ММС

Објавено на: 04/2/21 10:36 AM

Учениците си ги сакам како мои деца, имаат чисти срца исполнети со љубов: Со дефектологот Маре Симоновска по повод Светскиот ден на аутизмот

Со многу љубов и емпатија е исполнето работното секојдневие на штипјанката Маре Симоновска. Таа им е како втора мајка на десетина деца, во чиј живот е важна фигура, затоа што им помага или веќе им помогнала полесно да се вклучат во општеството. Децата кои се под нејзина закрила се дел од заедницата на која е посветен денешниот ден. Секој втори април светот се бои во сино, бидејќи сината е боја, која го симболизира аутизмот. Денеска кога се одбележува Интернационалниот ден на лицата со аутизам, предизвиците што тој ги носи ги претставуваме од поинаков агол. ММС досега објави повеќе интервјуа со мајки на деца со аутизам, но денеска симболично разговараме со Симоновска за односот кој го негува со своите ученици. Таа не е обична учителка туку дефектолог, односно специјален едукатор и рехабилитатор.

„Од мала знаев дека мојата професија ќе биде поврзана со деца, но не знаев дека тоа ќе бидат деца со атипичен развој. Кога бев средношколка во мојот клас учеше ученик со попречености и јас се однесував заштитнички кон него, сакав да му помагам. Да им помагам на безгрешните деца е една од причините што одбрав да станам специјален едукатор и рехабилитатор. Затоа и кога матурирав, одлуката за тоа што ќе студирам падна многу лесно“, се сеќава Симоновска.

Нејзиното прво вработување било во Дневниот центар за лица со интелектуална и физичка попреченост во штипско Ново Село. Во 2010-та година стасала најава дека Штип ќе ја добие првата специјализирана паралелка за деца со аутизам и така почнува приказната, за која Маре секој ден пишува по една нова страница.

-Пред да се отвори ваква паралелка во мојот град, се отворија повеќе во Струмица. Затоа таму бев на обука и тоа беше предуслов да можам да се вработам. Паралелката за ученици со аутизам, која е сместена во ООУ „Ванчо Прке“ – Штип почна со работа 2010-година, веќе 11 години успешно работиме. Поради зголемениот број ученици, се отвори уште една паралелка па сега се две. Едната е за одделенска настава од прво до петто одделение, а другата е предметна од шесто до деветто одделение. Училниците се сместени една до друга и во нив учат вкупно пет ученици“, споделува нашата соговорничка.

Таа вели дека училниците се опремени и има посебен тоалет за учениците. Враќајки се наназад, признава дека имала страв од непознатото кога почнувала со новото работно поглавје.

„Аутизмот е табу тема, а и секој почеток е тежок, па секако дека имав некаков страв. Но имав практични вештини, одев на обука, имав знаење и сето тоа имаше големо значење за моите почетоци“, вели Маре за ММС.

Во двете паралелки за аутизам во училиштето „Ванчо Прке“ во Штип во моментот учат вкупно пет ученици, но Маре контактира со семејствата на сите деца кои низ годините поминале низ овој образовен процес и како што веќе, сите и’ се подеднакво драги.

„Се приврзувам со децата и потоа кога ќе го завршат образованието кај нас ми недостасуваат. Сепак родителите знаат да ми се јават, да побараат совет или консултација, затоа што ние сме соработници“, додава Симоновска.

Во нејзината работа таа става повеќе акцент на грижата за себе, ги учи да кажат кога им се оди во тоалет, или да го напишат она што го чувствуваат, затоа што некои од овие деца немаат развиен говор. Љубовта која им ја дава на своите ученици, а и која во толкава мера ја добива од нив, е главниот мотив за нејзината креативност. Со свои средства и  благодарение на својата имагинација изработува материјали за учење.

