ММС

Објавено на: 04/2/21 3:27 PM

Колку лица досега се вакцинирани во Македонија, кои се несаканите ефекти од вакцинацијата и кој има приоритет за вакцинација, објаснија стручните лица

Екипи од по 4 лекари и 12 медицински сестри ќе бидат ангажирани во една смена за вакцинацијата на пунктовите во спортскиот центар „Борис Трајковски“. Овие медицински екипи таму ќе бидат континуирано, а дополнително ќе се бара помош и од други медицински, како и немедицински кадри. Сето ова ќе зависи од динамиката со која ќе се одвива вакцинацијата во чии рамки досега во земјава со двете дози на  Фајзер се вакцинирани 3.728 лица, додека двете дози од Спутник В ги примиле 267 лица.Со вакцината АстраЗенека се вакцинирани 663 лица.

Со ваквите податоци располага Националниот комитет за имунизација, чија претседателка Александра Грозданова вели дека информациите за несаканите реакции треба да се бараат од МАЛМЕД.

„Јас колку што знам досега имавме десетина пријавени случаи за несакани реакции од Фајзер  и неколку од руската вакцина, но тоа е во границите на вообичаеното“, истакна Грозданова на денешниот брифинг со новинарите во организација на Лекарската комора.

За тоа кои се несаканите ефекти од вакцините зборуваше директорот на Институтот за имунологија, Александар Петличковски:

„Нормално е вакцините да имаат некакви несакани ефекти и тие се најчесто оток, болка на местото на апликацијата, замор, главоболка, па некогаш и температура која трае најдолго два дена. Исклучително ретко се можни сериозни алергиски реакции и сериозни случаи на длабоки венски тромбози, но тука мислам на 4 до 6 случаи на милион вакцинирани. Мора да имаме предвид дека кај невакцинирана популација броиме околу 10 случаи на тромбоза на милион луѓе“.

И Петличковски и Грозданова се согласуваат дека човек што се заразил со коронавирусот најдобро е да се вакцинира еден месец откако ќе оздрави. Сепак, и понатаму останува прашањето дали за луѓето кои прележале е доволна само една доза вакцина.

„Ми стои прашањето – дали овие луѓе треба да изберат сами или ние да им помогнеме врз основа на научни сознанија за евентуално користење една доза кај нив и дали со неа би добиле сертификат? Ова треба да се помисли и да се изгради некаков став“, изјави денеска Петличковски.

„Оправдуваме порационална употреба на вакцините, кај оние што прележале една доза овозможува високо ниво на антитела, но од регулаторен аспект се уште го чекаме урнекот за тоа каков ќе биде европскиот сертификат.  Вакцинирана индивидуа е вакцинирана со две дози и затоа ние купуваме време да видиме  како ќе биде. Доколку луѓето сакаат да бидат заштитени тие ќе бидат и со една доза ама ако им треба официјален документ тоа може да биде проблем“, појасни д-р Грозданова.

Петличковски оценува дека вакцинацијата е одлична алатка, но не и доволна за да се реши ситуацијата преку ноќ.

„Мора да инсистираме на уште поригорозни мерки затоа што сега имаме малку поопасен противник. Комбинирање на вакцинација со сериозни мерки може да ни навести излез од кризата“, изјави тој. Петличковски објасни дека вакцината се препорачува за сите пациенти чиј имунитет е компромитиран, особено за луѓето со автоимуни болести кои се со сериозна имуносупресивна терапија. Ако се на сериозна имуносупресивна терапија за нив важи варијантата дека Фајзер и Модерна се со помал ризик. Луѓето со историја на длабоки венски тромбози, инфаркти, срцеви заболувања апсолутно не се проблематични за вакцинирање, вклучително и со АстраЗенека“, додаде директорот на Институтот за имунологија.

Според него, непотребни се дискусиите за тоа дали треба да се вакцинираат жените кои планираат бременост, бидејќи засега нема инфрмации за ризик. Сепак, во однос на бремените жени и мајките кои дојат препораката не е јасна.

„Препораките за безбедноста произлегуваат од клиничките студии во кои имаше 40 илјади волонтери. Во нив нема таргет група за да се знае колку биле бремени па да се следи ефектот на вакцината и да се види дали и колку кај неа имало заразени. За децата пак, имаме информации дека вакцината на Фајзер е ефикасна кај деца од 12 до 18 години. Тие се испитуваат во нови клинички студии, но децата не се приоритетна група за вакцинација“, додаде директорот на Институтот за имунологија.

Здравствените власти во меѓувреме ги замолиле сите здруженија на доктори од различни специјалности (ендокринолози, онколози, невролози и други) да изготват документи со препораки за вакцинација на нивната група пациенти бидејќи секој специјалист знае кај кој пациент може да има вакцинација, а кај кој не.

– Дополнително треба да се знае дека  секој пациент не е во иста фаза од болеста.  Ако  се работи за малигнитет, треба да се знае дали пациентот примал терапија пред 3 години или сега се уште прима, тоа се ставови кои здруженијата треба да ги дефинираат. Унифициран став за секоја група нема, минимален е бројот на контраиндикации. Искуството е на наша страна но секој пациент треба индивидуално да се процени – појаснија докторите на денешната средба.

Тие уште еднаш потенцираа дека дури и  да има нови случаи на зараза, вакцините ќе придонесат да немаме тешки случаи, со што ќе се намали оптоварувањето на болничките капацитети. Со самото тоа според нив,  болниците ќе се вратат на останатите патологии кои во овие услови се поттиснати.

 

В.М.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.