ММС

Објавено на: 04/10/21 7:00 PM

Како ќе се патува на фудбал во Букурешт и Амстердам? – УЕФА на почеток на мај ќе ги пушти влезниците за Еуро 2020

Влезниците за историските натпревари на македонската фудбалска репрезентација во Букурешт и Амстердам ќе бидат пуштени во продажба во првата недела од мај, објави Европската фудбалска куќа УЕФА при обелоденувањето на деталите за организацијата на Еуро 2020. УЕФА ги откри деталите за Европското првенство кое беше одложено за една година поради пандемијата на Ковид-19.

“Продажбата на билети што се резервирани за македонската, унгарската, шкотската и словачката репрезентација, кои се пласираа на Европското првенство преку плеј – оф, ќе започне на почетокот на мај, соопшти УЕФА.

Избраниците на селекторот Игор Ангеловски првите два натпревари, против Австрија и Украина, ќе ги играат во Букурешт, додека за третиот натпревар ќе се преселат во Амстердам каде ќе ги пречека домаќинот Холандија.

Осум градови потврдија дека ќе дозволат играње со публика, а меѓу нив се Букурешт и Амстердам чии стадиони ќе бидат исполнети до 33 отсто од капацитетите, со можност процентот да биде зголемен во зависност од здравствената ситуација.

Она што е важно за македонските фанови кај кои постои огромен интерес за следење на мечевите на Пандев и соиграчите, е што во Букурешт може да се патува само со негативен тест на Ковид-19 и влезница в џеб ако патувањето трае помалку од три дена.

Двата натпревари се на временска дистанца од четири дена, на 13 јуни играме со Австрија во 18 часот, а на 17 јуни ќе се сретнеме со Украина од 15 часот.

Според здравствените мерки на Романија, македонските фанови ќе мора после секој меч да се враќаат назад во Македонија со цел да избегнат карантин, а тоа ќе значи и вадење на два негативни ковид тестови за двата меча во Букурешт кој од Скопје е оддалечен околу 700 километри.

Санкт Петерсбург и Баку потврдија дека ќе дозволат публика за  50% од капацитетот на стадионите, Будимпешта сака 100% да го исполни својот стадион, но со строги мерки за гледачите, Амстердам, Букурешт, Копенхаген и Глазгов ќе работат со 25% – 35% од својот капацитет, а Лондон потврди минимум од 25% капацитет за првите три меча од групната фаза.

Она што е важно за нас е дека Букурешт и Амстердам ја оставија опцијата да го зголемат капацитетот на публика во зависност од здравствената состојба, а на истото се надеваат и Лондон, Копенхаген и Санкт Петерсбург.

На 19 април ќе се изјаснат и останатите четири домаќини, Билбао, Даблин, Минхен и Рим, а тогаш УЕФА ќе соопшти подетални протоколи кои се работат заедно со Светската здравствена ситуација.

УЕФА соопшти дека фановите треба да имаат во предвид дека ограничувањето на влезот за странски туристи ги прави секоја од земјите домаќини во зависност од фазата на вакцинација, бројките на новозаразени и отворањето или затворањето на економијата. Од ова не се исклучени ниту навивачите кои веќе имаат влезници. Дел од мерките може да бидат задолжителен карантин, негативен ковид тест, лимитирано време на престој и во некои случаи и целосна забрана за влез на странски туристи.

Орце Костов


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.