„Со колешката следиме семинари  и обуки, сами си го финансираме тоа. Кога почнав со работа од Бирото за развој на образование ни стигнаа програми за работа за секое одделение од редовна настава и само програмите за прво одделение беа адаптирани за ученици со аутизам. Веќе од следните одделенија имаше програми кои не беа модифицирани , но програмата како програма не е некој водич, бидејќи децата се ниско функционални. Ги следиме учениците и врз основа на проценка на нивните можности  изработуваме индивидуален план, се води досие за тоа дете го проценуваме психофизичкиот развој и така продолжуваме со дефектолошкиот третман“, додава штипјанката.

Ја прашавме како поконкретно изгледа нејзината работа со децата, што им е најинтересно.

„Нашето училиште има сензорна соба која ја користам за стимулација на сетилата, децата таму се чувствуваат сигурно. Имаме асистивна технологија добиена со поддршка на УСАИД во рамките на еден прект за ученици со атипичен развој. Моите ученици ја сакаат модерната технологија па тие пројавуваат и голем интерес за да користат компјутери. Секако тоа им го дозволувам, но во секој случај компјутерите не ми се основен инструмент за работа, туку како дополнување па ги користам со други методи и техники на работа“, додава Маре.

Таа ни раскажа дека децата со аутизам си создаваат свој свет, претпочитаат едностави игри, но сакаат и да гледаат телевизија.

„Интересна им е визуелизацијата, сакаат да гледаат вести, реклами, македонски народни приказни. Тука како значаен фактор ќе ја споменам и музиката, таа им доаѓа како терапија. Теоретски гледано се препорачува класична музика, но моите ученици сакаат да го слушаат она на кое се навикнати од дома. Значи ако родителите на детето слушаат дома турбо-фолк музика, тогаш му пуштаме таква бидејќи детето таа ја претпочита и се смирува со таквиот звук. Флексибилни сме“, смеејќи се вели Маре во чиј работен простор се испреплетуваат најразлични музички звуци.

Тие се радуваат кога ќе ја слушнат својата омилена песна, кога гледаат емисии, на пример многу сакаат емисии за готвење. Радост им е да ги изнесеме на прошетка, или кога ја користиме спортската сала која за нив специјално беше опремена со поддршка од Источниот плански регион – споделува дефектологот.

„Моите ученици ги сакам како свои деца, вложувам енергија, посветеност и труд.  Мотивација за мојот вложен труд е љубовта од овие деца. Тие имаат чисти срца, не мамат, не осудуваат, даваат љубов на различен начин и јас сум им како втора мајка.  Често знам  да кажам  моите деца. Сметам дека за да добиеме љубов треба да дадеме. Децата со  аутизам бараат разбирање  и поддршка, бидејќи сме ние нивниот свет“, искрена е нашата соговорничка.

Таа додава дека кај лицата со аутизам нема конкретна експресија освен ако не се лути или не чувствуваат некое големо задоволство.

„Кај  лицата со аутизам нема конкретна експресија на нивните лица, освен ако се лути или има големо задоволство. Тие се приврзуваат со едно лице, на пример, мајка или татко и така детето  се чувствува безбедно.  Во мојата работа користам терапија со држење. Тоа значи дека цврсто го прегрнувам детето кога е вознемирено, но по извесно време се смирува и така воспоставувам поблизок  контакт за да се подобри неговото однесување.  Имав ученик кој знаеше да дојде, да ме прегрне и да го допре неговиот образ на моето чело. Тоа беше неизбежен ритуал. Кога се чувствуваше вознемирено сакаше гушкање“, раскажува Симоновска.

Иако смета дека аутизмот се’ уште е табу тема, констатира дека свеста за него се’ повеќе се зголемува, можеби и поради лесната достапност на информациите во денешно време.

Децата од двете паралелки на Симоновска и нејзината колешка, низ годините имале повеќе активности со децата од редовната настава, но ваквото свесно и совесно однесување на дечињата, вели таа, зависи од нивното домашно воспитување и од тоа како ќе ги воспитаат нивните наставници.

