ММС

Објавено на: 04/8/21 2:32 PM

Досега бевме тивки, но ќе станеме гласни – Ивент индустријата од понеделник повторно на улица

Асоцијацијата на ивент индустријата која ја сочинуваат компании кои работат во организација на настани револтирана од тоа што дејноста е затворена повеќе од една година и притоа не добила нула денари помош, од понеделник повторно ќе ја бара правдата на улица.

„Компаниите што работат во секторот организација на настани (организатори, изнајмување на опрема за озвучување, осветлување и сценска опрема, видео и аудио продукции како и техничка поддршка на настаните) се доведени до тотален колапс. Јавноста знае дека оваа дејност е затворена повеќе од 1 година и сите сме сведоци дека нема јавни настани, концерти, и други случувања каде има масовно собирање. Ниту пак, со оглед на состојбата со пандемијата, имаме надеж дека наскоро ќе можеме да работиме.

Но, исто така јавноста треба да знае дека овие компании добија нула денари помош од државата. И покрај сите наши барања, дописи, молби за помош, Владата остана глува а ние невидливи во сопствената држава“, реагираат од Асоцијацијата на ивент индустријата.

Според официјалната статистика на Централниот регистар секторот има пад на промет од 62,103% за 2020 година.

„Цела година трпеливо чекавме Владата да го препознае нашиот сектор и да ги согледа загубите, не правевме скриени и тајни настани, не го загрозувавме јавното здравје, но заради нашата конструктивност, на крајот го загрозивме опстанокот на нашите фирми. Веќе немаме што да изгубиме, приморани сме нашите права да ги бараме на поинаков начин! Од понеделник излегуваме на улица. До сега бевме тивки, но не натераа да станеме гласни! Ќе останеме на улица се додека не ја добиеме помошта што ја бараме и која ја заслужуваме.

Ги повикуваме сите колеги кои работат во овој сектор како и сите други придружни дејности без кои нашата индустрија не може да постои да ни се приклучат. Не сме многу, но нема да дозволиме да останеме невидливи!“, стои во реакцијата на Асоцијацијата.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.