ММС

Објавено на: 04/2/21 7:22 PM

Стејт Департмент: Корупцијата ја гние демократијата и ги поткопува демократските институции

Корупцијата ја гние демократијата одвнатре и сѐ повеќе се употребува како оружје на авторитарните земји за поткопување на демократските институции, соопшти денеска американскиот Стејт департмент, поврзано со најновиот Извештај за состојбата со човековите права во светот.

За надворешната политика на САД корупцијата е антидемократска практика, уште една форма на погазување на човековите права и затоа во годинешниот извештај на Стејт департмент за состојбата со прекршувањето на човековите права во светот опфаќа речиси 200 земји и во него на коруптивните практики на владите им се дава посебно значање.

Државниот секретар на САД, Ентони Бликен, на завчерашниот брифинг по повод објавувањето на Извештајот изјави дека во повеќе земји „трендовите за човековите права продолжуваат да се движат во погрешна насока”.

– Премногу луѓе продолжија да страдаат под брутални услови во 2020 година, рече Блинкен.

Што се однесува до Извештајот за Северна Македонија, тој генерално земено е позитивен, но сепак се посочуваат неколку забелешки како корупција на високо ниво, маргинализација и социјални предрасуди кон ЛГБТИ лицата, но и кибер закани и вербални напади врз новинари.

На прашање од МИА какви антикорупциски мерки треба да преземе Владата во Скопје за да се спречи митото, непотизмот и конфликтот на интереси, официјално лице од Стејт депртментот одговори дека во сржта на американската надворешна политика стои дека „корупцијата ја гние демократијата одвнатре”.

– Во насоките на Стратегијата за национална безбедноост на Администрацијата на претседателот Џо Бајден стои дека корупцијата е феномен кој ја гние демократијата одвнатре и сѐ повеќе станува оружје на авторитарните земји за поткопување на демократските институции, се наведува во одговорот.

Во извештајот се посочува дека „македонската влада за спречување на корупцијата во земјата треба да работи со граѓанското општество во земјата и со независните владини органи, како државната Комисија за спречување на корупцијата и конфликт на интереси, но и со регионалните тела како ОБСЕ и Венецијанската комисија.

Стејт департментот забалежува и дека во Северна Македонија постои маргинализација на припадниците на ЛГБТИ заедницата, при што се посочени случаи на социјални предрасуди, како говор на омраза кон овие лица. Од Стејт департментот појаснуваат дека борбата за запирање на насилството, дискриминацијата, прогонот и стигматизирање на ЛГБТИ лицата е глобален предизвик.

– Тој проблем е во средиштето на нашите заложби за промоција на човековите права и фундаменталните слободи за сите индивидуи. Администрацијата на Бајден ќе се води со силата на нашиот пример и ќе бара воведување политики за запирање на насилството и дискриминацијата засновани на полова ориентација, полов идентитет или изразување полови карактеристики, посочуваат од Стејт департментот.

Во извештајот се нотирани и случаи на кибер заплашување и говор на омраза против новинари, но и спората реакција на правосудниот систем во земјава на тужбите за тоа. Од Стејт департментот наведуваат дека иако состoјбата со медиумите во Северна Македонија се подобрила во 2020 година, насилството, заканите со напади врз новинари и неказнивоста за тоа остануваат сериозно прашање.

Во документот се посочува случајот со дописничката на МИА од Брисел. – Неколку дена во текот на јули, дописникчката државната новинска агенција МИА Тања Милевска во Брисел доби бројни закани за смрт и силување од анонимни корисници на Твитер и Фејсбук, се наведува во извештајот.

– Здружението на новинари на Македонија извести за 16 напади на новинари случени од јануари до октомври 2020 година и ја повика полицијата да ги расчисти случаите со изведување на одговорните пред суд. Здружението повика на промени во кривичниот закон со што ќе се осигура дека нападите на новинарите се „екс официо” криминални дела, се нагласува во одговорот.

Во извештајот се напоменува и дека на 4 февруари, ССНМ „го потпиша првиот колективен договор со медиум, државната новинска агенција МИА, со кој се регулираат условите на вработените”, вклучително и гаранции за 36-часовна работна недела, платена прекувремена работа, заштита од произволно отпуштање и загарантирана слобода на изразување.

Од Стејт департментот велат дека владните лидери треба да се воздржат од закани и навреди кон новинарите, да ги осудат оние што го прават тоа и да бараат можности да се промовира одговорноста за насилство и малтретирање на новинарите.

– Извештајот ги истакнува и загриженоста од финансирање на медиумите со државни пари, што води кон тенденциозност во медиумскиот етер. Како и потребата од обезбедување политичка независнот на јавниот радиодифузер Македонска радио телевизија и медиумскиот регулатор, вклучително и финансирањето од ОДИХР, велат од американскиот Стејт департмент.

 

 

 

Извор:

mia.mk

 

Фото:

balkaneu.com


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.