ММС

Објавено на: 04/5/21 11:34 AM

Фудбалот во Македонија е спорт број еден, покажа последното истражување на ФФМ и УЕФА

Кошарката и ракометот во втор план, фудбалот е спорт број еден во земјата, вели последното истражување направено и спроведено од „Kantar Media“, водечка меѓународна компанија специјализирана за истражување податоци и увиди, во колаборација со УЕФА и во име на Фудбалската федерација на Македонија.

Популарноста на фудбалската игра, позитивниот углед и перцепцијата за работата на Фудбалската федерација на Македонија, но и зголеменото ниво на интерес за натпреварите на националните тимови, се само дел од резултатите и заклучоците произлезени од научното истражување за ставовите кон македонскиот фудбал.

Педесет и осум отсто од испитаниците се изјасниле дека фудбалот е над сѐ во земјата. Иако значителните успеси на македонската кошаркарска репрезентација и освоеното четврто место во Литванија во 2011 година, како и двата европски трофеи на РК Вардар и петтото освоено место на Европското првенство во 2012 година на ракометната репрезентација во Ниш, во одреден момент ги испопуларизираа овие спортови и креираа перцепција дека еден од нив е „нацинален спорт“, истражувањето на „Kantar Media“ го покажа токму спротивното.

Помладата популација од 18 до 24 години има најголем интерес за фудбал и веројатно е клучна во одржувањето и зголемувањето на интересот за фудбалот во Македонија, преку развој на стратегии фокусирани на младите.

Победата во финалето на плејофот во Лигата на нациите против Грузија во Тбилиси од 0:1 и пласманот за првпат на едно Европско првенство, но и извесниот континуитет во игрите на македонската фудбалска селекција во квалификациите за големите турнири изминатите неколку години, вклучувајќи ја и неверојатната победа над Германија од 1:2 во борбата за Катар 2022, дава можност за зголемување на целокупниот интерес за фудбалот.

Во однос на угледот и комуникацијата на ФФМ, дури 71 отсто од испитаниците сметаат дека Федерацијата има позитивна целокупна слика (зголемување од 60 отсто во однос на 2016 година). Според нив, улогата на ФФМ во подобрување на целокупната слика за македонскиот фудбал (од инфраструктура до резултати на националните тимови), довела до промена на перцепцијата за ФФМ кон подобро.

Учеството во фудбалот исто така бележи значителен раст, играта како таква во Македонија е најпопуларна и поради бројот на деца кои започнуваат да тренираат и играат фудбал (27 отсто).

Љубителите на фудбалот дополнително се заинтересирале за Првата македонска лига (6 отсто зголемување), а групите од 18-14 и 25-34 се оние кои имаат најголем интерес за домашната лига и клупскиот фудбал.

Од 2016 година до денес, интересот за меѓународниот фудбал е зголемен од 43 на 50 отсто. Кампањата за ЕУРО 2020 фокусирана на успехот, гордоста и возбудата, дотолку повеќе влијаела врз фудбалските преференци на просечниот фудбалски вљубеник. По завршувањето на Европското првенство кое стартува во јуни, а момците на Игор Ангеловски ќе се соочат со Австрија, Холандија и Украина, ФФМ треба да стави акцент на иницијативи и поддршка на другите надционални репрезентации со шанса за пласман на големи турнири во иднина.

Во заклучокот стои дека во фокусот мора да биде и обуката на висококвалитетни тренери и судии и подобрување на фудбалската инфраструктура и развој на младински категории. Потенцирано е дека значајно е да се зголемува интересот за младинските репрезентации, покажувајќи им го патот на играчите од македонските репрезентации кои беа дел од младинските национални тимови и стигнаа до учество на ЕУРО 2020.

 

 

 

 

 

д.ј

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.