ММС

Објавено на: 04/7/21 2:28 PM

Одредени субјекти се инаетат и поради нив трпи цела угостителска индустрија: Директорот на ДПИ, Пауновски вели нема милост за непочитувачите на мерките

Инспекторите секојдневно се на терен додека одредени субјекти тераат инает, а последиците од тоа ги трпи целата угостителска индустрија. Кон таквите немаме милост и мораме да постапуваме  согласно законот – посочи денеска на прес конференција директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски.

Од почетокот на годината па досега, испекторите затвориле над 78 објекти, поради непочитување на дозволеното работно време или поради нерегистрирани даночни обврзници од областа на угостителството.

„За жал, и по една година се соочуваме со угостителски објекти каде влегуваат  граѓани на нашата држава, кои дозволуваат да се направат пропусти кои ние ги санкционираме. Повеќе пати сум кажал – во поголем број случаи успеваме на лице место да затекнеме и тогаш веќе постапуваме“, изјави Пауновски.

Според него, секаде каде што инспекторите ќе проценат дека не можат сами да постапат, се бара асистенција од полицијата.  Инспекторите дејствуваат во сите населени места и се оди на лице место секаде каде што ќе добијат дојава од граѓаните – тврди Пауновски.

Во однос на свадбата во Струмица на која присуствувале 300 гости, а за која вчера три лица заработија и кривична пријава од СВР Струмица, Пауновски објасни дека дојавата до Инспекторатот стигнала по завршувањето.

„Можеби имало свадба во Струмица, но уште тогаш јавивме дека кога стигнале инспекторите немало ништо. Ние добивме најава откако свадбата завршила“, додаде директорот.

Одговарајќи на новинарско прашање дали може да се доставува храна за време на полициски час, тој истакна дека тоа е дозволено.

„Дозволено е да се прави достава и по 20 часот, односно за време на полициски час да се врши достава на храна и пијалоци. Но мора сите оние кои вршат достава да имаат дозвола за движење, а исто така и во Државниот инспекторат за труд, овие угостители мора да ги пријават нивните вработени за ноќна работа“, изјави директорот на Пазарниот инспекторат.

 

В.М.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.