ММС

Објавено на: 04/8/21 1:25 PM

Вакцината на АстраЗенека нема да се дава на лица помлади од 60 години: Филипче со нови детали за ковид-состојбата во земјава

Утрово го разгледувавме ставот на ЕМА во врска со безбедноста на вакцината на АстраЗенека. После евалуацијата на сите несакани ефекти во форма на тромботични состојби особено кај помладите, бордот излезе со две препораки – дека тие несакани ефекти  треба да влезат во упатството на самата вакцина и дека секоја  држава треба да заземе свој став како ќе се користи таа вакцина. Ова го изјави денеска министерот Филипче кој соопшти дека по денешните утрински консултации, заземен е став дека во нашата земја вакцината на АстраЗенека нема да се дава на лица помлади од 60 години.

За луѓето кои се вакцинираа со оваа вакцина во Србија нема препораки за посебна претпазливост, а во однос на ревакцината, таа треба да се направи во рок од 3 месеци – изјави Филипче.

Прашан за можноста тие да се ревакцинираат со руската вакцина Спутник, тој рече дека ќе се чекаат препораките.

„Германија донесе одлука по првата доза од АстраЗенека да се продолжи со друга вакцина. Ние ќе ги обезбедиме сите соодветни количини, па согласно препораките така и ќе реагираме“, додаде Филипче.

Тој тврди дека за сите пациенти со ковид-19 на кои им е потребно болничко лекување, тоа се овозможува.

„Италијанско сценарио се користи како фраза за тоа што се случуваше во Италија кога не можеше да се обезбеди болничко лекување. Пациентите беа оставани во болници, болниците беа преоптеретени, но ова сценарио овде не се случи. Ние обезбедуваме болничко лекување, имаме централен довод на кислород и соодветна терапија. Имаме доволен број кревети, од вчера не се чувствува притисок како што имавме до завчера. Се надевам дека нема да имаме некое изненадување. Се уште има голем број на хоситализирани и на пациенти кои се со тешка клиничка форма на болеста, но се преземаат сите форми на лекување“, додаде министерот.

Сепак, Филипче алармира дека и понатаму има пациенти кај кои терапијата не дава ефект.

„За пациентите со тешка клиничка слика ги имаме сите потребни терапии, но и покрај сите преземени тераписки мерки, дури и кај луѓе кои се јавиле на време, едноставно нема ефект. Сведоци сме на брзи влошувања и тешка клиничка слика“, предупреди министерот за здравство.

Тој рече дека процесот на вакцинација во спортската сала „Борис Трајковски“ оди со одлична динамика. Денеска таму се вакцинираат дел од здравствените работници, како и наставници од прво до трето одделение.

Филипче очекува до крајот на следната недела да стигнат некои од вакцините кои веќе се нарачани од Владата, а дотогаш се очекува и да се потрошат дваесетте илјади дози од руската вакцина, донација од соседна Србија.

 

В.М.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.