ММС

Објавено на: 04/9/21 6:21 PM

(Видео) Секој ден се трудам да бидам подобар човек – Пејачот Новица Василевски наполни 50 и за втората половина од животот посака здравје и среќа за сите

Популарниот фолк пејач Новица Василевски, пред неколку дена со голема журка го прослави јубилејниот 50. роденден.  Журката беше во македонски ресторан во Мелбурн, Австралија, каде тој со сопругата Татјана и синовите Петар и Стефан живее последниве неколку години. Радости, песна, среќа, но и солзите не успеја Новица да ги задржи.  Кога човек ќе наполни 50 години има чувство дека половина век веќе изодел и му остануваат уште половината години до стотка, години на зрелост, години кога најважно е здравјето, па се друго. ММС разговараше со Новица на тема роденден, но и живот и музика.

Која ти беше првата помисла дека полниш 50 години? Среќа и радост дека си жив и здрав, нека се множат, но и можеби страв од старост?

-Никако страв затоа што уживам во секој нов ден што Господ ми го дарува. И секако среќа затоа што сум опкружен со луѓе што ги сакам и ме сакаат.

Дали 50 години се време на преиспитување на приоритетите во животот?

-Како си поминуваат годините моите приоритети не се менуваат, а тоа се моето семејство и пријателите.

Кога си го враќаш животот на изминатите 50, има ли нешто за што ти е жал што не се случило, што си можел а не го направил и кое е она на што си најмногу горд?

-Колку и да звучи како клише ама стварно за ништо не ми е жал и мислам дека се што ми се случило во минатото е со причина.

Како посакуваш да ти поминат следните 50?

-Сакам да ми поминат во здравје среќа и љубов со моите најмили.

Велат дека 50 се крстопат, пресвртница во животот. Зошто е така?


-Како човек созрева се повеќе и повеќе го цени секој нов ден. Па може да се каже дека 50 години се пресвртница кога човек почнува да ги цени многу повеќе вистинските вредности како што се здравјето, семејството, пријателите

Што си посака додека ги дуваше свеќите од тортата? На што најмногу ќе се фокусираш во иднина? Ќе има ли поправен за одредени работи во втората 50ка?

-Искрено посакав да сме живи и здрави и ништо повеќе, а тоа и го кажав на сите мои пријатели, кои го прославија роденденот со мене. Секој ден се трудам да бидам подобар човек, па се надевам дека во втората половина од мојот живот тоа и ќе го постигнам.

Кога на роденденската журка се обрати во живо, зборувајќи не успеа да ги задржиш солзите.  Што те натера на тоа?

 

-Поминаа шест години од нашето преселување во Австралија, а јас ги немам видено моите сестри внуци и правнуци. Тоа беше причина за грчот во моето грло и солзите во очите.

Се навикнавте ли на животот во Австралија? Што е она што најмногу ти недостасува?

-Се навикнавме да. Првите години беа многу тешки и за нас и за децата, но сега веќе е поинаку, кога се снајдовме сите четворица.  Ми недостасуваат сестрите внуците и моето пошироко семејство, како и другарите и пријателите од Македонија.

Овие неколку години малку како да стагнираш од музиката, кога може да очекуваме нешто ново?

-Признавам дека ме фати некоја летаргија, но еве ветувам дека до крајот на годинава ќе снимам барем две нови песни.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.