерки, со кои се опфатени и  поддржани компаниите  и граѓаните погодени од пандемијата. Износот на имплеметираните мерки, односно мерки кои им биле ставени на располагање на граѓаните и на стопанството е 860 милиони евра или 82 отсто од вкупниот план за износ на мерки. По пакети – првиот пакет антикризни мерки е имплементиран со 90,1 отсто, вториот пакет мерки е 100 отсто имплементиран, третиот пакет 75,4 отсто и четвртиот пакет 72,7 отсто. Мора да се нагласи дека некои од мерките од третиот и четвртиот пакет се реализираат во текот на оваа година, така да вкупната имплементација на мерките во однос на планот може да се зголеми па дури да достигне и до  може да достигне и до 99 отсто имплементација.

Започнавте дискусија со стопанските комори за реформа на даночниот систем. Кога може да се очекува даночната реформа и дали насоката во која одите со разговорите е враќање на прогресивното оданочување или задржување на рамниот данок? 

-Неделава имав состаноци со претставници од сите стопански комори – Стопанската комора, Сојузот на стопански комори, Комората на Северозападна Македонија, Советот на странски инвестиции, Асоцијацијата на компании со технолошки напредно призводство, МАТТО, МАСИТ, коморите на германско стопанство и е-трговија.

Целта беше да се информираат за тековната состојба и структура на даночниот систем, каде сме, и што сакаме да постигнеме. Сакаме даночен систем кој е ефикасен, праведен, транспарентен, модерен, едноставен и разбирлив. Моделот и реформите ќе произлезе од дискусијата со засегнатите страни. По средбата со бизнис заедницата ќе имаме средба и со академската и експертска јавност, со невладиниот сектор итн. Ќе имаме повеќе дискусии, нема да се ограничиме само на овие. Важно е сите промени да се носат низ еден инклузивен процес кој ќе донесе најголем бенефит за граѓаните, фирмите и економијата воопшто. Реформата треба да започне оваа година.

Тука би сакал да истакнам дека во насока на зголемување на превидливоста во однос на даночната регулатива, креиравме нова алатка за транспарентност и предвидливост Kалендар на даночна регулатива, која во текот на следната недела ќе биде претставена на јавноста. Преку оваа алатка, целата јавност ќе има увид кои законски измени или нови закони ќе се носат во текот на годината во делот на даночната регулатива. Исто така, со ова се одговара на барањето на Стопанската комора на Северна Македонија за „Даночен календар”, односно да се даде шестмесечен грејс-период од усвојувањето на законот од областа на даночната регулатива, до негово ставање во употреба.

Имено, започнуваме процес на креирање поголема предвидливост, така што сите измени во даночната регулатива ќе се ставаат во примена од 1 јануари или по исклучок 1 јуни, со цел да има најмалку шест месеци од усвојување на законот од страна на Владата до негова примена.

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.