ММС

Објавено на: 04/9/21 6:20 PM

Ветеринарите разочарани од МЗ: Нотарите и работниците на патарини приоритетни за вакцина, а ние не?!

Докторите по ветеринарна медицина, како и вработените во здравствениот сектор треба да добијат приоритет во процесот на имунизација, вели за ММС, претседателот на Ветеринарната комора, д-р Томислав Николовски. Дел од здравствениот секор да, но ветеринарите и вработените во ветеринарните ординации се изземени од приоритет за имунизација. Оттаму и Комората уште на 17 март испратила писмо до министерот за здравство, Венко Филипче со барање ветеринарите да ги третира како лица кои ги одржуваат есенцијалните сервиси на заедницата и истите да ги стави во приоритетните групи за претстојната вакцинација, но до денес од МЗ немаат никаков одговор.

ММС упати прашање во Министерството за здравство, но ни одговорија дека „во моментов се вакцинираат приоритетните групи на граѓани предвидени според Националниот план за имунизација“. Во случај да има измени на Националниот план за имунизација, ќе ја информираат јавноста.

-Но, во Националниот план за имунизација никаде не стои дека приоритет треба да имаат нотари или вработени на патарини, а сепак, како што дознавме им е речено да бидат подготвени. Не е можно ние како медицински лица да не сме третирани во ниедна група, кога се знае дека кај нас домашните миленици не одаѓаат сами, туку ги носат газдите, за кои не знаеме дали се носители на вирусот или не. Во нашите ординации секојдневно поминува поголем број на луѓе со кои сме во директен контакт, за разлика од нотарите или вработените на патарина, кои баш и немаат директен контакт со возачите на кои им наплатуваат,  велат дел од ветеринарите кои ги контактиравме.

„Согласно Националниот план за Ковид-19 вакцинација во Македонија, вакцинацијата се спроведува со цел сузбивање на Ковид епидемијата во Македонија, намалување на морбидитетот и морталитетот на ризичните групи, намалување на појава на компликации и смртен исход, одржување на виталните функции на заедницата и ограничување на преносот на вирусот помеѓу популацијата. Во согласот со погоре реченото, потенцираме дека вработените во ветеринарно-здравствениот сектор во континуитет и непрекинато работат во спроведувањето на мерките и активностите за заштита на здравјето на животните, безбедноста на храната и јавното здравје кои претставуваат витални општествени функции и истите се во секојдневна блиска професионална комуникација со голем број на клиенти. Следствено на тоа, постои реална опасност истите да се заразат, а поради природата на својата работа да ја дисеминираат болеста во пошироката популација“, стои во писмото од Ветеринарна комора упатено до министерот за здравство.

Додека чекале, а не добиле одговор од министерот, ветеринарите преку нивните колеги од комората во Србија успеале да издејствуваат вакцинација на 150 колеги.

– Многу е важно што побрзо да бидеме вакцинирани затоа што и ние сме дел од ризичните категории. Затоа организиравме масовна вакцинација преку комората од Србија која ни обезбеди специјален пункт без чекање редови во Ниш, а вакцини примија 150 наши членови. Ние сме околу 650 лекари ветеринари и околу 350 лица медицински и технички персонал. Не сме многу и може да се најде простор во системот за имунизацијата. Очекуваме да ни одговорат позитивно со што би покажале израз на почит кон струката – претседателот на Ветеринарната комора, д-р Томислав Николовски.

Орце Костов

фото: Приватна архива на Facebook

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.