ММС

Објавено на: 04/1/21 6:00 PM

Никој не планира одмор за Велигден – Пандемијата им замрзна три милиони евра на македонските туристи

Граѓаните во страв од реприза на ланскиот продолжен полициски час воопшто не размислуваат за аранжмани за Велигденските празници, а оние кои не ги искористија средствата од ланските аранжмани преточени во ваучери се во неизвесност дали ќе успеат да ги реализираат и годинава.

Поради пандемијата лани, Владата им рече на агенциите да им издадат ваучери на своите клиенти кои веќе уплатиле за аранжмани во странски дестинации, а истите да се искористат до крајот на 2021 година.

„Согласно евиденцијата на ваучерите кои се доставени до Министерството за економија станува збор за близу 12.000 ваучери издадени од Туристички агенции во вредност од три милиони евра“, ни одговорија од Министерството за економија.

Оттаму велат дека нема да се измени начинот на искористување на ваучерите, односно во овој момент остануваат на одлуката тие да се реализираат до крајот на 2021 година.

Неизвесноста за летната туристичка сезона е голема кај некои од туристичките агенции кои ги контактираше ММС. Туристичките оператори прашуваат што ако поради пандемијата не успеат да ги реализираат ваучерите, а на луѓето не можат да им ги вратат парите назад.

„Тоа се средства на туристите кои резервираа уште на почетокот на 2020 година за летната сезона лани. Парите ги уплаќаме на туроператорите и на хотелите однапред. Многу од хотелите не враќаат пари и не дозволуваат резервациите да се заменат со друг аранжман или друго лице да го користи сместувањето. Најголем дел од резервациите се направени за аранжмани во Грција, Бугарија и Турција, со тоа што дел од тие за Турција некои ги искористија откако беа отворени границите. Не знаеме ниту кога ќе се отворат границите и затоа не закупуваме вили и апартмани во туристичките центри во Грција и Бугарија“, велат од една туристичка агенција.

Министерството за економија размислува за неколку предлози во случај да не се отворат границите за евентуално да не им пропаднат тие средства на граѓаните и на агенциите.

„Министерството за економија го има во предвид и моментот на отварање на туристичката сезона во Грција и во случај таа да не се отвори, првиот предлог е да се продолжи рокот на ваучерите, но исто така се разгледуваат и други предлози кои ќе ги разгледаме заедно со стопанските комори и здружението на потрошувачи“, велат од оттаму.

Пред некој ден министерот за економија, Крешник Бектеши рече дека ќе се поттикнува домашниот туризам и дека нема да преговара со Грција затоа што министерството нема надлежност за тоа. Заедно со министерствата за здравство и надворешни работи ќе стапат во контакт со сите соседи за да најдат заедничко решение за взаемно решение за признавање на тестовите и вакциналните пасоши.

„Размена на туристи со сите дестинации е клучно во развојот на туризмот и запознавање со културните вредности и туристички потенцијали и помага во развојот на нашиот туризам. Ние како Министерство го поттикнуваме развојот на домашниот туризам, но исто така ги поддржуваме и туристичките агенции кои нудат посети на други земји“, е ставот на министерството за економија.

Министерот Венко Филипче вчера потврди дека разговарал со грчкиот министер за туризам, Теохарис и го известил дека Грција ќе ги отвори границите за македонските граѓани на 14 мај.

“Но, ќе биде задолжително да се покаже сертификат за вакцина или негативен ПСР тест. Јас зедов обврска да испратам како ќе изгледаат нашите сертификати и листата на кодови, како и листите со нашите лаборатории кои се лиценцирани тестирање. Се надевам дека нешто драстично нема да се случи и да се влоши епидемиолошката состојба“, рече Филипче.

Истите услови ќе важат и за посета на Хрватска, а Бугарија иако ги олабави мерките за своите граѓани, не најави ништо за летната туристичка сезона и останува правилото за влез со негативен ковид тест,  додека Турција најави дека наскоро туристите ќе патуваат без ПЦР тест.

 

Орце Костов

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.