ММС

Објавено на: 04/3/21 1:15 PM

Имунизацијата на 600 медиумски работници започнува од понеделник: Ќе се вакцинираат во „Борис Трајковски“

Вкупно 758 лица се одзвале на повикот за вакцинација на Здружението на новинари и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници. Од нив, 631 ги исполнуваат условите за првата фаза во поглед на возрасната граница, хронична болест, односно активни новинари и медиумски работници. Овие лица во најбрзо време ќе бидат контактирани од страна на претставници на здравствените власти и ќе бидат известени за точен термин за вакцинација која ќе започне од понеделник во спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје.

За ова денеска преку писмено соопштение информираа Здружението и Синдикатот, од каде велат дека останатите 127 пријавени лица кои претежно биле помлади од 40 години или биле дел од административните служби или служби за одржување во медиумите ќе бидат земени предвид во вториот круг на имунизација на медиумски работници.  Предвидено е овој круг да се реализира веднаш по пристигнувањето на следната пратка на вакцини што се очекува во следните неколку недели.

На овој повик, одговорија новинари и медиумски работници од вкупно 110 традиционални и онлајн медиуми од целата држава.

Во втората фаза ќе може да се пријават и сите останати новинари и медиумски работници, како и вработени во медиуми кои имаат интерес да се бидат вклучени во процесот на имунизација.

Заинтересираните новинари и медиумски работници,од понеделник 4-ти април до недела 11-ти април ќе можат да се пријават преку своите редакции со достава на список на електронската пошта: contact@ssnm.org.mk единствено со испраќање на пополнет образец кој може да се симне тука.

Ќе се прифаќаат пријавите кои се испратени исклучиво во наведениот образец, во кој треба да биде означено одговорно лице за контакт од редакцијата. Лицата кои веќе биле пријавени да не се пријавуваат повторно. Обврската за веродостојноста на информациите останува на товар на одговорното лице посочено во образецот за кое потребно е да биде наведени и контакт информации.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.