„Учениците ги носиме сегде на прошетки заедно со учениците од редовна настава, организираме постојано заеднички активности за нивно дружење. Посетуваме знаменитости, институции, но најдобрата терапија е всушност разбирањето од околината“, нагласува таа во интервјуто за ММС. Досега тие повеќе пати заеднички го одбележале „Втори април“.

За одбележувањето на Интернационалниот ден постојано имаме заеднички работилници со учениците од редовна настава или со ученичкиот парламент, каде членуваат претседателите од сите одделенија во нашето училиште. Децата се едуцираат, се запознааваат со аутизмот, учат како да им помогнат, па отвораме книга на желби во холот и децата од редовната настава пишуваат желби за овие ученици, а имаат и ликовни работилници. На први април редовно заедно изработуваме маски. Значи нашето училиште ја знае проблематиката, ги прифаќат децата. Организираме изложби за Нова година, изработуваме честитки, правиме работилници за Велигден, па децата од редовна настава доаѓаат и симболично купуваат, а тие пари се за материјали што ги користиме во наставата за подобрување на условите – задоволно раскажува таа.

Бидејќи последните месеци повторно се актуелизираше прашањето за инклузијата на учениците со попреченост во редовната настава, Симоновска проговори и за тоа. Според неа, на оваа тема не може да се зборува генерално, бидејќи се’ зависи од самиот ученик, но ја поздравува идејата за што повеќе образовни асистенти во училиштата ширум државава.

„Потребна е голема подготовка на средината, на наставниот кадар, на децата со типичен развој. Треба да се обезбедат асистенти, но мое размислување е дека некои деца со атипичен развој тешко би издржале во училница бидејќи за нив е потребен индивидуален пристап. Некои од нив немаат стекнато навики  за физиолошки потреби, па затоа се’ зависи од степенот и видот на попреченост.  Пример децата со аутистичен спектар на нарушување се навикнати на активности, се врзуваат за одредена личност, се плашат од непознати околности. Редовната настава е кабинетска и секој час учениците ги менуваат училниците. На одморите има врева и кај учениците со аутизам може да се предизвика болка од некои звуци кои за другите се вообичаени, како на пример звукот на училишното ѕвонче. Сметам дека не треба да се брза, значи да се заклучи кој ученик  може да следи, а кој не“, заклучува Симоновска.

Годинава поради пандемијата активностите за Меѓународниот ден на аутизмот се малку поскоромни од претходните години, но во секој случај ваквиот ден кој тие го сметаат за празник, нема да остане неодбележан.

„Направивме и поделивме флаери, како и стапчиња со амблеми. Се сетивме децата да бојат балони во сино и на секој балон испишавме пораки – разбирање и љубов е се’ што сакам; прифаќање наместо сожалување; разбирање наместо предрасуди…“ , додава Маре.

За крај на разговорот, таа прави паралела меѓу тоа како се чувствуваат децата со аутизам и какви чувства се создаваат поради ‘новото нормално’ наметнато од пандемијата.

„Луѓето со атипичен развој страдаат поради начинот на кој ги третира општеството, а не поради нивната различност.  Денес најдобро може да ја разбереме нивната изолација, со тоа како се чувствуваме ние сега може да разбереме како се чувствуваат тие секој ден. Ова е посебен пример со кој сега во оваа пандемија и во време на карантин кога ние како се чувствуваме изолирано, може да сфатиме како некои од нив се чувствуваат секој ден. Затоа стручниот третман е многу битен, раната детекција, раното третирање од двегодишна возраст може да доведе до позитивни резултати на  подолго рок. Колку побргу родителите ја прифатат состојбата, толку поголем резултат ќе има кај децата“, завршува Симоновска.

Освен двете паралелки во училиштето „Ванчо Прке“, во Штип во населбата Пребег постои и Дневен центар наменет за лицата со аутизам. Кога тие ќе го завршат основното образование, средното го продолжуваат во училиштето за рехабилитација „Искра“.

 

 

 

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.