ММС

Објавено на: 04/2/21 1:56 PM

Започна имунизацијата во Гостивар

Вакцинирањето на населението во гостиварско започна утрово на посебен пункт во Здравствен дом Гостивар.

По претходно направените подготовки и според насоките на здравствените власти, граѓаните се вакцинираат на 10-15 минути со што се избегнуваат мешаници и редови во затворен простор.
Одговорната во службата за вакцинација во Здравствен дом, д-р Дафина Богдановска, информираше дека за првиот ден според евиденцијата 47 граѓани за денес поднеле барање за вакцинација. Таа апелираше до пациентите покрај здравствени книшки да носат и лични карти.

Првите дози на вакцината Астразенека ги прими брачниот пар Рамадани од село Неготино. Седумдесети осумгодишната Лирије откако поминаа петнаесет минути од апликацијата, кажа дека се чувствува добро и дека ќе чека на ревакцинацијата за да се чувствува посигурно.

Во процесот на имунизација се вклучени и волонтерите на Црвен Крст. Тие пред влезот им помагаат на пациентите во пополнување на формулари со своите податоци. На почетокот на неделава во Гостивар стигнаа 500 дози од вакцините и со нив е предвидено да се вакцинираат првата група граѓани кои се на возраст над 77 години.

Зоран Г. Маџоски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.