ММС

Објавено на: 04/5/21 2:03 PM

Полициски час од 20 часот и без гости во рестораните

Вирусот зема се’ поголем замав. Со оваа ситуација се соочуваат и земјите од регионот, Европа и светот. Овој вид заразува многу полесно и најчесто резултира со потешки последици – изјави на прес конференција премиерот, Зоран Заев.

Во пресрет на затоплувањето и големите празници кои ни следуваат, со цел да ги одмориме здравствените работници неопходни се рестриктивни мерки. Бројот на заразени расте, бројот на починати расте. Досега здравствените работници се справуваа со сите предизвици, но сега веќе имаме нивно сериозно оптоварување. Секој ден се во битка за спасување човечки животни. Од почетокот на пандемијата, ова е најголемо оптоварување на здравствениот систем. Ова е моментот кога треб да пресретнеме нови влошувања – истакна Заев денеска.

Тој најави нови рестриктивни мерки:

1. Забрана и посебен режим на движење во временски период од 20 часот до 5 часот наредниот ден, почнувајќи од 06.04. 2021 до 20.04.2021 година.

2. На граѓаните кои извршиле вакцинација во центрите за вакцина за временскиот период пред почнување на забраната и посебниот режим на движење им се дозволува враќање  во нивните живеалиште или престојувалишта врз основа на потврда за вакцинација.

3. Целосна забрана за посетители/гости во сите угостителски објекти и други кои даваат угостителски услуги, како и во делот за храна на хотели, мотели и пансиони, а оние објекти кои вршат подготовка на храна може да вршат продажба алтернативно, на пример онлајн и сите да вршат достава или да има самостојно подигнување на нарачката преку штанд почнувајќи од 07 до 20 април 2021 година.
Исклучок од ова се аеродромите во Скопје и Охрид, како и деловите за храна во објектите за сместување од лица сместени таму.

4. Целосна забрана за посетители во сите обложувалници. Нивната работа да биде овозможена исклучиво на штанд, пункт или пулт почнувајќи од 07.04. 2021 до 20.04.2021 година.

5. Целосна забрана за посетители/гости во сите спортски центри и клубови наменети за вежбање почнувајќи од 06.04.2021 до 20.04.2021 година.

6. Се забранува организирање и присуство/учество на секаков вид конференции, семинари и курсеви, но и други настани од ваков вид од 06.04.2021 до 20.04.2021 година.

7. На земјоделците им се овозможува движење до пазарите, до нивите и слично, врз основа на потврда за движење.

8. За време на посебниот режим на движење, сите граѓани кои живеат во станбени објекти за колективно домување и имаат домашно милениче куче, може од 22 часот до 23 часот да го изнесат најмногу до сто метри од објектот во кој живеат.

9. Останува на сила мерката за групирање на повеќе од 4 граѓани.

За жал, досега недоволно се почитуваа мерките за заштита. Посебно олабавеност се гледа во последните седмици. Седете дома овој период, не излегувајте ако не е потребно и не се групирајте. Овие мерки ги воведуваме во пресрет на празниците за да овозможиме секое семејство да ги помине во мир и спокој. Тоа е секому прва желба за претстојните празници, да сме здрави и заедно со саканите.

Очекуваме со овие мерки да се намали притисокот врз здравствените работници,а  во меѓувреме продолжува да тече процесот на вакцинација непречено – додаде Заев.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.