ММС

Објавено на: 04/5/21 9:28 AM

Во Италија свештенството приоритет за вакцинација, во Англија два пати неделно бесплатен брз тест за коронавирус

Свештениците, чесните сестри и луѓето кои живеат во верски објекти, спаѓаат во приоритетните групи за вакцинација против коронавирусот – соопштија италијанските власти.

Во Пиемонт оваа недела ќе биде отворен и посебен центар за вакцинација на луѓето од оваа приоритетна група, пренесе Ројтерс. Ваквиот центар всушност ќе биде сместен во болничкиот круг во Торино и таму од среда ќе почне вакцинацијата на будистите, католиците, Евреите и муслиманите, а ќе се вакцинираат и претставниците на католичките институции во Пиемонт.

Свештениците ќе бидат вакцинирани според националниот приоритетен план, почнувајќи од лицата кои имаат некаков инвалидитет или пак, се постари од 80 години.

Во Англија два пати неделно ќе може да се прави брз тест

Сите англиски граѓани ќе имаат можност од петок по два пати неделно да прават брз тест за коронавирус, во рамките на продолжувањето на програмата за тестирање која ја спроведува британската влада. Тестовите кои даваат резултати за околу половина час, ќе бидат бесплатни- пренесе БиБиСи.

Тестовите веќе им се понудени на учениците во училиштата и нивните семејства, како и на вработените кои мораат да одат на работи. Министерот за здравство тврди дека тестовите ќе придонесат да се спречи избивањето на нова зараза, во време кога веќе се попуштаат рестриктивните мерки.

Критичарите на ваквата програма сметаат дека постои ризик тоа да се покаже како скандалозно расфрлање со пари.

Британскиот премиер, Борис Џонсон би требало да одржи состанок со членовите на владата за да се потпише следната фаза од ублажувањето на мерките во Англија, што подразбира повторно отворање на сите продавници кои не продаваат производи неопходни за живот, како и можност за пабовите и рестораните да работата на отворено од 12 април.

Повеќето Германци не веруваат на ветувањето на канцеларката за вакцинацијата

Повеќето Германци не веруваат во владиното ветување дека на сите лица кои се подготвени да се вакцинираат, до 21-ви септември ќе им биде понудена вакцина. Истражувањето на јавното мислење на институтот YouGov“ покажува дека дури две третини не веруваат во ветувањето на канцеларката, Ангела Меркел. Само 23 отсто од Германците веруваат дека Владата ќе го исполни своето ветување.

Меркел во повеќе наврати најави дека до 21-ви септември на сите возрасни Германци кои ќе сакаат да се вакцинираат, тоа ќе им биде овозможено.

 

Извор:     rtv.rs


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.