ММС

Објавено на: 04/6/21 9:59 PM

Плачевме со свеќи на тераса, немаше кој јадење да ни донесе – Стефани од Штип одбележа една година од семејната голгота поради корона

На денешен ден точно пред една година мојот најсакан ме разбуди со веста дека е позитивен на Ковид -19, на денешен ден се ми беше замрачено. На денешен ден дознав што е живеење во паника, стрес, нервоза, вели штипјанката Стефани Илиевска Јовановска, која со семејството ја имаше таа несреќа минатата година нејзиниот сопруг Бојан да биде меѓу првите заразени и да поминат низ голгота, не само поради вирусот, туку и поради нашата малограѓанштина. Но, годината помина, Ковид-19 сеуште трае и не одмина речиси никој, ако не лично на свој близок. Од вирусот не се спасија  ниту озборувачите, кои место да се гледаат себе си, покажуваа со прст кон другите.

Стефани денес, точно на една година од моментот кога дознала дека Бојан е позитивен и дека ќе треба и таа и нивното синче да бидат во изолација, се присети на тој момент на страв и неизвесност поради вирусот, но и на нервоза и бес поради озборувачите.  Во име на тие, како што вели, лажни пријателства посвети цел статус на Фејсбук.

-Токму поради тоа на денешен ден изгубив многу “пријатели и роднини”, но добив многу нови и искрени. На денешен ден наместо подршка добив забиени ножеви во грб од оние од кои најмалку очекував. На денешен ден беше стартот на страшната голгота,  почна полиција да ни доаѓа како да сме најголеми криминалци, сите веќе без срам вперуваа со прст во нашите најблиски, ги понижува, вели Стефани и додава:

„На денешен ден започна одбројување на “43 дена затвор” во стан со мало дете на кое неможевме да му објасниме што се случува. На денешен ден ги потресовме нашите родители. А се осмеливте во целата мака да ни нанесете уште поголема болка ширејќи вест дека татко му на Бојан се самоубил! Дали знаевте како ние се чувствувавме? Гајле ви е! Како и тогаш, така и денес немате ни срам, ни чувства, ама ете човекот навистина почина по 2месеци. На денешен ден имавме мешање на емоции, вели Стефани.

Изолацијата и тогаш и сега значеше дека нема гледање со најблиските, дека празниците ќе поминат со рестриктивни мерки. Минатата година Велигден се помина со полициски час, а рестриктивните мерки траат и сега, со очекување што ќе се случи за годинашниов Велигден, кој треба да го славиме за неполн месец. Токму затоа Стефани вели:

-На денешен ден знаевме дека Велигден ќе ни биде осамен. Така и беше. Се изгубивме. Бевме исплашени, бевме немоќни, чувствувавме страв за нашите најблиски, плачот ни беше придружник секој ден кога како мајка и татко на едно мало дете од две години неможевме да му објасниме зошто неможе да оди надвор, зошто неможе да ја отвори влезната врата, зошто мора да е затворен и да не ги гледа баба, дедо, вујче, Нени.., се присети Стефани и додаде:

– Многу од вас ни помогнаа во тие мигови и ни беа искрена подршка, многу непознати луѓе покажаа што е човечност, коментари добивавме од луѓе од целата држава, но многу си даваа за право да нè исцрпуваат со негативна енергија, за да не вртат во круг и да испрашаат што, како за да им бидеме подоцна трач тема. Срам да ви е, како што и тогаш ве именував “новинари на нашите животи” се знаевте, ама не знаевте како наместо да ни ги продлабочувате раните и самата психичка состојба, да бидете подршка, а не злобници со болен ум. Сите до сега скоро го поминавте вирусот, некои полесно некои потешко, некои дури изгубивме и личности кои ни значеа, за жал, ама вас таквите ништо не ве освестува па дури ни смрт. Имаше моменти кога плачев и се прашував каде се сите тие роднини и пријатели кои наводно “многу нè сакаа”, а сега немаше кој да ни донесе што да јадеме. Е тогаш во тие мигови сфатив дека не вредите ни пет пари. Да бидете во ист град со нас, да сте наши блиски, а да не ви е грижа како сме, дали имаме што да јадеме, како се чувствуваме. Срам да ви е!

„За разлика од вас душата ни ја исполнија луѓе кои беа само познаници и вработени во маркет Кит Го-Сењак и кои не требаше да се оптоваруваат со нас, ама тие без проблем сами се понудија и доаѓаа до врата за се што ни требаше. Епа неможам да ги заборавам тие моменти и да сакам. Неможам таа добрина да им ја заборавам и затоа сите ми се драги таму. И моментот кога на Максим за Велигден една девојка (сега наша најдобра другарка), знаејќи дека сме сами без никого му остави подарок пред врата за да се радува. Обично чоколадно зајче и боенка, кое му значеше се во тој миг, а вие истите што и ден денес ми се удирате во гради, никаде ве немаше, затоа сте отпишани. За Велигден сите бевте “потресени” што нема да одите на некоја екстра дестинација, што ќе седите дома затворени и со вашите фамилии, а на нас маката ни беше што Велигден го поминавме сами во  четири ѕида, на видео повик со саканите без да ги гушнеме и видиме. Дента кога се славеше Велигден сите бевте на црква, а ние на тераса палевме свеќи сами. Јадевме сами. Плачевме сами. Бевме тотално сами. Цели 43 дена. На денешен ден сакавте да ми го оцрните сопругот, најсаканиот, но не ви дозволивме и никогаш нема да ви дозволам. На денешен ден сфативме што и кого имаме во животот. На денешен ден 06 април рековме “Се ќе биде добро”, но не беше и уште не е. Остана само да се надеваме. Надеж за подобро утро, подобар живот, подобри луѓе, вели Стефани.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.