ММС

Објавено на: 04/8/21 7:01 PM

Жители на гостиварско село бараат да бидат ослободени од плаќање на патарина

Жителите на гостиварското село Тумчевиште на протестен собир упатија барање до државните органи за ослободување од плаќање на патарина по автопатот Гостивар-Тетово или соодветна цена за користење на оваа сообраќајница. Тие живеат на три километри оддалеченост од првата патарина и плаќаат целосен износ, а заради лошата состојба не можат да го користат помошниот пат.

– За три километри поминати по автопатот плаќаме како да ја користиме целата должина на автопатот Гостивар – Тетово. Има алтернативен пат, кој не можеме да го користиме, е неасфалтиран и во многу лоша состојба. Мора да се најде некакво решение, бидејќи во денот и по два три пати одиме до град и секогаш плаќаме полн износ, вели Маринко Јанески, претседател на месната заедница.

Тој појаснува дека освен овој пат, има и друга ама подолга делница која од Гостивар води преку селото Чегране, при што во еден правец треба да се поминат над 15 километри.

На протестниот собир пред гостиварската наплатна станица, жителите на Тумчевиште ги повикаа одговорните од Јавното претпријатие за државни патишта и Министерството за транспорт и врски да изнајдат решение во скоро време. Во спротивно тие ќе преземат порадикални мерки со блокирање на автопатот.

Во полошкото село Тумчевиште има околу 300 жители, кои заради редовните обврски секојдневно патуваат за Гостивар.

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.