ММС

Објавено на: 04/6/21 10:50 AM

Политчарите со своите постапки не’ враќаат назад, а иднината е во квалитетното образование и достапното здравство: Меѓаши се мобилизира со „Поттикни мир“

Околу 300 деца во земјава се без извод од матична книга на родените, а двесте повеќе секојдневно се на раскрсниците, каде што се злоупотребува нивниот труд. Ова денеска го посочија од првата Детска амбасада во светот Меѓаши. До овие бројки дошле преку Министерството за труд и социјална политика, но сметаат дека реално тие се најмалку три пати поголеми. Претседателот на Меѓаши, Драги Змијанац вели дека ова нема да се промени се’ додека не почнат да се вработуваат ранливите категории граѓани.

„Неколку министри кажаа досега дека пет проценти од детската популација не се вклучени во воспитно-образовниот систем и тука Државниот завод за статистика треба да излезе со бројка. Имаме сознанија дека 200 илјади возрасни граѓани не завршиле никакво образование – ниту основно ниту средно, имаме сознанија дека многу деца не можат да ја следат онлајн наставата. Поради тоа се здруживме со неколку организации да им обезбедиме помагала и да ја следат наставата. Има многу потешкотии во правото на обезбедување социјална егзистенција и се’ додека не се вработат ранливите категории, не можеме да очекуваме овие семејства да живеат поинаку“, изјави Змијанац на денешната прес конференција во организација на Меѓаши.

Одговарајќи на прашањето на Македонски медиа сервис, кои се најголемите предизвици или проблеми на децата во однос на здравствената заштита, од оваа граѓанска организација посочија дека се загрижени за севкупното функционирање на здравствениот систем.

-Тоа не е наше поле на делување, но кај стигнуваат поплаки од родители и за овој тип на проблеми. Независно дали се соочуваат со проблем со здравствената заштита како немање матичен лекар или друг тип проблем, ние во голем дел за време на пандемијата работевме на обезбедување заштитни средста, маски и скафандери за детските оддели по болниците. Прашањето за здравствена заштита се однесува на директната заштита, а ние би сакале да одиме чекор поназад на изложеноста и на нарушувањето на здравјето и на децата и на возрасните со некој друг тип на проблеми кои постојано не се решаваат, меѓу кои е и енормната загаденост на воздухот. Тука има цел сет на проблеми кои не се нужно врзани само за децата, треба сериозно да размислуваме дека иднината  со квалитетно образование и квалитетна здравствена заштита е пред се’ –  посочи Ана Битољану од Меѓаши.

Змијанац пак, додаде дека невладиниот сектор помага во рамките на своите можности, но потребна е поголема ажурност од страна на институциите.

„Бевме пред голем предизвик кога почна пандемијата и првата донација која ја дадовме, беше токму на Детска клиника. Таа иницијатива продолжи и во следниот период и дел од средствата пренаменивме за ваков тип поддршка. Ние како граѓанска организација даваме толку колку што се нашите капацитети, но очекуваме државата да одговори согласно Конвенцијата за правата на детето и почитување на елементарните права  за кои посебно во време на пандемија треба институциите да се мобилизираат и да бидат на висина на задачата“, истакна тој.

Фатмире Ајдари, која исто така е дел од тимот на Меѓаши, рече дека ограничувањето на движењето дополнително го отежнува добивањето јасна слика за тоа во каква состојба се некои се од децата.

„Не секој дом е безбеден и не сите деца имаат дом. Ова е важно прашање за дискусија за да имаме подобри резултати во заштитата на децата“, изјави Ајдари.

Со онлајн кампања до поголема дискусија за вредностите на заедништво и емпатија

Ајдари и нејзините колеги оценуваат дека општеството е поделено, а пандемијата дополнително го продлабочува социо-економскиот јаз. Оттука, Меѓаши почнува со нова кампања насловена „Поттикни мир“.

„Живееме во општество без општоприфатени вредности, во кое не успеваме новите генерации да ги научиме да не се мразат. Живееме во сегрегирано образовно општество каде учениците од различни етникуми живеат во различни училишта.  Живееме во целосно поделено општество и затоа почнуваме со оваа кампања за да ги промениме нештата. Сакаме државата да биде мобилна во ова што ќе го побараме“, најави Змијанац.

Од Меѓаши се децидни дека на децата им се потребни родители и наставници кои ќе им создадат атмосфера на поддршка, прифаќање и љубов.

„Треба да размислиме кој е нашиот придонес во градењерто мир. Кампањата се фокусира на преземање акција и поттикнување општествена промена. Сите ние треба да ја одржиме рамнотежата во општеството, а тоа може да се постигне преку акција за промоција на вредностите како социјалната правда, емпатијата, родовата еднаквост и друго. Да поттикнеме солидарност, да градиме заедничко живеење, да ги учиме новите генерации да не се плашат да дискутираат за теми кои им се непознати. На децата им е потребни наставници и родители кои ќе им овозможат атмосфера на поддршка, прифаќање и љубов. Кампањата ќе се реализира онлајн, ќе се објавуваат кратки пораки со поттикнувачка содржина. Објавите ќе ги има на повеќе јазици“, најави Битољану.

Пораките кои во претстојниот период ќе се објавуваат на социјалните мрежи, се базирани на вредностите за ненасилство и заедништво.

-Би сакале да се развиваат активности за дискусија поврзана со тоа каков е мирот во кој луѓето сакаат да живеат. Пред се’, сакаме да работиме на она „некој друг ќе го направи тоа“. Ако сами не се ангажираме, нема никој да ги среди работите за нас. Подобрувањето нема да падне од дома, од мали нозе треба да се креира климата на ненасилство и на прифаќање – објасни Битољану.

Од првата Детска амбасада сметаат дека пораките ќе бидат мотивирачки и ќе поттикнат размислување за тоа што сите може да направиме за да постигнеме поголема емпатија.

-Ќе дискутираме за одговорноста, ние бараме одговорност од институциите, но и ние сме дел од општеството и може да придонесеме за подобрување и имаме одговорност во однос на општеството.  Важно е и да слушаме, зборуваме без да слушаме. Дијалогот е важен за градење мир во општествпто. Градењето на мир го правиме од најрана детска возраст и вложуваме со тоа. Ќе дојдат избори и политичарите со нивната неодговорност и со говорот на омраза кој се случува и онлајн и на собраниската говорница ни го уништуваат целиот напор да создадеме општество со заедништво како најубава вредност за меѓусебно почитување. Имаме големи потешкотии донесувачите на одлуки да ги вразумиме да ги почитуваат нашите општочовечки вредности за перспектива за подобро утре. Со своите постапки политичарите не’ враќаат назад – забележуваат од Меѓаши.

 

Фото :    Илустрација / Freepik

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.