ММС

Објавено на: 04/3/21 7:19 AM

Пописот одложен за септември, локалните избори за втората половина на октомври, ќе гласаме со отпечаток од прст

Со синоќешното гласање Собранието и формално го одложи пописот во земјата кој наместо во април ќе се спроведе од 5 до 30 септември, а соодветно на тоа и локалните избори што најверојатно ќе се одржат на 24 или 31 октомври, предвидено со измените на Изборниот законик, како и гласањето со отисок од прст. Одложувањето на пописот, воведувањето на отпечаток од прст и одложувањето на локалните избори беа дел од договорот на средбата меѓу лидерите на двете најголеми партии во земјата премиерот Зоран Заев од СДСМ и Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ. Со поддршка подоцна излезе и лидерот на ДУИ Али Ахмети, додека против одложување на пописот беа партиите на опозицијата на Албанците, Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Пописот во Северна Македонија требаше да започне на 1 април и да трае до 21. Во меѓувреме се одвиваше самопопишувањето на дијаспората.

Измените и дополнувањата на Законот за попис беа донесени со 95 гласа „за”, а „против” гласаа 12 пратеници. Во рамки на гласањето по Бадентер, 26 пратеници од заедниците гласаа „за”, додека 12 против. Воздржани немаше. Со тоа пописот е одложен и ќе се одржи од 5-ти до 30 септември, а дотогаш ќе трае процесот на самопопишување на нашинците од дијаспората.

Во расправата во Собранието вчера предничеа пратениците од Алијансата за Албанците и Алтернатива и ДУИ, а со свои реплики се вклучија и други пратеници.

Пратениците од Алијанса на Албанците и Алтернатива го повторуваат својот став дека одложувањето на пописот не е поради пандемијата со Ковид-19, туку од политички причини односно поради масовното попишување на Албанците од дијаспората. Тие ги повикаа пратениците од ДУИ „еднаш да застанат зад дијаспората” и да гласаат против одложување на пописот за септември. Според нив, ДУИ е виновна за заминувањето на Албанците од земјата.

Пратениците Елми Азири и Халил Снопче го повикаа претседателот на Собранието Талат Џафери да не гласа за одложување на пописот потсетувајќи на една негова телевизиска изјава дека „пандемијата не е причина за одложување на пописот”.  Азири рече дека Џафери треба да го следи примерот на Изет Меџити кој јавно кажал дека нема да го поддржи одложувањето на пописот.

Џафери излезе на реплика и побара пратениците да не се мешаат во неговите ставови, кои се конзистентни, и дека тој одговара само пред граѓаните кои го избрале. За примерот што го посочи пак Снопче, тој рече дека не е прeдавник и оти бил генерал во УЧК и не се срами од тоа. Џафери рече дека тие го повикуваат да биде предавник на лидерот.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбр Адеми кажа дека албанската опозиција постојано ги менува ставовите.

Бранислав Крмов од Левица, како и Никола Мицевски и Гордана Силјановска Давкова сметаат дека до септември треба да се смени методологијата за спроведување на пописот и оти одложувањето било препорака на здравствените власти.

Павле Трајанов од Демократскиот сојуз рече дека денешната статистика со 50 починати се доволен основ да се пролонгира пописот.

– Значи 50 починати во изминатите 24 часа. Имаме приближно 20.000 инфицирани или заболени грашани на оваа држава. Втор аспект, вие го посочивте, можеби тоа е главниот проблем во нашата држава, што некоја од политичките партии и носители на државни функии повикуваат Албанците да се попишат. Мислам дека тоа е разгорување на национална и верска омраза. Тоа не е во функција на градење на единство во држвата, рече Трајанов.

Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ бараше да се одложи пописот, Левица да се бојкотира, а ДС да се одложи пописот заради сите овие елементи.

-Треба да имаме во вид дека ние живееме во една држава. Не може да се води кампања против државата во која што живееме, против Македонците, против македонштината, а од друга страна да бараме трпение и толеранција, рече Трајанов во реплика на пратеничката Сафија Садики Шаини од Алтернатива.

Исто така со 95 гласа „за” беа донесени измените на Изборниот законик, кои беа поднесени од сите пратенички групи и за кои немаше расправа. Против и воздржани немаше. Во гласањето по Бадентер, 27 пратеници припадници на заедниците гласаа „за”, а против и воздржани немаше. Со овие измени се предвидува начинот на гласање со терминали за вчитување на отисок од прсти, што доколку тие се расипат и кога се користи заменски терминал, како и одложување на локалните избори за втората попловина на октомври, за кампањата за овие избори да не се поклопи со пописот.

По завршување на 38. седница на Собранието гласаше по заостанати точки од 20-та, 25-та, 26-та, 29-та, 30-та и 34-та пленарна седница, како во прво читање така и во второ читање.

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.