ММС

Објавено на: 04/9/21 8:37 AM

Поради несаканите ефекти од вакцината на АстраЗенека, Австралија двојно ја зголеми нарачката на фајзеровата вакцина

Австралија двојно ја зголеми нарачката на вакцината на Фајзер – соопшти премиерот Скот Морисон, по одлуката да ја ограничи употребата на вакцината на АстраЗенека поради ретките случаи на создавање згрутчување на крвта. Австралија својата програма за вакцинација во голем процент ја темелеше на вакцината на АстраЗенека од која нарача 50 милиони дози, што е доволно за да може со две дози да се вакцинира целата нација од 25 милиони луѓе.

Но сега таа им се придружи на земјите во кои е ограничена употребата на оваа вакцина поради воочената појава на згрутчување на крвта кај млади лица. Поради тоа,  Австралија нарача 40 милиони дози од вакцината на Фајзер, двојно зголемувајќи ја претходната нарачка.

Таквата промена на политиката за вакцинација всушност значи дека владата нема да може да го исполни својот план да ја вакцинира целата нација до крајот на октомври.

„Тоа не е забрана за вакцината на АстраЗенека“, изјави Морисон за новинарите по состанокот на владата.

„На лицата над 50 години и понатаму силно им ја препорачуваме оваа вакцина“, додаде тој.

Во овој момет во повеќе земји привремено е запрена вакцинацијата со производот на АстраЗенека. Некои од земјите кои ја запреа вакцинацијата, потоа ја продолжија, но сепак со ограничување во однос на возраста.

Шпанија, Португалија и Холандија објавија дека ќе ја ограничат примената на оваа вакцина на луѓето постари од 60 години. Пред двојно да ја зголеми нарачката за вакцината на Фајзер, АстраЗенека објави дека ја почитува австралиската одлука и дека работи со регулаторите ширум светот за да се сфатат можните механизми со кои би можеле да се објаснат „крајно ретките појави“.

Европската агенција за лекови пак, во средата објави дека располага со извештај за 169 случаи на згрутчување на крвта, односно еден случај на 100 илјади вакцинирани кои се помлади од 60 години. Повеќето од тие случаи се забележани кај жените.

 

Фото: Илустрација / unsplash.com

Извор:  hr.n1info.com


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.