ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 03/30/21 12:12 PM

Лице кое ќе ги советува функционерите при етички дилеми, зајакнети капацитети на ДИК и промени во работата на БЈБ – дел од препораките на ГРЕКО

Втор последователен охрабрувачки извештај од ГРЕКО доби Македонија, во кој се нотира дека од вкупно 23 препораки, имплементирани се 13. Властите ветуваат дека останатите ќе ги имплементираат до следниот извештај на ова регулаторно тело на Советот на Европа за мониторинг на антикорупциските стандарди.

На заедничката прес-конференција со министерот за правда Бојан Маричиќ и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, вицепремиерот Љупчо Николовски напомена дека во Извештајот, ГРЕКО позитивно го оценува донесувањето на новиот поприменлив Кодекс за етичко однесување на именуваните функционери, дава експлицитен позитивен коментар за измената на владината Уредба за примање подароци, но го поздравува и транспарентното објавување на имињата на сите советници во Владата.

Николовски најави дека во претстојниот период интензивно ќе продолжи спроведувањето на системските реформи што ќе доведе, како што оцени, до создавање функционален систем, со транспарентни институции во служба на граѓаните.

Во извештајот за усогласување на Република Северна Македонија кој се однесува на исполнувањето на Препораките од Петтиот круг на евалуација на тема „Превенција од корупција и промовирање на интегритет на централната власт, ГРЕКО нотира напредок во делот на препораките за борба против корупција. Тоа е показател за јасно изразената политичка волја за спречување и крајно искоренување на корупцијата – истакна Николовски.

Со Кодексот за етичко однесување на именуваните функционери вицепремиерот, освен министрите и замениците министри, се опфатени сите функционери именувани од Владата, до најниско ниво.

„Особено е потенцирано дека се постапува согласно одредбите од Кодексот, односно дека веќе има слуачи на разрешени функционери поради прекршување на Кодексот. ГРЕКО дава експлицитен позитивен коментар за измената на владината Уредба за примање подароци, подготвена од страна мојот Кабинет и Министерството за финансии. Со оваа Уредба точно се пропишани процедурите за примање на протоколарни дарови од странски и домашни, физички и правни лица. Воедно сумите за протоколарни подароци на максимални 20 евра. Исто така се поздравува транспарентното објавување на имињата на сите советници во Владата, на официјалната веб страна. Во извештајот е нотирано дека веќе е изработен тест за интегритет на советниците на функционерите, преку кој се утврдува нивото на интегритет и способноста за детектирање за евентуални ризици од корупција. Со тоа ќе се проверат личните и професионални карактеристики на највисоките државни функционери како и нивото на познавање на практиките на антикоруптивно и добро владеење. Целта на овој тест е воочување на потенцијално ризичните коруптивни состојби, истите да бидат пример за останатите и секогаш во предвид да се има јавниот интерес“, објасни Николовски.

Во Кодексот за етичко однесување да има посебно лице за интегритет, кое ќе ги советува функционерите, препорачува ГРЕКО

Тој додаде дека во делот на назначување лице за интегритет и судир на интереси, се препорачува да ја прифатиме и имплементираме сугестијата на ГРЕКО во Етичкиот кодекс јасно да се пропише позиција на посебно лице за интегритет, надлежно за давање совети и насоки на министрите и другите функционери и нивните советници во случај на појава на етички дилеми кај нив.

„Заедно со програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје работиме на изработка на компаративна анализа за потребата од донесување на закон за потекло на имот и капитал, а во изработката учествуваат меѓународни и домашни експерти. Со тоа конечно се воведува контрола на капиталот и се отвара патот за конфискација на нелегално стекнатиот имот“, информира Николовски.

Да се зајакнат капацитетите на ДИК, една од препораките во најновиот извештај

Министерот за правда пак, потенцираше дека документот ги поздравува ресурсите кои државата ги обезбедила за развој на софтверски решенија и бази на податоци во работата на ДИК, но капацитетите на институцијата допрва треба да се зајакнат.

„Конечно оваа важна Комисија работи по нов закон со зголемен буџет и има буквално отворен простор на одреден начин да ја предводи борбата против корупцијата заедно со владата и правосудните органи. ГРЕКО е задоволен и од изработката на практичен водич од страна на ДКСК во кој има јасни насоки за функционерите како да го идентификуваат евентуалниот конфликт на интерес во своите редови“, додаде Маричиќ.

Тој информира дека ГРЕКО препорачува одржување обуки за членовите на Владата и на други функционери:

„Согласно препораката на ГРЕКО добро е тоа што со измените на Деловникот за работата на Владата се објавуваат имињата на оние кои присуствуваат на владините седници, а не членови на Владата, но ГРЕКО препорачува овие правила да се прошират и за лица кои учествуваат во одбори, комисии, стручни совети и слично. ГРЕКО дава позитивен коментар за измените на Уредбата за примање подароци. Елиминирани се неколку забелешки од претходните укажувања и намалена е висината на прагот за примање подароци. Она што преостанува е подобро менаџирање и водење регистер за подароците од страна на сите функционери“.

Маричиќ рече дека препораките биле имплементирани во период на светска пандемија, а останатите кои ГРЕКО ги утврдува во извештајот треба да се имплементираат до септември догодина.

Министерот за внатрешни работи, Спасовски ги оцени препораките како драгоцени и корисни за сите институции. Во своето денешно обраќање тој се осврна на измените на Законот за внатрешни работи и Законот за полиција.

„МВР формираше експертска група, која подготви измени на Законот за внатрешни работи и на Законот за полиција, целосно имајќи ги предвид Препораките на ГРЕКО, а текстовите на измените се веќе објавени на ЕНЕР и отворени за дискусија и коментари за пошироката јавност, додека во периодот што следи, овие предлог измени ќе влезат во Владина, односно собраниска процедура. Се очекува предложените законски измени да бидат усвоени од Собранието на Република Северна Македонија најдоцна до септември 2022 година, со што овие препораки, вкупно 6 ќе бидат оценети како целосно имплементирани, охрабрува констатацијата на ГРЕКО дека законските измени кои МВР ги има подготвено се во насока на деполитизација на полицијата“, нагласи Спасовски.

Се препорачуваат поинакви критериуми за избор на директор на БЈБ

Ова регулаторно тело препорачува оперативните наредби на полицијата да бидат издавани од директорот на БЈБ, наместо од министерот за внатрешни работи. Се препорачуваат и нови, дополнителни професионални и објективни критериуми за избор на директор на БЈБ, забрана за полициските службеници да членуваат во политички партии или да бидат носители на партиски функции, задолжителен тест за интегритет за сите кандидати за полициски службеници и вработени во МВР, редовна и континуирана проверка на интегритетот на сите постојни полициски службеници и вработени во МВР, како и проширување на бројот на вработени во МВР кои ќе бидат обврзани да поднесуваат изјави за имотна состојба и конфликт на интереси, а кои во овој момент не се опфатени со Законот за спречување на корупција и судир на интереси.

Според Спасовски, позитивен сигнал од ГРЕКО е оценката за соодветната надворешна контрола врз полициските сили, и тоа од страна на Омбудсманот и посебното одделение во Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција.

 

 

 

 

В.М.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7