ММС

Објавено на: 04/5/21 3:36 PM

САД: Полицијата на Капитол го повика Конгресот да ја зголеми безбедноста

Претседателот на Синдикатот на полициските службеници од полицијата на Капитол, САД, го повика Конгресот да ја зголеми безбедноста околу Капитол Хил, по последниот напад во кој загина еден полицаец, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Овој напад, заедно со насилните настани од 6 јануари, ги оставија нашите офицери во недоумица поради недостатокот на персонал“, рече во саботата претседателот на Синдикатот, Гас Папатанасиу.

Тој изјави дека полицијата во Капитол е по бројност далеку под нејзиното ниво од 233 службеници, додавајќи дека може да се соочи со уште поголем недостаток на персонал, бидејќи дел од офицерите ќе се пензионираат.

Полицаецот Вилијам Еванс, 18-годишен ветеран, почина откако во петокот на него и во уште еден полицаец влета возило. Осомничениот Ноа Грин (25) е застрелан откако полицајците отворија оган кон него.

„Еванс беше почитуван полицаец во Одделот и неговата загуба е ненадоместлива“, рече Папатанасиу. „Оваа година изгубивме двајца полицајци при извршување на службената должност. Друг полицаец си го одзеде животот, а имаме и 80 полицајци кои беа сериозно повредени во бунтот [во јануари]. Некои од тие повредени полицајци може никогаш да не се вратат на должност.“

Поддржувачите на поранешниот претседател Доналд Трамп на 6 јануари упаднаа во зградата на Капитол, надвладувајќи ја полицијата, и убија еден офицер во намерите да го спречат Конгресот да го спроведе клучниот уставен потег пред инаугурацијата на новоизбраниот претседател Џо Бајден.

„Ние се обидуваме да ги исполниме постојните работни задачи дури и со полицајци кои работат принудно прекувремено. Многу помлади полицајци ми се доверуваат дека активно бараат да се префрлат во други агенции и оддели“, рече Папатанасиу.

Во време на дебатите во САД за разгледување на законите за оружје за граѓаните, во трикратен вооружен напад во сојузната држава Вирџинија во саботата убиено беше едно лице, а уште две се повредени.

Инцидентот се случи една недела по пукањето на плажа во Вирџинија, настан во кој загинаа две лица, а осум беа повредени.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.