ММС

Објавено на: 04/7/21 10:00 AM

Среќата е голема кога некому ќе помогнеш – Со Магдалена Бојковска за придобивките од волонтеризмот

Пандемијата со коронавирусот ја извади на површина хуманоста и пожртвуваноста на тивките херои, особено помладите кои им пркосат на стереотипите дека новите генерации за разлика од постарите, знаат помалку за солидарноста и заедништвото во општеството. Уште пред една година, низа млади волонтери тргнаа во поход да им помогнат на своите сограѓани кои поради една или друга причина, не се во можност сами да си ги набават намирниците, или лековите кои им се потребни.

Една од нив е и скопјанката, Магдалена Бојковска (21), девојка која уште од своите тинејџерски денови е дел од Црвениот крст, поточно од општинската организација Кисела Вода – Скопје. Во шестгодишниот период во кој активно придонесува за позитивни општествени промени, таа на различни начини им помогнала на многу свои сограѓани, но последната година тоа е интензивирано. Токму поради нејзиниот ентузијазам,  Македонски медиа сервис ја пренесува хуманата приказна која ја испишува Магдалена, студентка на Економскиот факултет при УКИМ.

Со неа поразговаравме откако се врати од терен, односно откако на повозрасен скопјанец му ја достави до дома потребната инсулинска терапија, бидејќи и поради хроничната болест и поради возраста, тој е дел од ризичната група граѓани.

„Работиме на секакви услови – на дожд, на снег. Ете и сега во услови на пандемија ние сме мобилизирани, одиме до домовите на граѓаните, ни кажуваат што им е потребно, па ние ќе им го купиме и потоа им го носиме до дома. Бидејќи одиме кај граѓани од кои некои се во ризичната група, гледаме да не се задржуваме, значи не влегуваме во домовите“, вели Магдалена.

„Секое излегување на терен ми е со маска, со опрема, граѓаните си прават муабет со нас, но одржуваме дистанца Тоа се кратки разговори, но значајни за нив.  Одиме и кај лица во самоизолација, во изолација. Има и такви кои се со корона. Ние имаме службени телефони, луѓето се јавуваат, имаме администратор кој ги прима повиците,  потоа се евидентираат и знаеме кај кого да отидеме. Си правиме секојдневен муабет, со позитивна мисла да не им правиме страв бидејќи се доволно исплашени штом те викнале да им помогнеш“, ги сумира Магдалена своите впечатоци од работата на терен.

Сепак, ја вративме назад за да ни раскаже како волонтерството станало дел од нејзиното секојдневие.

„Уште во седумо одделение бев на натпревар по Прва помош и така се запознав со работата на Црвениот крст, па во втора година средно почнав како волонтер. Потоа продолжив со активностите кои ги нудеа, се приклучив кон сите дејности и области на делување“, вели нашата соговорничка која го координира  Училишниот клуб.

„Во секое училиште има Училишен клуб составен од наши волонтери и со нив имаме посебен план за работа,  имаме калденар на акивности. Ова се организира преку преку Министерството за образование и наука“, објаснува Магдалена која била дел од низа еколошки акции во текот на изминатите години.

Досега оваа девојка повеќе пати дарувала крв, па сака да ги мотивира и останатите да го сторат тоа.

-Луѓето се плашат, но процесот е безбеден бидејќи го работи стручно лице. Додека траеше Неделата на крводарителството имавме акција во „Даре Џамбаз“ и во истата учествуваа 48 крводарители, што сметам дека одлична бројка – додава Магдалена.

Волонтерството е процес низ кој се испреплетуваат и радоста и тагата. Тага бидејќи гледате какви судбини има, а радост бидејќи знаете дека некому можете да му помогнете. Ваквиот граѓански активизам несомнено создава отворена можност за стекнување нови пријателства, вели Магдалена со извесна доза на носталгија.

„Кога волонтираш постојано, стекнуваш многу нови пријателства. Пред пандемијата често се дружевме, но сега ги реализираме само неопходните активности“, додава таа.

Магдалена во својата шестгодишна волонтерска работа посведочила на многу животни приказни, кои оставиле длабока трага кај неа. За приказните што најмногу успеале да допрат до неа таа вели:

„Би ја издвоила приказната на една самохрана мајка чие дете не беше признаено од неговиот татко, па сакавме да им помогнеме. Генерално, се изработуваат микро проекти и тим волонтери дејствуваат на терен и помагаат на конкретна целна група. Тоа може да се деца кои помагаат на конкретна целна група, согласно потребите. Се собираат парични средства, па сме плаќале сметки за во градинка. Парите не ги даваме никогаш директно, туку покриваме трошок. Сме им купиле храна, облека, мебел. Средствата ги собираме со помош на различни акции, штандови, концерти, турнири со хуманитарен карактер. Ние ги организираме, самата идеја и реализација потекнува од нас, а имаме и соработници кои ни помагаат – печатница, или друга фирма. Обезбедуваме спонзорства од фирми кои обезбедуваат букети за победниците на трките и слично“, споделува младата волонтерка.

Таа вели дека насмевката на туѓите лица, за неа е најголема сатисфакција.

„Реакциите се прекрасни, знаеш дека има некој кој те поддржува знаејќи дека ти му помагаш. Има луѓе кои критикуваат, но така учиш што треба да не правиш или да го направиш подобро. Луѓето се доволно информирани,  нашите акции си имаат намена, си имаме и веб страна и тоа може секој да го констатира. Совеста ми е чиста, знам дека правам нешто што некому значи. За момент болката спласнува“, додава Магдалена.

Еден од проектите на кои е особено горда е проектот за социјална инклузија на деца со попречености, кој го реализирале кон крајот на ланската година.

„Проектот имаше 16 едукативни работилници и учениците од редовната настава изработуваа дидактички материјали за децата со посебни потреби. Кога дојде празничниот период го реализиравме и проектот „Подари пакетче, подари радост“. И покрај пандемијата успеавме да поделиме 350 пакетчиња. Некои од нив ги дониравме на Детската клиика, дел им ги носевме на децата дома, а имаше и родители кои самите доаѓаа да земат пакетчиња. Со пакетчињата дававме и балончиња, кои за некого можеби изгледаат како ситница, но детската радост сепак е голема“, раскажува таа за ММС.

 

Магдалена веќе извесно време е и врснички едукатор на тема „Трговија со луѓе“. Таа не дозволила новонастанатата ситуација да ги запре активностите на ова поле, па онајн организира едукативни предавања не само на оваа, туку и на многу други теми поврзани со сексуално преносливите болести, болестите на зависности и слично.

Вели дека честопати се соочува со прашањето како може се’  да постигне, но таа е убедена дека се’ е возможно со добра координација. Иако напорно работи на тоа навреме да ги положи испитите на Економскиот факултет, активно е вклучена во волонтерската заедница затоа што знае дека прави нешто корисно во слободно време.

За крај на разговорот,  упатува охрабрувачка порака до сите поактивно да се вклучат  во поддршката и помагањето на своите сограѓани, особено на најранливите.

„Преку активизмот, граѓаните ќе се чувствуваат задоволни и поисполнети. Кога ќе одат на терен ќе забележат колку тоа ќе им ја промени секојдневната рутина и ќе си ја зголемат довербата во себе“, порачува Магдалена.

 

Вања Мицевска

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.