ММС

Објавено на: 04/8/21 12:40 PM

Способната жена не е прифатена бидејќи на неа се гледа како на силна конкуренција: Бројни предизвици на патот кон родовата рамноправност при донесувањето одлуки

 

Пандемијата со ковид-19 ги извади на површина родовите нееднаквости. „Новото нормално“ го продлабочи родовиот јаз и на жените ќе им бидат потребни 135, 6 години за да достигнат еднаквост со мажите. Ова го покажува анализата на Светскиот економски форум, но до истите податоци дошле и домашните граѓански организации, кои  се занимаваат со оваа проблематика. Центарот за истражување и креирање политики нотира дека со пандемијата меѓу другото, се зајакнала асиметричната застапеност во креирањето политики.

„Најголемиот родов јаз постои во политичкиот домен, а кризата дополнително придонесе жените да се исклучат од политичкиот живот“, изјави директорката на ЦИКП, Марија Ристеска на денешната дебата „Предизвици за родовата рамноправност при донесувањето одлуки“.

Одговарајќи на прашањето на Македонски медиа сервис, дали пандемијата ја интензивира неплатената работа на жените во домот, таа посочи дека според повеќе истражувања, грижата за домот, за семејството и за децата, па дури и во време на карантинот ја презеле токму жените.

Таа додаде дека од оние кои ја искористиле мерката за чување на децата дома, кога градинките не работеа, 77 % биле жени, а само преостанатите 22 отсто биле мажи.

„Има проценка и од UN Women дека е зголемен  трудот на жените во домашни услови, кога станува збор за грижата за семејството. Тоа создава огромен дисбаланс и веројатно ќе имаме големи импликации на ментлното здравје. Затоа политиките треба да бидат проактивни и да се стремиме да ги обезбедиме таквите политики и мерки кои ќе одговорат на овие состојби и во постковид закрепнувачкиот период да посветиме повеќе внимание на жените за да не ни бидат залудни заложбите за економското зајакнување на жените“, додаде Ристеска.

Дека жените многу помалку од мажите се вклучени во донесувањето политички одлуки, покажува и анализата на оваа невладина организација во која биле вклучени 17 општини.

-Анализирани се лидерските позиции и општинските програми. Жените најчесто се координатори за еднакви можности. Делумно баланс имаме и во позицијата раководители на Сектори и одделенија. Најпроблематична е позицијата на претседатели на урбани и месни заедници, каде имаме 217 мажи наспроти 3 жени. Од вкупно 16 директори на градинки имаме 15 жени, само 1 маж. Одлуките во општините генерално се носат од мажи. Тие учествуваат во креирањето на буџетите и општинските програми, во кои најчесто не се вклучува родовата перспектива – покажува анализата на ЦИКП.

Поддршката од ЕУ на Македонија ја приоритизира улогата на жените

Шефот на Делегацијата на Европската унија, Дејвид Гир порача дека ЕУ се залага да има родов баланс на сите ниво. Според него, позитивна порака во оваа насока се испраќа и со претседателствувањето на Урсула фон дер Лајен со Европската комисија.

„Ваквите дебати се одлична можност за Владата и цивилното општество да дефинираат заеднички чекори за родова еднаквост. Тоа е заедничка вредност во ЕУ, а законската рамка се развиваше со текот на годините што резултираше со вметнување на родовата еднаквост во сите политики на ЕУ особено од 2010-та година наваму. Токму моќните луѓе во економијата ги адресираат овие прашања“, истакна евроамбасадорот.

Тој додаде дека има долг пат до постигнување на целите за родова еднаквост, но дека тоа е возможно доколку се мобилизира целиот потенцијал на жените.

„Во ЕУ ова е приоритет и ЕК дава позитивен пример преку претседателката Урсула фон дер Лајен, а Комисијата постигнува баланс со 50 проценти на сите нивоа. Има жени менаџери во агенциите на ЕУ. Поддршката од ЕУ на Македонија ја приоритизира улогата на жените. Поддржуваме низа програми кои се поврзани со родвата еднаквост, репродуктивност и насилство“, додаде Гир.

