ММС

Објавено на: 04/8/21 1:01 PM

Се работи на Фонд за медиуми, се отвара патот за платени јавни кампањи – најавуваат од МИОА

Започна со работа групата, која ќе има за цел да формира Фонд за медиуми. Идејата за овој фонд е на Горан Гаврилов, основачот на Канал 77,  кој изработи комплетен проект и го предаде на разгледување на Владата и надлежните институции.

-Започна работна група која е предводена од нашето министерство. Се планира Фонд за поддршка на медиуми и радија. Ние остануваме транспарентни во однос на сите медиуми во земјата и сме отворени за соработка, со една единствена цел да направиме промени во овој сектор. Во рамките на петтиот пакет мерки, беа доделени средства од 50 милиони денари со што радијата и телевизиите, односно 120 радиодифузери беа ослободени од годишна давачка кон АВМУ, рече министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири.

Паралелно со Фондот за медиуми, Владата најави промена на членот 102 го Законот за АВМУ, кој забранува склучување договори со медиуми и плаќање на кампањи од централен и оштински буџет. Владата најави дека планира измена на овој член, со цел да се овозможи финансирање на кампањи од јавен интерес. На ова се спротиставија новинарските здруженија.

Министерот Шаќири рече дека новата формулација на членот 102 е во завршна фаза и ќе биде предложена во следниот период.
Асоцијацијата на електронски медиуми АПЕММ, со години бара измена на дел од членовите на законот, со образложение дека се дисфукционални, имаат технички грешки и се нефункционални во пракса.

АПЕММ бара измени на членовите 63 и 53, кои според најавата на Шаќири, ќе бидат разгледани како дел од процесот на усогласување на законот на АВМУ со новата ЕУ директива од аудиовизуелни политики.

Одговарајќи на новинарско прашање, Шаќири додаде дека МИОА оваа година има интенција да предложи законски измени за да се утврдат потребите и недостатоците на медиумската регулатива. За таа цел се консултирани експерти од повеќе области и ќе следат анализи на сите законски обврски во делот на медиумите и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

д.ј


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.