ММС

Објавено на: 04/6/21 1:36 PM

Алармантна е ковид состојбата во Велес, оцени Општинскиот кризен штаб

Aлармантна е Ковид состојбата во Велес и велешко, оцени денеска Општинскиот штаб за заштита и спасување. Во Велешката болница секојдневно расте бројот на хоспитализирани. На Инфективното и Интерното оделение и во Модуларната болница се лекуваат вкупно  90 пациенти од кои 47 се на кислородна поддршка. Тринаесет пациенти позитивни на Ковид се лекуваат во приватни и државни клиники во Скопје.

Во болницата во Велес има уште 13 слободни места, недостасува и медицински персонал кој во голем број е отсутен и изнемоштен, било соопштено од болницата на денешната седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување.

Градоначалникот Аце Коцевски денеска на прес-конференција потенцира дека даваат целосна поддршка на мерките што ги донесе Владата на предлог на Комисијата за заразни болести.

Препорачуваат граѓаните строго да ги почитуваат мерките и кога ќе им дојде ред, без двоумење да се вакцинираат, бидејќи тоа е вистинска гаранција за нормализирање на состојбата и за заштита на личното и јавното здравје.

Состојбата е алармантна бидејќи пациентите се со потешка клиничка слика и се’ е поголем  бројот на млади пациенти. Затоа ги повикувам граѓаните максимално да ги почитуваат мерките донесени од Владата по барање на Комисијата за заразни болести, порача Коцевски.

Воедно, Штабот денеска  го задолжи ЈКП „Дервен” во наредните две недели нивни вработени да помагаат во истовар на кислородните боци, а редарската служба да воспостави построга контрола на Градскиот пазар.

Во Велес и велешко од почетокот на Ковид пандемијата се регистрирани вкупно 4.728 заразени. Од нив, 3.799 оздравеле, а се уште активни се 788 лица. Како последица од Ковид-19 досега, во Велес починале 141 лице.

 

 

 

 

Извор:

mia.mk


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.