Според министерката за образование и наука, ниту една европска змеја не треба да размислува дека родовата еднаквост е прашање со кое треба да се занимава само граѓанскиот сектор. Затоа, ова е еден од столбовите на кои почива новата концепција за основно образование.

„Ако носите законски решенија и ако тие не се прелеат во сите документи, особено во образованието, создавате дупка бидејќи граѓаните нема да се стремат кон овие вредности. Концепцијата за основно образование поставува темели за идните генерации да немат потреба од превоспитување, туку целиот овој вредносен систем да биде поставен од најмала вредност“, појасни Царовска. Ресорната министерка порача дека за да владее принципот на еднаквост, со што би се искористил целосно потенцијалот на државата, едукацијата на овие теми треба да ја има и во градинките.

„МОН е одговорно и за програмскиот дел во градинките, па ќе го спуштиме овој вредносен систем и во предучилишното образование за да можат децата поинтензивно понатаму да работат на ова прашање и да не се прашуваме зошто е важна родовата рамноправност“, изјави Царовска на денешната дебата.

Таа сепак објасни дека овие теми нема да може да ги предаваат оние кои дипломирале на Институтот за родови студии.

„Самите родови студии не се студии за наставен кадар, ниту имаат педагогија, туку треба да произведат кадар за родово освестени политики и програми. Студентите и дипломираните треба да се повеќе застапени во систематизациите во министерствата, а наставниот кадар да посетува обуки и да нема стереотипи. И дел од професорите во родовите студии  имаат стереотипи и многу лесно се создаде група од студенти на родови студии,  кои се префрлија на семејни студии. Првите вистински ефекти на почисто или родово трансформирано општество ќе го видиме за 15 – 20 години ако денес ги спроведуваме програмите квалитетно“, додаде Царовска.

Законски измени за унапредување на родовата перспектива

Преку законски измени и Стратегија за родова еднаквост земјава ќе се стреми да им се приближи на меѓународните политики. Ова го најавува министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска која смета дека на овој начин општеството може да достигне многу поголем социо-економски развој.

„Во Стратегијата се интегрирани политики за сузбивање на насилството, на стереотипите, за унапредување на положбата на жените во политичкиот живот, во управни, во надзорни одбори, секаде каде што треба да се носат одлуки. Стратегијата има визија за воспоставување на родовата еднаквост за еднакви права на мажите и жените, еднаков пристап до сите ресурси кои ги нуди општеството. Оваа Стратегија е во финална фаза и таа се однесува на следниот период 2021-2025. Нашите цели се еднакво плаќање на пазарот на труд, подеднаква застапеност на пазарот на труд, учество во носењето одлуки во централната власт и во единиците на локалната самоуправа“, додаде Шахпаска.

Таа потенцира дека веќе е изработена драфт верзија на Закон за родова еднаквост.  Документот е испратен кај сите меѓународни партнери и по нивните забелешки, работната група ќе треба да ги доработи аспектите за кои ќе има забелешки.

„Се’ додека зборуваме на тема родова еднаквост, ние неа не сме ја постигнале. Претстои сериозна битка против стереотипите, против инфериорноста на женатa“, додаде  Шахпаска.

Сепак, граѓаните и понатаму остануваат родо посензитивни од политичките партии. Заменик-министерот за локална самоуправа, Зоран Димитровски констатира дека довербата во жените на функции, како на национално така и на локално ниво, се’ повеќе се зголемува.

„За ова најзаслужни се жените и нивната борба за родова рамноправност.  Ни претстојат локалните избори, партиите во Парламентот сега треба да пристапат кон промена на законите. Најголем дел од партиите се залагаат за отворени листи. Се надевам дека квотите ќе се зголемат за да може да имаме повеќе жени во советите на општините“, изјави Димитровски.

Министерката Шахпаска пак, смета дека квантитетот не секогаш значи еднаквост и очекува новото законско решение кое таа го најавува, да ги промени ваквите состојби:

„Дури и во Законодавниот дом каде се креираат законите, жените не се подеднакво застапени како претседатели на комисии, или во телата кои го претставуваат нашето Собрание пред меѓународните тела. Но новиот Закон за родова еднаквост кој е во финална фаза ќе ги адресира овие прашања – имплементација на мерки за едукација, родово сензитивен јазик, стратешко планирање“.

