ММС

Објавено на: 04/6/21 12:13 PM

Без љубов нема посветеност, без посветеност нема успех – Лада Шоптрајанова Петровска изработува уникатен и модернизиран филигран

-Мојот прадедо по мајка (кого јас, за жал, никогаш не го запознав) бил златар и часовничар, па можеби оттаму потекнува љубовта кон изработувањето накит, можеби има некоја „жичка“ што генетски се пренелa, вели Лада Шоптрајанова Петровска која изработува уникатен и модернизиран филигран кој е омилен кај дамите.

-Филигранот го засакав благодарејќи на врвниот мајстор Вангел Деребан, најдобриот филигранист на овие простори. Со сестра ми постојано одевме во неговиот дуќан во чаршијата во Охрид, се восхитувавме на неговото мајсторство. Уште оттогаш посакував да станам филигранистка и сега, еве, таа желба си ја исполнив. Полека го развивам мојот бренд „Филигран Ларго”, сега се’ уште повеќе како хоби , а зошто да не и како идна професија, вели Шоптрајанова  Петровска за почетоците, кога се родила љубовта кон мајстријата на филигранот и открива од кои големи мајстори го испекла знаетот.

– Завршив курс во Здружението на филигранисти на Македонија, драг учител, кој подоцна ми стана и драг пријател, ми беше Александар Милев – Баки. Подоцна учев и од постарите мајстори на филигранот во Скопје, учествував на куса работилница во Јафа (Израел), но за да се напредува во мајсторството најважно е континуирано да се работи и да се експериментира со нови форми и техники. Од сопственото искуство многу се учи, вели таа.

Филгранот бара многу внимание, но и љубов. За едно уникатно парче како што открива Лада потребни се неколу часа, но понекогаш поради специфичноста на парчето може да се израбтува и со денови.

-Секое делче од накитот се изработува и се вметнува рачно, едно по едно. Потребно е големо трпение и исклучителен спокој. Во зависност од величината на парчето накит и од сложеноста на моделот што се изработува потребни се од неколку часа, до неколку дена.

За да биде траен филигранот мора да биде направен од сребро со чистота 999, 970, 950 и 925 промили, а за чипката на филиранот се користат претходно изработени жици со различна дебелина; најтенката, онаа од која се прави внатрешната шара на накитот („чипката“) е дебела само четвртина милиметар. Филигран се работи и со злато, особено на Малта и во Португалија, но и кај нас, додава таа.

Таа вели дека не го сака традиционалниот македонски филигран, па поради тоа станува претпознатлива по нејзината модернизација на овој накит.

– Филигранот кај нас се изработува и се носи од дамнина, а својот повторен процут го доби по филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, заради филигранската пеперутка на Деребан која е прикажана во една сцена од филмот. Пеперутката, кај многумина, стана првата асоцијација за филигран. Но јас не ги сакам традиционалните форми и модели (со сета почит кон сите кои ги изработуваат), јас сакам на филигранот да му дадам посовремена нишка. Правам накит со почисти линии и нов, свеж изглед, а сепак го задржувам традиционалниот начин на изработка.

Македонките се познати по тоа дека сакаат добро да изгледаат и да носат кавлитетни парчиња накит, затоа ја прашавме Петровска дали оваа уникатна ракотворба се цени од страна на купувачите.

– Секое парче има свој потенцијален купувач, но на сите вкусовите ни се различни. Оној кој навистина сака уникатно парче накит знае и добро да го плати (бидејќи и да сакам, никогаш не можам да направам два сосема исти приврзока, на пример, но во тоа е убавината на рачната изработка) секогаш ќе одбере рачно изработен накит, а не накит од сериско производство, открива таа.

Пандемијата го поремети животот на сите и ги натера луѓето да кратат од многу нешта, од многу задоволства, па и накитот. Ова состојба не ја иззема и изработката на накитот од филигран. Лада вели дека оваа состојба ги погоди сите.

-Пандемијата сите не’ погоди и сите, некако, си кратиме од ситните задоволства, меѓу кои е и носењето накит. Но пандемијата нема да трае бесконечно и повторно ќе си угодуваме себеси. Повторно ќе патуваме, ќе се дотеруваме повеќе, ќе носиме накит. Филигранот, освен што е убав, е и добра инвестиција. Ако се носи и чува со внимание, филигранот е вечен и се носи со години и со генерации. Јас имам еден филигрански брош, наследен од прабаба ми, а стар околу 100 години, советува таа која е вљубеник во уметноста, бидејќи по професија е виолинист.

– Love is the answer. Колку и да звучи како клише, навистина е така. Без љубов нема посветеност, без посветеност нема успех. Ова важи за сите професии, а особено за уметничките, вели Петровска

 

Весна Петровска

фото: Маја Аргакијева


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.