ММС

Објавено на: 04/8/21 12:04 PM

Минимално намалување на јавниот сектор во однос на 2019 година, 54 отсто од вработените во администрација се жени, МИОА го презентираше годишниот извештај

Бројот на вработени во јавниот сектор во 2020 изнесува 131.183 лица, што е за 1.717 лица помал од претходната 2019 година. Од вработените во јавниот сектор, 54 отсто се жени, а 45,17 отсто се мажи. Најголемиот број на вработувања во јавен сектор бележи областа на образованието со 32 отсто, соопшти Министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, на презентацијата пред јавноста на Годишниот извештај за вработените во јавниот сектор.

-Бројот на вработени во јавен сектор заклучно со 31 декември 2020 година изнесува 131.183 лица. Освен како бројка, не се покажуваат други детали поради безбедносни и законски причини. Во вкупниот број на вработени лица влегува целиот јавен сектор. Најголемиот број вработени се во областа на образованието (32 отсто), потоа следува здравство со 19 отсто, управа со 14 отсто, комунални дејности на јавните претпријатија со 9,6 отсто. Во споредба со минатата година бројот е намален за 1.717 вработувања во јавен сектор. Во 2019 во органите на државна власт биле вработени 16.522 лица, намалување за три отсто. Со 54 отсто, жените се повеќе застапени од мажите (45,17 отсто), изјави Шаќири.

Министерот беше концизен дека нови вработувања се прават таму каде што има вистинска потреба. Просечната возраст на вработени во јавната администрација е 46 години, а дури 53,62 отсто од нив имаат најмалку високо образование. Од нив, доктори на науки според Годишниот извештај се 2669 лица. Интересен е фактот дека од вкупниот број вработени, само 12, 2 отсто работат во органите на државната власт. Најмалку професионален ангажман се нотира во земјоделството, правосудството, транспорт и култура.

Од административците, 19.594 се вработени во МВР, АРСМ, АНБ, АР и УФП, додека пак во собранието работат 1.421 лица.

Во однос на реорганизацијата на администрацијата, МИОА подготвува Закон за реорганизација и за истиот ќе биде донесен акциски план во следните три години.

-МИОА како водечка институција во тој дел, има реализирано неколку состаноци и тоа со претставници од Европската комисија, но и со луѓе од власта и опозицијата. На тие состаноци опширно се анализирале сите извештаи и се планира втора фаза за Закон за реорганизација. За истиот ќе биде донесен и акциски план во следните три години, а во процесот на подготовка на планот ќе се има предвид и распределбата на човекови ресурси во самите институции, вели министерот.

Реформата на јавната администрација, според него претставува стратешка определба на Владата, МИОА и администрацијата е движечката сила во нашето општество која овој процес го води напред, стуктурирано, базирано на податоци и докази.

Фото:

Youtube / Влада на Република Северна Македонија / Screenshot

д.ј


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.