Меѓу она што го предвидува новиот закон е и новото работно место, односно советник за родова еднаквост, кој ќе треба да ги следи родовите политики во секоја институција, а ваквиот советник ќе има и свој заменик.

Жените ретко ги има на масите на кои се носат одлуките

Министерката за одбрана вели дека родовите прашања се уште се проследени со многу говор на омраза и тоа само ги одвраќа жените од идејата да се вклучат во политичкиот живот.

„Милион прашања се поврзани со учеството на жените и мора да смислиме начин да фаворизираме повеќе градоначалнички. Поради говорот на омраза некои жени се откажуваат од политичкиот ангажман и поради тоа вербално насилство се повлекуваат многу жени“, изјави Шекеринска. Таа зборуваше и за застапеноста на жените во безбедносниот и во секторот на одбраната.

Жените генерално ретко се на масите на кои се носат одлуките. Не само кај нас, туку и генерално во светот жените се невидливи во донесувањето одлуки во врска со безбедноста, решавањето конфликти и така натаму – изјави Шекеринска.

Според неа, потребни се и акциски планови, но и промени кои ќе ни го дефинираат патот. На денешната дебата зборуваше и за дискриминацијата во круговите на одбраната.

„Треба да ги анализираме и видливите и невидливите видови на дискриминација. Ќе видите како униформирани лица на ист ранг имаат различен третман и девојките како по правило се испратени да ни донесат кафе или чај и со тоа, вие таков сигнал испраќате до нив. Ваквите сигнали треба да ги пресретнуваме и да ги менуваме. Додека жените не се чувствуваат добредојдени на свое, треба да сме поагресивни и да го освојуваме просторот“, додаде Шекеринска.

Сепак, таа рече дека во нашата Армија работите се менуваат, па на првите офицерски нивоа жените веќе се застапени со над 30 проценти.

За родовата еднаквост во војската зборуваше Билјана Блажевска која во 2019-та година стана првата жена аѓутант на претседателот на државата. Таа вели дека способната жена не е прифатена, затоа што на неа се гледа како на силна конкуренција.

„Долго време, војската се сметаше за ексклузивно машки сектор и Воената академија ги отвори за офицерките, за војничките. Најголем предизвик  за една жена во армијата е да биде гледана како еднаква, да се смета за компетентна на ниво на задачата. Сепак, кога вистинскиот човек е на вистинското место успехот е неизбежен. Нема врска дали е маж или жена, туку се гледа професионализмот и квалитетот“, додаде Блажевска.

Таа апелира конечно да престане стереотипното гледање на способностите, а не на професиите.

Уметноста како механизам за зајакнување на положбата на жената во општеството

За разлика од други сектори, во културата жените преземаат голем дел од раководните позиции. Во ресорното Министерство има шест сектори кои се водени од жени и кои како што вели министерката, Ирена Стефоска, се докажани во својата работа.

„Културата се перцепира како женска област, како женска работа. Бројките се охрабрувачки, 48 % се жени директори на установите во министерството за култура. Тоа се раководни места. Има и претседателки на управни одобри и тука е прилично добра работата кога зборуваме за проценти. Зборуваме за феминистички политики, но се уште сме далеку како општеството“, изјави Стефоска.

Таа како позитивен пример го наведе уметничкиот израз, особено од страна на независната сцена каде често се застапуваат феминистички позиции.

Инаку, претходните анализи покажаа дека пандемијата ја зајакнала традиционалната улога на жените, меѓу другото, и поради политиките и мерките кои не промовираат споделена одговорност во домаќинството.  Никој не ја поттикна еднаквата поделба на трудот во домот. Токму затоа, апелираат граѓанските организации, потребно е да се зајакне женското лидерство со што родовата перспектива ќе се вклучи во политиките.

Фото: Илустрација / Freepik

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.