ММС

Објавено на: 04/5/21 3:07 PM

Филипче: Не можеме да ја спречиме волјата на пациентите да се лекуваат во приватни болници

Кај нас може да се добие здравствена нега за која било патологија, не можеме да ја спречиме волјата на пациентите да се лекуваат во приватни болници. Вака одговори попладнево министерот за здравство, Венко Филипче на новинарско прашање зошто не се мобилизираат приватните болници барем за пациенти со други болести во ситуација кога јавното здравство е претворено во ковид центар и што ќе се прави со астрономските цени?

„Не знам зошто да  ги праќаме пациентите во приватните болници, се лекуваат сите пациенти на кои им е потребна здравствена нега. Во некои клиники тоа е со намален обем, а се одложуваат само оние кај кои одложувањето нема да предизвика влошување на состојбата. Тоа се прави сосема соодветно. Оваа недела ќе поразговараме, но тие цени ги детерминираат самите болници и тоа е така отсекогаш“, додаде Филипче.

Во однос на новите рестриктивни мерки кои почнуваат од утре, тој рече дека празниците кои доаѓаат дополнително може да ја комплицираат епидемиолошката ситуација:

„Во таа смисла не сакаме да дозволиме во продолжение на целиот тој период се случи дополнително оптоварување на здравствениот систем, нешто што веројатно тогаш тешко би можеле да го изменаџираме. Во таа смисла се сите овие дополнителни рестриктивни мерки со цел епидемиолошката слика дополнително да стивне“.

Тој посочи дека со тежок бран се соочуваат Србија, Црна Гора, Бугарија и многу земји од Средна Европа.

– Ги ангажиравме сите дополнителни капацитети во делот на болниците и активирани се модуларните ковид одделенија и сега почнува со работа ковид одделението во Битола. Иако има намалување на инциденцата во голем дел од градовите, има градови каде таа е се уште висока како што е во Куманово, Битола, Кичево и Тетово. Сите дополнителни одделенија се скоро исполнети. Во функција е болницата во Козле, која е снабдена со кислород, обезбеден е кадар и се хоспитализираат пациенти, рече Филипче.

Појасни дека има клиничка слика на болеста која е различна од претходниот бран, хоспитализацијата трае подолго, за разлика од претходниот бран кога на 14 ден од лекувањето пациентот во најголем број случаи се сметаше дека е излекуван, сега и кај помлади пациенти имаме влошување на состојбата на 12, 13 и 14-от ден од лекувањето на начин на една форма која ретко се гледа со драстично влошување на сликата на белите дробови и крвта која за жал често завршува со лош исход покрај сите третмани на лекување и терапевтски пристап.

Во врска со вакцинацијата посочи дека таа добро се спроведува и денеска во функција е и салата „Борис Трајковски”.

– Околу 300 граѓани на час во изминатите три четири часа се веќе вакцинирани. Двајца граѓани имале лесна клиничка слика компликација во смисла на колапс кој не е доведен во врска со вакцината. За кратко време после интервенцијата на службата за Итна медицинска помош се целосно повратени и се во добра здравствена состојба. Околу 3000 граѓани дневно ќе се вакцинираат во салата „Борис Трајковски”. А вкупниот број во текот на следниот период и согласно доаѓањето на вакцините ќе го зголемуваме односно ќе се скратуваат времињата на чекање меѓу секој од вакцинираните. Вкупната бројка вакцинирани досега е 10 000, рече Филипче.

Во врска со девојката која имаше компликација, тромбоза на едната вена на окото, министерот потенцира дека таа се чувствува добро и денеска ќе биде пуштена на домашно лекување.

-Апелирам граѓаните да ги почитуваат новите мерки. Одговорноста е исклучително битна и само така ќе имаме ситауција бројките значајно да се намалат во следниот период и за што пократко време излеземе од овој трет бран – додаде Филипче.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.