ММС

Објавено на: 04/6/21 12:02 PM

Вјоса Османи официјално ја презеде функцијата претседателка на Косово

Вјоса Османи денес официјално ја презеде должноста претседателка на Република Косово од вршителот на должност на таа функција Глаук Коњуфца, на свеченоста организирана по тој повод, јавува Агенција Анадолија (АА).

По интонирањето на државната химна, Османи и Коњуфца поминаа на црвениот тепих и ја поздравија построената Гарда на Косовските безбедносни сили пред зградата на Собранието на Косово во која е и седиштето на Претседателството на Косово.

На свеченоста присуствуваа премиерот Албин Курти, одредени министри од Владата, амбасадори на повеќе земји, како и сопругот на новата претседателка и нејзините две ќерки.

Поради моменталната ситуација со пандемијата на Ковид-19 не е организирана церемонија за инаугурација на претседателката на Република Косово. Меѓутоа, ќе се организираат низа активности за да се одбележи преземањето на должноста на претседателката, усогласени со околностите.

Како што е соопштено од Претседателството на Косово, новата претседателка, во текот на денот ќе го прими шампионскиот тим џудисти, учениците на Институтот АТОМ, ќе го посети Центарот за вакцинација во Приштина и ќе оддаде почест на гробот на првиот косовски претседател Ибрахим Ругова во Приштина и во Меморијалниот центар „Адем Јашари“ во Преказ.

Османи, како кандидатка на Движењето „Самоопределување“, за претседателка на Косово беше избрана во Собранието на Косово во неделата, на 4 април, со петгодишен мандат.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.