ММС

Објавено на: 04/1/21 10:30 PM

Египет бара отштета од една милијарда долари од компанијата чиј брод со денови го блокираше Суецкиот Канал

Египет соопшти дека од компанијата сопственик на гигантскиот брод со контејнери „Евер гивен“, кој предизвика морскиот сообраќај во Суецкиот Канал да запре шест дена, ќе побара отштета од најмалку една милијарда долари, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Шефот на Управата на Суецкиот Канал, Усама Раби, во изјавата за египетската телевизија „Сада ел Белед“ се осврна на бродската криза во Суецкиот Канал.

Наведувајќи дека Управата на Суецкиот Канал по шест дена го спасила заглавениот брод без никакви загуби на животи или оштетување на опремата на бродот, Раби рече дека институцијата изгубила милиони долари за еден ден.

Раби истакна дека во Комисијата за истрага на инцидентот вклучени се морепловец, правен службеник, инженер и експерт за компензација за да го утврдат степенот на штетата што се случил за време на прекинувањето на поморскиот сообраќај на Суецкиот Канал.

Раби, посочувајќи дека цената на бродската криза надмина милијарда американски долари, рече дека покрај прекинот на сообраќајот од шест дена, во таа цена влегуваат амортизацијата на машините и возилата што се користеле за време на одблокирањето на заглавениот брод, штетата на опремата и работата на техничките тимови и инженерите.

„Управата на каналот ќе побара отштета од над една милијарда долари од компанијата која е сопственик на бродот“, рече Раби.

Раби додаде дека истрагата ќе трае најмалку една недела.

Во претходната изјава, Раби соопшти дека е формирана комисија за истрага во рамките на институцијата и дека товарниот брод ќе биде задржан сѐ додека не заврши истрагата.

Што се случи во Суецкиот Канал?

На 24 март, во Суецкиот Канал, еден од најважните водни патишта во светот, гигантскиот контејнерски брод се насука поради намалување на видливоста, песочната бура и лошите временски услови.

Како резултат на заглавувањето на бродот „Евер гивен“ позајмен од тајванската компанија „Евергрин“, во Суецкиот Канал се формираа долги редици бродови и имаше нарушувања во пратките од сурова нафта и ЛНГ поради прекинот на морскиот сообраќај.

Нефункционирањето на каналот секој ден ја чинеше светската и економијата на Египет милијарди долари.

Се проценува дека Египет на дневна основа претрпел по околу 12-14 милиони долари загуба како резултат на заглавувањето на бродот „Евер гивен“, додека дневната штета во глобалната трговија е околу 10 милијарди долари.

Од осигурителните компании нема информации за трошоците предизвикани од бродската криза.

Експертите по економија коментираат дека може да бидат потребни месеци за да се надомести штетата што ја претрпеа Управата на Суецкиот Канал и другите сегменти поради несреќата.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.